Saturday, October 11, 2014

Момци капа доле за вечерашнава претстава и главата горе зошто сезоната само што започна

Стварно жалам за поразов и тоа не жалам толку за мене и изгубените нерви денес, колку што ми е жал за играчите кои дадоа се од себе на терен. Ме воодушеви борбеноста, желбата за надигрување и победа, желбата да се излезе од темнината во која се наоѓаат.

Сите до еден беа излезени на теренот подготвени на борба, да им покажат на сите дека не треба сеуште да се отпишат од сериозни кандидати за место понатаму. Атман со сето срце покажа дека е огромен професионалец и излезе најборбен на терен, Наумче жесток и нервозен како обично, Митревски одличен на голот како и секогаш кога ќе добие шанса, Миркуловски пожртвуван како што го знаеме, Ојлески ладнокрвен, Ванчо упорен до граница на прекршок, Ацо страшен како што не навикна, сите заедно ни покажаа дека најдоброто од нив допрва ќе го видиме.


Металург конечно заличи на оној Металург кој што сме навикнати да го гледаме. Момците покажаа дека сеуште го имаат она шампионското во себе и им фали само уште многу малце за да почнат да растураат се пред себе. Денес можеби преголемата желба да победат не им дозволи искусно да го однесат мечот до крај, но дефинитивно помош во тоа имаа и од оние двајцата од Словенија. Првата победа сеуште ја чекаме, а зошто да не ја дочекаме наредниот викенд кога го дочекуваме вицешампионот на Европа. Кил покажа дека има сериозни проблеми сезонава иако сите екипи со проблеми кога играат против Металург годинава, успеваат да го извлечат својот максимум и да пружат најдобри партии.

На сите 3 натпревари фалеше Вуги во составот, и стварно мислам дека премногу одмараше периодов и конечно е време да излезе на терен во сабота и да ја наполни мрежата на Кил. Мора да признаеме дека Металург изгледа многу поорганизирано и поопасно кога Вуги стои на десната страна.

Ако до вчера мислев дека сезоната е изгубена, сега веќе надежта во мене пополека се поткрева. Реално нема да биде Металург, Металург ако стигне до посакуваната цел по полесниот пат. Од секогаш сме го оделе потешкиот пат, ама и од секогаш сме играле најдобро кога е најпотребно.

Затоа момци капа доле за вечерашнава претстава и главата горе зошто сезоната е долга и работите сами ќе си се наместат. Распоредот максимално не ни се погоди, ама во вториот дел од сезоната одиме по максимален број на бодови.

Наредниот викенд сите патот под нозе и да им пружиме подршка на момците. Крајно време е и Кил еднаш да падне во "Борис Трајковски".

Само еден Металург,
Спортски поздрав.

No comments:

Post a Comment