Monday, August 25, 2014

Кошарката во Македонија

Ракометот ми е дефинитивно спорт број 1, и го следам на секое ниво, се изнагледав натпревари на нашата кадетска и младинска репрезентација летово, додека пак младинската кошарката ја следам само преку нашиве портали, не сум побарал стрим за да изгледам некој натпревар.

Ако на репрезентацијата до 18 години можев да и простам што заврши на претпоследно место во Б дивизија, на оваа до 16 не можам никако. Магдевски, Николов, Младеновски и Арсовски требаше да бидат носителите на таа генерација, тројца од нив беа прекомандувани во првиот тим, а четвртиот за жал не е повеќе наш, па без четворица од стартната петорка не им одеше играта толку едноставно како што си мислеа. Ако не се лажам оваа генерација на претходните 2 првенства беше на чекор од А дивизија и на 2 пати паѓавме на последната пречка. Се на се генерација од која излегле 4-ца играчи, а и уште неколку кои со своите игри на ова првенство покажуваат дека имаат потенцијал.

Генерацијава до 16 години стартуваше на првенство кое се одржува во Македонија со најава дека имаме шанса само за победа на првиот натпревар. Каков менталитет имаме, страшно. Какви селектори имаме, уште пострашно. Играчите му покажаа дека не е така, успевме да оствариме уште една победа на вториот натпревар, но за жал денес Грузија не врати на земја и прекинавме да сонуваме дека ќе продолжиме понатаму. Играме во Б дивизија, Б. Значи на освоеното место му се додаваат уште 16 за да се добие реалната бројка, ама ние уште се лупаме во гради и викаме дека сме четврти во Европа иако лани бевме пак четврти, ама од назад.

Немаме млади играчи, школите ни се катастрофа, ама затоа се решивме да увезуваме треторазредни странци зошто се просто поефтини од нашите. Клубовите ги разбирам, сакаат да заштедат, ама кога слушав еден ИДИОТ на телевизија, кој патем во тоа време беше претседател на здружението на клубови и на КК Куманово дека уствари ова е за доброто на нашата кошарка. Дека ти ако си добар секако ќе имаш каде да играш, дека Тоше бил навикнат да освојува троефеи, па заради тоа му пречело правилово, сега и другите клубови сакале да освојуваат, дека игрчите се плашат од Тоше и заради тоа пристапиле кон бунт и слично. Со ова правило само се уништува кошарката во Македонија, МЗТ имаше лани 6 странци, и нашите играчи добија многу полимитирана минутажа во АБА лига, ама го изнесоа товарот во нашата лига. Никој не им забранува на клубовите да имаат 10 странци ако сакаат, нека игра со 10 странци Куманово или Кожув во БИБЛ, ама нека има место за игра за нашите играчи барем во нашата лига. Ако тие играчи не почнат некаде да играат, како ќе станат кошаркари, како ќе имаме кошарка во државава???

Треба да има странци, ама странци кои ќе напрват разлика и ќе бидат од корист за нас како држава, странци од светска класа од кои нашите играчи ќе учат, странци како Дибиров и Вугринец, а не како Џексон, новиот играч на МЗТ, донесен да се пополни бројот на странци до 6. Можам да се кладам дека Џексон е поефтин од Симоновски или Димчевски и МЗТ се решава да го донесе за помалку пари. Наместо да се оди на квалитет, кај нас се оди само на квантитет. Тоа е исто како кога одите во шопинг, дали ќе купите 2 пара кондури од 500 денари или едни од 2000 не е исто. И едните и другите се добри на изглед, ама само едните се добри за вас.

Според мене МКФ е на дното од сите федерации во Македонија. Наместо да застане на страна на кошаркарите, за да ја заштити нашата иднина, денес вика едно, утре друго, денес ги подржува клубовите, утре играчите, како им текне, само сите да се среќни, а всушност се е огромен хаос. Беше понудена оставка од претседателот ако не се пласираме на Европско, ама еве се пласиравме, па нема да успееме да се спасиме од него. Најинтересно е што нема друг кандидат за претседател. Мислам дека претходната година на гласање на седница му беше изгласан нов мандат со 100% за, бидејќи немаше никој друг пријавен.

Кога сме веќе кај МКФ, како можеа да дозволат Николов да нема државјанство, како можеа да му бараат пари како доказ дека ќе се врати да игра за нас. Вината е 50 - 50. Родителите на Николов, видоа дека нивното дете е златна кокошка и решија да заработат на него. Оставија што и да работеа во Македонија, патот под нозе и решија да живеат на сметка на синот. Ама Турците не сакаат така лесно да се дадат. Голем проблем настана околу ништо. Ко што сме прости како народ, место се да се реши мирно, без фама и никој да не знае, направија државен непријател од детето. Ако он сака да игра за Македонија, ништо не може да го спречи во тоа. Ама ако не сака и се откажал од нас за да игра за Турција со тоа што не му давале дозвола само повеќе го изнервирале. Место политички како луѓе да го решат проблемот, направиле кавга на деценијата. Македонија го изгуби дуото на иднината Магдевски - Николов, двојка која можеше да ја покори Европа, а Николов загуби шанса на 18 години да биде херој на својата земја ова лето. Сигурна сум дека гледајќи ја Македонија како победува летово не му е сеедно што не е во Борис Трајковски, ама се од тука понатаму е негова одлука. И Илиевски имаше некои проблеми со некој во репрезентација / федерација и со години не дојде да игра за нас, ама сфати какви грешки направи од брзоплетост, успеа да се поправи и стана херој. Животот е пред Николов, има само 18 години, ама секоја грешка многу скапо се плаќа во животот, а ваква како неговата уште повеќе. Прашината околу него се крена во мај некаде, а он веќе 5 или 6 месеци не бил наш државјанин. Сигурен сум дека имал доволно време да извади и турско и наше државјанство за тоа време.

Иако репрезентацијата не радува деновиве, сепак нивото на кошарка во државава е на многу ниско ниво. Немаме квалитетни тренери, само ги рециклираме едните исти, се вртат, од селектор, во Работнички, во Кожув, Куманово, па помошник селектор. Никакви тренери на младински категории, кондициони тренери. Сите знаеме дека успехот во Литванија беше во голема мера поради кондиционит тренер, ама лани магично решивме дека не ни треба. Истото важи за сите спортови во земјава, селекторите ги бираат федерациите на пријателска база, да не се налути некој, а се се тоа максимално некомпетентни личности кои спортот ни го носат во провалија. Треба од корен да се менува размислувањето за професијата тренер во Македонија.

Спортски Поздрав.

No comments:

Post a Comment