Wednesday, December 31, 2014

Спортски желби за новата година

Годинава што ни изминува за секој беше различно успешна, некои се вивнаа во облаци, некои очајно се обидуваат да останат на врвот, а некои за жал само живуркаа. Дека имавме моменти за паметење, имавме, дека имавме моменти за плачење, имавме и тоа, ама нема да се навраќам на минатава година, туку само ќе ви ги кажам моите желби за годинава што со нетрпение ја очекувам.

 

- Четвртфинале на СП во Катар
(Момци знам дека можете, многу пати до сега ни покажавте дека знаете како се игра и навистина од се срце ви посакувам да славите на 25-ти јануари, да го остварите својот сон и да ја израдувате цела Македонија.)

- Силен Металург
(Изминува годинава, а со тоа се надевам дека и сите проблеми ќе бидат надминати. Од Фебруари со нови сили кон нови победи. На Македонија и е потребен Металург, ама не Металург кој живурка и не знае дали ќе го доживее следното утро, туку Металург кој претставува страв и трепет во Европа. Лани секој се плашеше да гостува во "Борис Трајковски", нека биде така и во новата година.)

- Пристоен Пелистер
(Битола покажа и докажа дека живее за ракомет на натпреварот со Дукла. Бизнисмени и фраери од Битола вие сте на потег, вратете и го на Битола она по што беше позната, вратете го ракометот во Битола, дајте им шанса на ракометарите да ни покажат се што знаат и можат.)

- Крај на сагата во МЗТ со нови играчи и тренери
(Ужасна полусезона за МЗТ, несериозност на секој чекор. Разочарани навивачи, разочарани играчи. Ама МЗТ мора да учи од грешките и во вториот дел од сезоната, секој еден во тимот посериозно да си ја сфати работата, да ги засукаат ракавите и да се вратат на вистинскиот пат.)

- Успешно ЕП за кошаркарската репрезентација на Македонија
(Минатата година им ги затворивте устите на сите дежурни душегрижници и покажавте дека можете и без помош од "недопирливите" да се пласирате на ЕП. Епа оваа година ви посакувам да им покажете уште еднаш на сите која е Македонија и да ја вратите еуфоријата по кошарка во нашава држава.)

- Пласман во Светската Лига за одбојкарската репрезентација на Македонија
(Дефинитивно најпријатното изненадување во изминатава година. Момци многу малку ви фалеше лани, но ова лето ќе бидете поискусни и се надевам подобро организирани, па навистина се надевам дека ќе успеете да ја преминете и последната пречка.)

- Нови ветрови во женскиот ракомет
(Го допревме дното, се што следува мора да е подобро нели? Посериозен пристап девојки, поголема борба и желба од ваша страна и резултатот мора да дојде.)

- Некоја победа за фудбалската репрезентација
(Иако покажавте знаци на живот, сепак од вас очекувам најмалку годинава. Секоја победа е успех, а за пласман на некое првенство за жал воопшто не размислувам.)

- Полни сали кога игра секоја наша репрезентација
(Ракометари, кошаркари, одбојкари, фудбалери... сите кои ги бранат боите на оваа држава играат за нас. Не е фер да играат пред празни трибини нели?)

Се надевам дека оваа година ќе имаме исклучително успешна година на спортски план, со многу моменти кои ќе ни останат вечно во сеќавање,
Спортски поздрав и Среќна Нова Година.

No comments:

Post a Comment