Sunday, October 12, 2014

Браво за Вардар

Како навивач на Металург не е лесно да се каже ова, ама браво Вардар. Годинава Вардар и Металург не се директни конкуренти во иста група во ЛШ, па далеку полесно ми е да ги гледам натпреварите на Вардар и да уживам во нив. Лани секоја победа на Вардар, а секој пораз на Металург значеше намалување на шансите на Металург за понатаму и не можам да лажам и да кажам дека ми беше сеедно кој ќе помине, зошто не ми беше, ама на крај излезе најдобрата можна ситуација, поминаа двата клуба, а се што се случуваше понатаму е добро позната работа.



Како и што го почнав текстот, ќе кажам уште еднаш браво, зошто во вторава година од ерата на Самсоненко тимот изгледа далеку поубаво, поевропски и поорганизирано. Лани во еден период се личеше на шпанска серија, се менуваа тренери постојано, се импровизираше со таа позиција, но на крај се донесе вистински човек кој навистина ме воодушевува со својата смиреност и појава, и се надевам дека долги години ќе остане во Македонија, па ќе го пренесе своето знаење на нашите тренери за и ние како држава да профитираме од него.

Играта на Вардар во новата сезона е за секоја пофалба, секој сегмент функционира беспрекорно, од одбрана, до напад, Штербик ја донесе потребната сигурност во екипата, Дибиров повторно потсетува на оние први денови во Вардар кога ги реметеше противниците, а и Душебаев вистински созреа и постепено си ја превзема улогата на лидер на тимот.

Утре доаѓа можеби најдобриот германски тим во моментов, но Вардар повеќе не е истата екипа од лани, сега се поискусни за една година и со смирени глави, сигурни одбрана и напад резултатот не може да изостане.

Како Аеродромец новава сала ми е болна тема, ама знам дека Вардар ќе успее да ја направи неосвоива тврдина и убаво ќе ги намачи сите кои ќе гостуваат во неа. Едно прашање до оние кои ја правеа салата, каде планиравте да паркираат луѓето што ќе доаѓаат да го гледаат Вардар? Кога игра МЗТ не е проблем, зошто 99% од гледачите се од Аеродром, но минатиот викенд за натпреварот со Чековски Медведи се направи неверојатен хаос и луѓето што живеат во зградите во близина на салата не можеа да си одат дома, бидејќи полицијата не им дозволуваше да си влезат на нивните паркинзи зошто се било зафатено. Покрај паркинзите на локалните згради, сите тревници во околината беа преполни, така да местото за паркинг е огромен пропуст при планирањето на салата.

Ако пред една недела напишав дека Левче е сељак, извинете ама не можам а денес да не кажам дека потполно истото мислење го имам за господинот Стојаноски. Направени се од истиот материјал, повеќе сакаат да гледаат во дворот на комшијата и да се надеваат дека неговата коза ќе умре, отколку да си ја гледаат својата работа. Истите изјави и истото однесување кои му ги замерувам на Левче и мислам дека не се достојни за директор/претседател на клуб кој се стреми кон Европскиот врв, ги има и овој вашиот Давор.

Вардар реално годинава по квалитет е во втората четворка, одма зад Барса, Кил, Веспрем и ПСЖ и една од овие 4 екипи би требало да биде последната пречка пред Келн. Ако се поклопат коцките и среќата не му го заврти повторно грбот, Вардар би требало да биде дел од Ф4, па после женскиот Ф4, нашето знаме да се развиори и во Келн. А на Ф4 не победуваат парите, имињата или историјата, победуваат желбата и мотивацијата.

ЛШ е една песна, ама домашното првенство сосема друга, тука не се радувам на победите на двата тима. Мислам дека годинава ќе се случи уште поголемо чудо од лани и титулата ќе си остане во Автокоманда. Никој не може да ми забрани да се надевам и да верувам, а епилогот на сезоната никој не може да го предвиди уште од сега, така да најдобро е повеќе на таа тема да коментираме во Мај.

Му посакувам на Вардар успешна сезона во Европа,
Спортски поздрав.

No comments:

Post a Comment