Monday, March 9, 2015

Крајно време е Сино - Белиот џин да експлодира

Во моментот во кој беше пуштен спортскиот центар "Јане Сандански" во употреба невидена несреќа ја зафати сино белата страна на градот... Сите клетви кои беа упатени кон салата и нејзиниот сопственик се свртија само кон нашата екипа. Новиот спортски храм донесе огромна среќа и хармонија во екипите на Вардар и радост за нивните навивачи, но истовремено беше означен и почетокот на непобедливоста на МЗТ. Цела сезона чекаме нашите играчи да се разбудат, да им тргне, да изиграат еден цел натпревар како што треба и за жал сеуште чекаме.


Можам да се лажам и да кажам дека е во ред што ги растури Олимпија, ама колку и да се трудам да најдам изговор за ова денес, изговор нема. Ако до пред 1 месец ја сметав управата за единствена одговорна за катастрофалната сезона, сега веќе сметам дека единствени виновници за сите порази се балерините што го носат дресот на нашиот шампион. 

МЗТ и лани видовме дека може да биде победен, дека има слаби страни, ама годинава МЗТ игра без душа, без срце и без желба. Цел живот сум главен поборник за поддршка до крај, за бодрење на играчите, ама МЗТ годинава ми ги истенчи нервите. Одам во сала цела сезона, очекувам борба, а добивам играчи кои мислиш случајно завршиле на терен, го гледам Цветковиќ како намерно прави лична, го гледам Марко како се плаши да шутне... гледам екипа која има екстра услови, која има огромни плати и која сепак не игра ништо.

Лошите одлуки на управата се редеа една по една, за почеток замижаа пред кражбата на домот на МЗТ, потоа ја сменија комплетната ланска екипа, за по некое време да видат кај грешат, пополека формираа тим кој без проблем треба да победува БАРЕМ по некоја екипа во АБА и да нема порази во нашава лига, и на крај платија огромни пари за Купот да се одигра дома и лесно да се освои пред својата публика, ама... ама не може Ивица или некој од Фемили да влезе на терен и да игра, нели?

Ништо чудно да направивме Гинисов рекорд по бројот на променети играчи и тренери во една сезона, ама Пипан е дефинитивно вистинскиот тренер за балерините од Аеродром. Никогаш нема да заборавам како ги удри Дејвис и Оташевиќ после еден непотребен промашен цепелин пред 2 години, а баш сезонава на сите до еден им треба по еден шамар за да се освестат. После изгубениот Куп и прокоцканава победа денес им треба некој што ќе им одржи добра лекција, им треба некој да им каже дека мечот трае дури не истече времето, дека секоја топка треба да се освои, дека не е лошо понекогаш и да победат, и дека треба да се скокне по промашено слободно фрлање.

Во екипата единствени кои редовно играат се Самарџиски и секогаш одличниот Синовец. Лучиќ знае да светне од време на време, да погоди некоја тројка, па да промаши од под кошот. Цветковиќ се труди што побрзо да направи лична за да си седне на клупа. Шеховиќ не е ни бледа сенка на она што беше лани. Симоновски цела сезона преплашен е во АБА, може сега конечно во нашава лига ќе се почуствува на свој терен, па ќе почне да игра. Кире 10-та година по ред е талент и го чекаме да заигра. Ми остануваат само уште децата кои годинава реално не добија никаква шанса да покажат што знаат, играч не се станува со 30 секунди на терен неделно. Малку поголема минутажа доби само Стајиќ, а според мене треба да добие многу поголема, зошто детето има добар стил и шут, се надевам дека сега покрај Чапин ќе може вистински да учи и напредува. А Чапин кутриот доби задача да ја препороди екипата, да му покаже на Цветковиќ дека не е незаменлив и да ни ја спаси сезоната. Големо бреме падна на неговиот грб, ама премногу години има зад него, за тоа да му прави притосок и да влијае на неговата игра.

Ај ќе кажеме дека го прежаливме Купот и покрај тоа што дозволивме некој друг да се сити и радува во нашата сала, ама титулата мора да остане дома. Сфатете дека играте за нас и немојте да дозволите предавниците кои се колнеа на верност да продолжат да ви се смеат. Сите порази сезонава многу брзо ќе се заборават ако почнете да ги заработувате парите кои ги добивате, ако почнете да играте кошарка... ако ја освоите титулата. Одбрана на титулата продолжува во Четврток против екипата која ни нанесе 2 порази сезонава, еден лесно заборавен и еден сеуште свеж и болен и баш затоа на Кожув мора да му се наплати со камата.

Титулата мора да остане дома,
Спортски поздрав.

No comments:

Post a Comment