Tuesday, September 2, 2014

Кошаркарска репрезентација на Македонија

Литванија само што претрпе пораз на Светсково Првенство во Шпанија и тоа од Австралија. Поразот на Литванија ме врати во 2011 и ме потсети на нашата победа на нивен терен. Колку се изгледаше прекрасно, сите бевме во облаци, се славеше мислам цел месец, светот слушна дека се играло кошарка и во Македонија. Поминаа 2 години, истиот состав, друго првенство, спуштени брутално на земја. Чија е вината, на федерацијата, на селекторот, на играчите? Селекторот избега во Словенија, а објаснување од никој друг не добивме. Фрчеа слики од дискотеки низ Словенија, пијани кошаркари, ама се им се прогледа низ прсти зошто Литванија сеуште ни беше свежа во сеќавањата.

Нов циклус, нов селектор, дојде време за квалификации по долго време. Не одигравме само еден квалификациски циклус ама некако веќе не ни се играат квалификации, станавме преголеми ѕвезди. Еден по еден почнаа кошаркарите да му откажуваат "љубов" на селекторот.

Антиќ одигра навистина напорна сезона и неговото откажување помина некако најлесно, но тие што следеа дојдоа само од страв, страв од неуспех, страв дека не сме доволно добри. Чековски одигра сезона на високо ниво во МЗТ, за Самарџиски од време на време читавме по некоја статија дека постигнувал поени во Турција, Илиевски долго беше без клуб, но во вториот дел од сезоната заигра во Нимбург и ако не се лажам освои дури и титула со нив. Овие тројца кошаркари требаше да ја претставуваат првата петорка на репрезентацијата надополнета со близнаците Стојановски, ама си измислија свои причини и се решија да не играат повеќе за Македонија. Не знам зашто чуствувам огромен гнев кон Чековски и Самарџиски, а оној кон Антиќ и Илиевски е далеку помал. Дали поради тоа што сите сме свесни дека првиве двајца немаа никакви проблеми и во последен момент исплашени од предизвикот да ја превземат целата одговорност на свој грб излегоа огромни кукавици и пуштија други момци да ја бијат нивната битка, па ако бидне, бидне, ќе се вратиме пак да играме, ако не, не сме ние криви, "повредени бевме".

Сепак сигурноста која ја носи Илиевски во оргнизацијата на играта на Македонија, е она што ме прави попостлив кон него. Со Илиевски нема изгубени топки и неплански изгубено време во напад, така да и покрај "предавството" што го направија летово сметам дека место во репрезентацијата за него и за Антиќ треба да има, ако ништо друго затоа што беа единствени кои играа со срце и душа на секој натпревар во Словенија, додека сите останати отидоа максимално туристички.



Преминувам на момците кои играа летово и ни покажаа дека и без големи ѕвезди, со правилен пристап кон секој меч, со голема борба, желба за докажување може да се постигне се. Не победија големи велесили како Литванија, ама секој натпревар беше посебна битка, битка прво против јавноста, против оние неверниците, против самите себе, против оние кои донесоа правило за 6 странци во нашето првенство, против бившите репрезентативци кои не сакаа да се испотат летово. Црно ни започнаа квалификацииве, по првите 20 минути со Белгија, натпреварот делуваше изгубен, ама се случи чудо, момците одиграа второ полувреме како во транс и продолжија на тој начин до крајот на квалификациите.

Најголем проблем кај сите наши спортисти и екипи е психата, ама оваа екипа е единствената која сум ја видел што нема никаква бариера во мозокот. Се вратија против Белгија, па и против Белорусија на гости. Таму имаа фантастичен старт, следуваше катастрофална втора четвртина, ама не запреа, не се повлекоа, туку најдоа начин да се извлечат од меланхонијата, од бездната и да победат.

Има место за голем напредок во играта, како во одбраната, така и во организацијата на нападот. Фали поголема дисциплина во играта и дефинирање на обврските на секој на теренот. Единствени центри на светот што знаат да шутираат тројки се нашите центри, и навистина се добри во тоа, но не може да се претерува со тоа, не може центрите постојано да седат на шут за три наместо да бидат под кошот и да чекаат проигрување на нивната природна позиција.

Впечатокот за сите 14 момци кои ги бранеа летово боите на Македонија е одличен, Војдан си ја превзема улогата на лидер и заедно со Бојан се дополнуваа максимално на сите натпревари. Хендрикс имаше најтешка задача, не е лесно да наследиш некој кој е реално незаменлив. Не се очекува од него да биде главен играч во тимот како што беше Бо, пружи добри партии во квалификацииве, но ќе очекуваме одлични партии од него на престојното првенство. Костовски го издржа главниот товар на плејмејкерската позиција и одигра солидно, но неговиот стил на игра е премногу ризичен и топките не стигаа секогаш на поскуваното место. Магдевски има точно уште една година да акумулира искуство во Шпанија и да експлодира наредното лето. Дамјан, Симоновски, Соколов и Ѓуровски максимално го искористија времето поминато на терен и сите од нив погодија во битни моменти, иако сите воглавно ја паметиме тројката на Симоновски против Белгија. Брчков, Јаневски и Димчевски не добија голема минутжа летово, но верувам дека Џикиќ може да се потпре и на нив за наредната година. Младеновски ја има целава оваа година да покаже дека заслужува да се најде на Европското првенство, а со оглед на составот на МЗТ за оваа сезона, за очекување е тој да добие поголема минутажа во однос на претходната година, а со тоа и повеќе искуство и самодоверба. Крстевски за своето место исто така ќе треба да се избори преку својот клуб, бидејќи заедно со Младеновски двајцата не добија голема шанса летово.

Според мене Џикиќ би требало да направи селекција помеѓу овие 16 кошаркари. Сите ја имаат оваа година, да покажат дека токму тие се најдобрите на својата позиција. Се надевам дека ќе ги служи среќата и здравјето, па без повреди ќе направиме значаен успех на Европското Првенство.

Спортски Поздрав.



No comments:

Post a Comment