Се нервирам на натпревар со Радовиш, рефреширам 5 пати во минута плашејќи се за резултатот во Прилеп, следам меч со Струмица како да играме со Барселона... Пред 3 месеци ќе му се изнасмеев на тој што ќе ми кажеше дека е возможно вакво нешто, ама за жал денес тоа е нашата тажна реалност. Висока победа денес ни носеше помирен втор натпревар и на некој начин осигурано второ место, но без разлика на составот, Металург секогаш се решава за потешкиот пат. Сепак честита победа момци!
Единствен кој заслужи да се издвои денес е Џукиќ, иако нервите го издадоа на крајот на мечот и направи неколку грешки. Но во секој случај БРАВО ДАРКО!!! Немаше меч сезонава во кој не прикажа максимална желба и борбеност. Браво дете и за тоа што беше единствен кој се обиде да ја смири глупавата публика. Сите останати треба да се огледаат на твојата пожртвуваност сезонава. Браво уште и за Гоце, Митревски, Бувиниќ и Пешевски, останатите не добивте преодна оценка денес и затоа од сите очекувам далеку подобра игра наредниот пат. Ако ја повторите оваа игра во Струмица, мислам дека црно ви се пишува.
Гледајќи ги резултатите цела сезона мислев дека Зомимак е многу јака екипа, ама денес видов дека првенството ни било слабо, а Зомимак е прилично просечен тим, далеку под нивото на екипите од Сеха. Штета што управата на Металург не сметаше дека Вуги или Жути и е потребен на оваа екипа, бидејќи со еден од нив во тимот, Зомимак ќе доживееше убедлив пораз. Квалитетот е според мене на страната на Металург, не малку, многу е поквалитетен Металург од Зомимак, и баш затоа овој резултат не треба многу да не плаши, бидејќи второто полувреме тек следува и овој Металург може да биде само подобар.
А кога ракометар кој си го сакал и чија борбеност си ја бодрел, демонстрира сила и бруталност врз ракометарите на екипата за која навиваш, не е воопшто пријатно. Тек сега можам да разбирам еден коментар од минатата година на еден навивач на Вардар кој се чудеше на играта и омразата на браќата Маркоски во натпреварите со Вардар. Таа игра ми годеше минатата година, ама денес секој гол и секој контакт во одбраната длабоко ме погодува. Ама таков е спортот за жал, до вчера најдобри пријатели, а денес први непријатели. Не ми се верува дека за помалку од еден час целата љубов кон Велко премина во невидена одбивност и нетрпеливост. Не сакам ни да помислам како ќе гледам натпревар Металург - Вардар наредната година, кога најмалку 4 од противничките ракометари на теренот ќе бидат ракометари кои до пред некој месец го носеа сино - белиот дрес. За нив ракометот е само работа и изгледа не ги врзуваат никакви чувства за Металург, иако некои од нив се тоа што се денес благодарение на клубот од Автокоманда (пред се мислам на Манасков, па и на Циндриќ), ама сето тоа за нас навивачите е вистински хорор. За разлика од Велко, Пецак не беше долго во Металург, лани се мачеше гол да даде дури и против слаби екипи како Партизан, ама затоа денес реши да се изнаигра против Митревски. Ланскиот Металург ни ги зададе главните удари денес и тие се оние кои треба подобро да се затворат на наредниот натпревар.
А тоа што се мислиме фини, се филмаме дека сме покултурни од навивачите на Вардар, дека нашите натпревари секогаш биле празник на ракометот е далеку од вистината и за жал ниту една навивачка група нема основна култура. Поради вашиот испад, клубот ќе биде казнет, а ракометарите не добија ништо од тоа. Оваа глупост нека ви служи на чест, бидејќи со вакви постапки само му одмагате на клубот!
Момци прославете ја победата денес и од утре засукајте ги ракавите бидејќи имате уште многу работа. Ви посакувам среќа во останатиот дел од сезоната, бидејќи возбудата денес барем малку ме потсети на онаа нервоза од натпреварите со Барселона, ПСЖ и Вардар лани и затоа од се срце вам, но и на себе си го посакувам второто место и уште многу натпревари со екипи од тој калибар. Со среќа,
Спортски поздрав.
No comments:
Post a Comment