Sunday, December 7, 2014

Сонот не се оствари, но Металург мора да продолжи да се бори

Болкава е сеуште иста како вчера, си мислев после преспиената вечер полесно ќе биде денес, ама оној последен шут ми откина дел од душата и ми ги уништи сите надежи. Немав зборови вчера, немам ни денес, не можам да си објаснам себеси како може се да е против нас оваа сезона, ама тоа е спортот, мора да се соземеме и да продолжиме да се бориме понатаму.


Тежок натпревар, полн со адреналин и набој, најдобро навивање сезонава на трибините, голема лавовска борба на теренот... Ако се гледа целиот тек на натпреварот можеби нерешено е најреален резултат и во некоја друга ситуација задоволни би биле и со бод, но не вчера, не кога тој втор бод ни беше потребен за да продолжиме да сонуваме дека чудото сеуште може да се случи. За секунда од облаци сите наеднаш се најдовме на земја, од рајот, за една секунда паднавме во пеколот.

Главите горе момци, вчера ни пруживте одлична претстава, уживање беше да се биде во салата, уживање беше да се проследи вашата игра, да се поздрави вашата желба и борба, последните неколку минути сите дишевме како еден, и навистина жалам што прекрасната вечер не ја заокруживме со победа. Морам да ви кажам дека вчера бев горд што навивам за вас, што навивам за најдоброто од Македонија.

Ама од денес веќе мора да се насочиме кон иднината, минатото за жал не можеме да го промениме. Годинава да ја привршиме некако, па од Фебруари со нови сили кон нови победи. Ќе се загреваме во Сеха и во нашево првенство, а комшиите ќе ги оставиме да се испукаат во ЛШ, па на кондиција ќе ги фатиме во Мај некаде и ќе си ја прославиме титулата повторно како минатата година.

Господа од управата се надевам дека ја научивте својата лекција, дека сфативте дека Македонија живее за овој клуб, дека на народот му е потребен Металург, дека на сите ни се потребни победите на Металург и со сета сила ќе се обидете да го вратите клубот на местото на кое припаѓа, на врвот од Европа. Атмосферата во салата вчера не смее да е последната ваква атмосфера во Скопје, ве молам најдете начин и средете ги работите околу клубот.

А од друга страна не можам да разберам зашто годинава правите слична грешка како лани, лани викавме Сеха била крива, не дозволила одложување, а годинава? Како што е лоша сезонава, се плашам повторно од најлошото. До Нова Година ви следат 2 натпревари во Сеха, натпревари со големи противници, слични натпревари на оној на кој лани го изгубивме Наумче. Не верувам дека некој од вас може да влезе ноншалантно во ваков натпревар, во натпревар со Вардар, во натпревар за кои веќе комшииве ја мобилизираат својата публика за да биле побројни од нас, ама навистина апелирам до сите во двете екипи да ги смирите страстите и да одиграте ревијален натпревар, победата ќе биде небитна ако повторно во жарот на борбата останеме без некој од ракометарите кои треба да ни носат радости во Јануари.

А сега се одјавувам до некој убав сончев ден во Јануари кога истиве овие момци надополнети со Кире, Борко, Столе и Прибак ќе не израдуваат во Катар,
Спортски Поздрав.

No comments:

Post a Comment