Thursday, January 22, 2015

Играјте машки, изгинете на терен и направете не горди

Се е возможно ако играте од срце за Македонија напишав пред некој ден, а нашите момци изминативе денови играат и со срце и со душа и со цело тело за Македонија. Уживав читајќи ги изјавите на големи ракометни имиња кои ја фалат нашата игра, зборуваат дека сме тајни фаворити, се чудат на нашата борба и сите до еден веруваат дека оваа репрезентација е спремна за голем резултат.


Тунижаните си ги средивме по брза постапка во "досаден" натпревар. Каков е тој натпревар кога не грицкаш нокти или не се тресеш до последната секунда? Ги средивме нив, ама ги мотивиравме сите наши противници, па по мечов наеднаш станавме репрезентација која игра напаѓачки ракомет, почнаа селекторите на нашите противници да зборуваат за нашиот напад, наместо за она што не красело со години, нашата одбрана.

Ракометарите решија да ја вратат возбудата во своите натпревари, не за друго, туку за да продолжиме да ги гледаме, знаат дека ако почнат сите да ги растураат со по 8 разлика, ќе го изгубиме интересот и одиграа 2 потесни натпревари, но натпревари во кои излезе на површина нивниот тимски дух, нивната хемија, нивната исклучителна блискост и поврзаност.

Три последователни победи и станаа нашите главна тема во сите балкански медиуми, сите изненадени од тоа како ние победуваме, мислиш ние вчера почнавме да играме ракомет или пак со вајлд карта дојдовме на првенствово. Почнаа да не фалат, ама сепак не го прифатија сите тоа најдобро. Некои се најдоа навредени... Како тоа можеле новинарите во Хрватска да пишуваат дека Македонците со поголема гордост играле за својата земја? Е како можат бе? Чудна работа.

За прво место во групата не ни помислувавме пред првенството, ни се укажа можност вчера за тоа, ама не ја искористивме, ако не постигнеш гол 12 минути и Саудиска Арабија ќе те победи, а не па Хрватска. Ако ние ги фативме Иран и БиХ на искуство и кондиција, нас на истата финта не фати Хрватска вчера, ама дека лесно не победија, не е вистина. Немаше Голужа да ја изгризе мајцата во првото полувреме или Чупиќ да се кара со новинарите, ако се било така розево на натпреварот, ама тоа воопшто не е битно, ќе ги оставиме да си се порадуваат на победата, а ние ќе си се спремаме за Австрија.

Дека очекувам злато, не очекувам, дека верувам дека сме тајни фаворити, реален сум и знам дека не сме, ама дека очекувам 2 победи во наредниве 2 натпревари, очекувам. Ако ние ја играме нашата игра, ако не му дозволиме на противникот да ни наметне брза игра и бркотница по терен, ако сталожено се чека вистинскиот момент за шут, тогаш ОИ ни се на дофат. Изиграјте машки и изгинете на теренот, ниту Австрија, ниту Словенија, нити Катар не се подобри од нас, со сите три може да се носиме, и не само што може да се носиме, можеме и да ги победиме.

И за крај ви ја посакувам целата среќа на овој свет, ви посакувам да се вратите како херои и да го остварите својот сон,
Спортски поздрав.

П.С.
Често среќавам паралели на првенствово со она легендарното во Србија, а денес и јас си направив една и суеверно ќе си верувам до крај дека тоа ќе ни донесе среќа. Ацо се повреди на еден од натпреварите на Европското, сите стравуваа дали ќе може да игра, ама стисна тој заби и со скршен нос диригираше со нашата одбрана до крај. Вчера повторно се повредил, е сега не е исто да повредиш нос и зглоб, ама знам дека Ацо ќе стисне заби и нема да им остави отворен пат на противниците кон нашиот гол.

No comments:

Post a Comment