Monday, January 26, 2015

Ви благодарам момци за прекрасните десетина дена

Тешко е, многу е тешко... затоа и текстов го пишувам сега, а не вчера. Не постоеше ништо што можеше вчера да ме натера да седнам на компјутер и да напишам се што чуствувам во моментот. Далеку од тоа дека сега се чуствувам многу подобро, ама денес е нов ден, ден во кој треба да влеземе посилни, ден во кој треба да влеземе попаметни и ден по кој треба да бидеме посложни од секогаш. Дека можевме, можевме, ама дека проклетата топка не сакаше да влезе кај што треба, не сакаше. Наеднаш целиот сон се струши и веќе никаква желба немам за ракомет, можеби душава ќе ми оздрави до недела, па ќе можам колку ради реда да го проследам финалето... не дека очекував да бидеме во него, ама знам дека мечот со Франција/Аргентина го заслуживме и требаше да го играме.


Оние прогнозите на Хандбал планет секоја година ме нервираат, секогаш мислам и сакам да можеме повеќе, ама секоја година се се поточни, и за годинава ни го имаа предвидено проклетото 9-то место освоено преку пораз од Словенија во осминафиналето. Иронично и болно, нели?

Пред неколку месеци за ракометарите на Металург напишав - момци капа доле за одиграното и главата горе зошто сезоната само што започна, е сега ви го кажувам вам истото без оној дел дека сезоната само што започна, зошто како што за жал за нив веќе што нема поправен, нема ни за вас... Но на ова првенство прикажавте маестрална игра и мора да бидете горди на тоа, ни го поткренавте адреналинот на сите во изминатава недела, уживавме во вашите натпревари, бевме пресреќни што сме Македонци, бевме презадоволни што играте за нас, што играте од срце, што прикажувате врвна борба на терен, затоа момци капа доле за целово првенство.

Оние кои се израдуваа на вашиот неуспех вчера и од се срце чекаа кикс за да можат да пишуваат статуси и твитови не ги ставајте ни на крај памет, за жал таков народ сме, покреативни сме во пораз отколку во победа. Запомнете ги само позитивните спомени од првенството, убавите коментари од целиот ракометен свет и подршката од оние кои до крај ќе останат со вас.

Знам дека разочарувањето е големо, сонот остана неостварен, ама вие сте одбрале да бидете спортисти, а поразите се составен дел од спортот, некои болат повеќе, некои помалку, ама за жал сите се паметат засекогаш. Немојте да мислите дека ако нареден Јануари натпреварите ги проследите од дома поразите ќе ги поднесете полесно, мое искрено мислење е дека болката ќе ви биде уште поголема затоа што не сте на теренот и не помагате во новата битка.

Е сега место да се радуваме денес за жал мораме да правиме нови математики, пред 3 години ние им го скршивме сонот на Словенците, ама тие излегоа посилни по тоа искуство и станаа четврта светска сила наредната година, истото може да го направиме и ние, па по далеку потешкиот пат да стигнеме до она што сите го посакувавме.

Најважно е сега да останете сложни и да продолжите по патот кој го терате веќе десетина години, не смеете да почнете со несогласувања, со обвинувања и откажувања... не може репрезентацијата да продолжи без Кире, без Жути, без Борко... промени се потребни, потребно е постепено подмладување на репрезентацијата, ама во никој случај не можат да се сменат 10 играчи во една година.

Како за крај само сакам од се срце да ви се заблагодарам за претходнава недела и да ви посакам многу повисок пласман на наредното првенство,
Спортски Поздрав.


No comments:

Post a Comment