Friday, January 16, 2015

Се е возможно ако играте од срце за Македонија

Студено, но сончево утро во Македонија, утро кое ми мириса на успех, ми мириса на победа... Утро кое е предвесник на денот кој треба да ја почне нашата успешна мисија кон Рио.


Катар ги отвори вратите за ракометниот свет минатата недела, направи спектакуларно отварање вчера, а денес на ред стапуваат ракометарите. Сите 24 репрезентации имаат иста мисла во главата, секој знае дека местото во Топ 8 е возможно ако се даде се од себе, ако се има среќата на своја страна, ако се погоди денот, ако се фати само една топка, ако се пресече само една акција, ако, ако... Сите се свесни дека се е возможно ако веруваат дека можат, ако веруваат дека знаат, ако веруваат дека никој не е подобар од нив, ако не го потценуваат противникот, ако пристапат максимално сериозно кон секој меч, ако сите го сакаат истото... но само едно нешто ја прави разликата, само една работа ја прави нашата мисија повозможна од онаа на другите, нашето се е возможно е - се е возможно ако играте од срце за Македонија.

Две милиони срца овие 2 недели ќе чукаат само за вас, два милиони посакуваат да се со вас во Катар и да ви пружат поддршка, ама за жал најголемиот дел од нас ќе се закотват пред телевизорот и ќе ви ја праќаат својата енергија од своите домови. Кога сме во сала имаме чувство дека иако не сме на теренот имаме некое влијание врз резултатот, дека можеме да ви помогнеме, но вака, одалечени милион километри од местото на случувањата стравот е поголем, срцето уште позабрзано ни чука, а некој глас во главата постојано ни се дере, ајде, ајде, знаеме дека можете, ајде само еден гол, само една одбрана!!! Така да, немој да си мислите дека нас тука ни е лесно, во истата каша сме со вас и ве подржуваме безрезервно.

Направете не горди и стоплете ни ги срцата во овие ладни денови,
Спортски поздрав.

No comments:

Post a Comment