Thursday, August 14, 2014

Европско Првенство за ракометари до 20 години

Си викам ај денес, ај утре и ми помина многу време од младинското европско првенство, а еве денес почнува и кадетското. Првите ги пративме на европско и очекувавме да се вратат со медал, ама они ни мавнаа добар reality check, па сега од кадетиве не очекуваме многу, бараме само да го подобрат нивниот пласман, шеснаесети од шеснаесет.

Ми се олади веќе мозоков од темава, нема текстов да ја има жестината што ја заслужи, ама секој што ќе ми каже дека беше успех само тоа што учествуваме се лаже. Нели е крајно време да прекинеме само да учествуваме и да направиме нешто повеќе? Нашиот селектор пред тргнување изјави дека нас ни е битен само натпреварот со Норвешка, на другите 2 натпревари, нема што да бараме. Како тој човек, со таква изјава после да застане пред тие деца и да ги мотивира да се борат и да гинат за секоја топка???

Бев на сите натпревари од квалификациите во Скопје и видов дека постои неверојатна врска меѓу децата, огромна желба да се победи, да се избори место на едно првенство после многу години. Се бореа, гинеа, ги надиграа сите, имаа солидни напад и одбрана, но сепак воглавно се се темелеше на индивидуални шутови на Манасков и Талески, а не може и да не се споменат и трите одличните партии на Ивановски.

Доаѓа време за подготовки, селекторот создава сосема нова репрезентација, деца кои претходно никаде не играле, и зема само пола од оние кои го изборија пласманот таму (без да планира воопшто на цело првенство да ги стави во игра), а притоа не менува ништо во играта, се се темели повторно на 3 играчи.

Го гледам првиот натпревар, си викам почетника трема, добро второ полувреме, ајде сепак Шпанија е велесила, ќе биде подобро. Плус натпревар со само неколку одбрани, а без добра одбрана не се добива натпревар.

Вториот натпревар, Франција. Точно дека имаат страшно добра сениорска репрезентација, ама ништо повеќе. Го гледам натпреварот и си викам имаме шанси, Французите беа многу слаби, правеа многу грешки, ќе успееме да ги победиме, ама не, ние правевме повеќе грешки. И после овој натпревар, така и на секој нареден, не дека толку беа подобри од нас, просто ние немавме никаква игра, немавме никаква одбрана и никаков напад. Децата само чекаа да заврши секој натпревар, зошто веќе им беше преку глава од играње, а играа очајно, се бркаа по теренот како "муви без глава". Ги изгледав повеќето натпревари и не можев да си поверувам на очите. Не можев да го изгледав целиот натреварот со Естонија, бидејќи срцето ќе ми пукнеше гледајќи како држава што можеби нема ни професионална лига не растура на терен, а не се ни потрудив да го побарам последниот со Израел, бидејќи немав желба да ги гледам како се борат за претпоследно место.

Повеќето од децата ги гледав сезонава во Металург Јуниор, отидов неколку пати да ги гледам зошто сакав да видам дали се стварно добри како што ги фалат насекаде и можеби со присуството им донесов среќа, ама децата го победија Пелистер, па на два пати и Тинекс Пролет и одиграа солиден меч со Металург. Значи репрезентацијата беше составена воглавно од тие деца, плус неколку деца од другите клубови кои се сигурно најдобри таму. Значи квалитетот постои, талентот е тука, а каде ни беше играта на првенството? Дали имаше извежбани акции кои треба да претставуваат лесни голови, дали децата знаеја од каде им доаѓа најголемата опасност, дали некој им кажа да ја променат одбраната кога се гледа дека не оди? Не можам да кажам со сигурност, ама мене дефинитивно не ми изгледаше така. Селекторот си ја немаше завршено домашната задача, ги немаше тактички подготвено децата, а психички па воопшто, зошто одма сите до еден паднаа под притискот.

Селекторот е крив колку и тие што го поставиле на таа позиција. Јас не сум добро запознаен, ама каде бил тренер и каде го испекол тренерскиот занает нашиот селектор?

А ние како држава сме дефинитивно махери за бирање селектори, или кошот ни е крив или родителите се криви што јас не знам да ја поставам играта или мудро ќе си ќутам како дотичниов селектор и никој нема да ме смета за крив. Очекував веднаш по доаѓањето во Македонија да си даде оставка и да даде некоја изјава да објасни што се случи таму, ама не, он реши да си премолчи, па може ќе се заборави и ќе успее да земе и да уништи уште некоја генерација.

Далеку од тоа дека мислам дека е само он крив, криви се и играчите кои не се трудеа доволно, ама тренереот е тој кој треба да извади 102% од тебе.

Сега ни останува само да им посакаме среќа на кадетите денес. Се надевам дека ќе успејат да ја победат Русија денес и ќе почнат да испишуваат една многу порозева страница во македонскиот спорт.
                                                       
Спортски поздрав.

No comments:

Post a Comment