Monday, August 25, 2014

Европско Првенство за ракометари до 18 години

Заврши уште едно првенство. Исто успешно како претходното. Пред да почне реков само да не сме пак 16 - ти, и ете не сме, напреднавме, голем успех направивме. Го следев и ова првенство, иако морам да бидам искрен многу поретко од претходното, ги изгледав првите три натпревари, 3 порази, не го гледав четвртиот, и оп победивме, си помислив малер сум, ама не било до мене, нанижаа уште 2 порази после тоа.

Пласманот е ист, ама јас не сум разочаран од оваа генерација. Верувам дека требаа да бидат на најмалку десето место, ама им фалеше малку среќа. Среќата е многу битна во спортот, а за жал децата ја немаа.

Првенството го започнаа како во транс, голови, одбрани, Русинчињата ем ниски, ем мали, ем топката не знаеја кај се наоѓа. Гледам и се радувам, си викам победата е сигурна. Шпанија и Данска одиграле многу тесен натпревар, можеме да земеме барем бод на тие 2 натпревари. И дури си правев планови за понатаму, разликата магично од плус осум дојде на плус 2. Дадоа нашите гас, околу 7 минути пред крај солидни плус 5 и навистина мислев дека се е готово. Ама не беше, нашите беа тие што не знаеја што да прават на теренот и што појма немаа кај е топката. Возот отиде, а со тоа и пласманот понатаму.

Нареден ден, нов натпревар, нов противник, чуден противник. Не знам дали некој од многуте новинари што известуваа за натпреварот го изгледа натпреварот или само прочитаа статистика и напиша 3 реда. Освен првите 10-тина минути кога навистина не ни одеше шутот и губевме со 3 - 0 ( Шпанците беа далеку од сјајни, играа очајно исто како и ние ), фативме ритам и наредните 20 минути ги одигравме во егал. На полувреме со отиде со оние првичните 3 разлика. И после воведниот шок ние бевме екипата што пополека ги земаше работите во своите раце, ама за жал делегатот на натпреварот, ГРК не мислеше така. Се шеташе по теренот, ја исклучуваше нашата клупа, па по некој ракометар, па прекинуваше игра и си правеше што му падне на памет. И така играта ни се распадна, изгубивме 12 или 13 разлика, а не ни беше дозволено да играме како што знаеме.

Понатаму сите натпревари беа повторно измачување како и кај нивните постари другари, имаше надеж за пласман на Светско, ама бевме пократки за еден гол против Исланд. Кога велам немаа среќа, не мислам за поразот од Русија, тој го заслуживме самите,  мислам на овој натпревар. Една одбрана плус, или еден погоден зицер и сега ќе правевме поинаков муабет и ќе прославуваме дека имаме добра генерација што избори пласман на Светско Првенство.

Што ме радува после првенствово? Тоа што имаме страшна генерација. Освоеното место не го кажува тоа, ама Талески е веќе голем ракометар!!! Нелоски е страшен ракометар, по пауза од скоро 2 години, се врати на најдобар можен начин. Давитковски и Велковски можат да бидат солиден тандем, не врвен, ама солиден, а во Палевски имаме крило за високи дострели, бестрашен, брз и безобразен, сите квалитети што треба да ги има едно крило. Од голманите за жал не можам да издвојам ни еден, сите одиграа максимално просечен турнир, Маркудов и Бошковски се надополнуваа, но не ме воодушевија воопшто, треба да работат уште многу за да станат добри пивотмени. Најголемо разочарување ми беше Крстевски, во отсуство на Неловски он ја држеше играта во свои раце, но на ова првенство не успеа да се наметне воопшто.

И нормално, најболната точка е повторно селекторот. Тешка група ќе рече некој, ама он вети медал пред да отиде. Има поталентирана генерација од Петковски, а не успеа да добие ниту еден битен натпревар. Повторно фалеше тактика, промена на одбрана кога не оди, промена во напад кога е Талевски затворен, било каква промена на теренот.

Со години патиме од тоа што немаме соодветен кадар за работа со младинските категории. Треба РФМ да земе да инвестира во тој дел, бидејќи заради неспособни тренери одигравме 3 катастрофални првенства летово. Секој сака да напредува во својата професија, само тренерите во Македонија мислат дека знаат се, дека не треба да учат воопшто, епа извинете ама грешка сте. Никој не ви оспорува дека сте биле добри или просечни ракометари, ама за да бидете тренери ви треба нешто повеќе. Ако не можете самите да си дозволите да отидете на некој семинар подалеку, отидете некаде на Балканот, барајте начин и самите да се надградувате. Моментално во Македонија имаме 2 неверојатни тренери, а не сме искористиле ништо од нив. И Јовиќ и Петковски имаат од кој да учат, ама не сакаат. Тоа е општата ситуација во Македонија, секој е презадоволен со тоа да биде просечен, ама веќе е доста, доволно ни го уништувате ракометот!!! Ако сте задоволни со тоа да бидете просечни, тогаш бидете задоволни и со тоа да учите ракомет деца од 5 - 10 години, а не да уназадувате веќе изградени ракометари. Крајно време е некој да ја превземе вината за неуспехот летово, секаде во светот селекторите одма го прават тоа, само кај нас сите молчат. Ако нашите драги селектори самите не го сторат тоа, се надевам дека РФМ е доволно самостојна организација и по автоматизам ќе додели 3 откази.
Само страшното е што немам никаква идеја кој може да ги наследи, нема тренер во Македонија кој е на едно повиско ниво од другите, можеби со исклучок на Пепи Манасков. Каков тренер ќе биде он ќе видиме тек за некоја година, зошто да бидеш прв во Прва Македонска Лига и не е некој предизвик.

Сепак после ова првенство можам да заклучам дека иднина во македонскот ракомет не е розева како што се надевав дека може да биде, ама не е ни толку црна како што изгледаше пред неколку години.

Спортски Поздрав.

No comments:

Post a Comment