Monday, December 22, 2014

Секој циклус ново алиби

Доаѓањето на Обрван и заминувањето на Шундо ги дочекав со огромно задоволство, мислев дека со нов тренер, со тренер со малку поголемо педигре од Шундо, работите ќе ни тргнат на подобро. Бевме петта европска сила во моментот и од новиот селектор очекував поинаков критериум, сметав дека како странец потешко ќе потпаѓа под влијание и ракометот ќе ни го подигне на уште повисоко ниво.



Рака на срце, Обрван имаше одличен старт, ја превзема репрезентацијата кога многу поискусни од него се исплашија, факт е дека Швајцарија ни заврши пола од работата, ама сепак тој не се исплаши од предизвикот и не однесе на Европско. Само што за жал тоа беше првиот и реално единствениот негов успех...

Среќата не не послужи минатиот декември, малер по малер, па десетото место никој не го сметаше за неуспех и покрај тоа што на целото првенство имавме само една победа и еден нерешен резултат. Не бевме целосни, тоа беше првото алиби кое сите го прифативме. Нарушената атмосфера, постојаните напади на натурализираните играчи, отстранувањето на Бранче од репрезентацијата... многу проблеми ја следеа нашата репрезентација и пред и за време и после првенството, но целата јавност застана на страната на селекторот.

Грција ни дојде како мелем на рана, репрезентација по мерка за да се среди ситуацијата внатре, за да се средат проблемите и да се извојуваат 2 лесни победи. На првиот натпревар одигравме катастрофално, до последната секунда се плашевме за победата, се плашевме дека нашиот јужен сосед ќе не понижи во единствениот спорт во кој сме светлосни години пред нив, ама среќата не послужи и извојувавме победа таму, па ги растуривме тука. Преголема била желбата за победа, тоа беше алибито за лошиот меч во Атина.

Нови квалификации, Швајцарија и Чешка ни дојдоа на ред. Релативно лесен натпревар во Скопје и еден од најтешките натпревари во историјата на нашиот спорт во Чешка. Отидовме како апсолутни фаворити и очекувавме лесна победа против репрезентацијата која играше без главните играчи, ама ништо не беше како што очекувавме. Репрезентативците од Металург имале помала минутажа во клубот од претходните сезони, заедно со преголемата ноншалантност со која сме влегле во натпреварот и оп ете уште едно алиби.

Се собираат играчите вчера, имаат цел месец пред нив до првенството кое цела нација го очекува со нетрпение, до првенството кое треба да ни го трасира патот кон Рио, и место нашиот селектор да ја подгрее атмосферата, наместо да ги мотивира играчите, од првата нивна средба, од првиот нивен заеднички момент подготвен е за нов неуспех и кривецот е повторно истиот како пред неколку месеци, Металург. Овој пат ракометарите на Металург не биле доволно физички и психички спремни. За психата признавам, не е лесно да губиш од смешни екипи како Раднички, ама со вистинска атмосфера на подготовките, со убав амбиент викендов против Израел, со квалитетно време поминато со нивните семејства за празниците, психата ќе се врати, зошто тие момци не играат од вчера ракомет, сите до еден со години ни ги носат најголемите спортски радости.

А дали сериозно ја доведе во прашање и нивната физичка подготвеност? Момците во последните 2 месеци играа по 2 натпревари неделно, за жал изгубија на најголемиот дел од нив, но сите до еден играа постојано и со секој нареден натпревар беа во подобра форма. Не ти одговара кога играат малку, а не ти одговара ни кога играат многу... Јас не можам да те разберам, што очекуваш од нив? Мене за жал вчерашната пресконференција ми личи како сепак да си го припремаш патот кон уште едно алиби, за да имаш што да кажеш на крајот на Јануари, да имаш што да кажеш ако не излезе се како што се надеваме, да можеш да кажеш дека заради кризата во Металург не сме избориле квалификации за Рио.

Епа извинете селекторе, ама прекинете да барате алиби, засукајте ги ракавите и почнете да го вршите она за кое верувам дека земате убави пари. Подгответе ја одбраната, поставете го нападот и за прв пат во вашиот живот почнете да превземате одговорност за вашите постапки. Ваше е да ја поткренете психата на тие момци, на вас е да создадете атмосфера, само со позитивна енергија може да го постигнете она што го сакаме сите... Момците од Металург се во полн натпреварувачки ритам, Кире и Борко се одлични сезонава, Столе и Филип за жал се мачат со повреди изминатиов период, а Прибак ја дели минутажата со фантастичниот Караџиќ, но секој од нив има огромно срце и желба и сите се подготвени за подвиг, подготвени да дадат се од себе и да се изборат за она кое го сонуваат уште од победата над Словенија во Белград...

Прашањето што ме мачи е сепак дали вие селекторе сте подготвени,
Спортски поздрав.

No comments:

Post a Comment