Wednesday, October 8, 2014

Да го наполниме Кале, девојките го заслужуваат тоа

Многу беше убаво чувството вчера да бидеш дел од победата на МЗТ, енергијата која се ширеше низ салата беше неопислива, како цел Аеродром со душа да чекаше тимот да се врати дома, на своја територија. МЗТ победи големи тимови во Борис Трајковски, но атмосферата која владееше вчера беше поинаква, поубава, подомашна. Улиците беа преполни, луѓе од сите страни сакаа да бидат дел од новата приказна. МЗТ ја доби потребната подршка, а сега сите да покажеме дека сме големи Македонци, како што сакаме да се претставуваме пред светот и утре сите кои се тепаат да купат карта кога игра Металург или Вардар во ЛШ да се нацртаат во 15 за 6 во Кале.



Утре игра Македонија, утре играат девојките кои се обидуваат повторно да се вратат на голема сцена, да се вратат на големо натпреварување. Групата не е ни малку наивна, но ниту една од репрезентациите не е непобедлива, Исланд е фаворит, ама не е од врвот на женскиот ракомет, групата е таман за ново докажување и добивање на нови спортски херои. Крајно време е оние инает и срце да проработат и кај девојките и да стартуваат со победа утре што ќе им го олесни животот во наредните натпревари.
Квалификацискиот циклус стартува во Кале, во нашата неосвоива тврдина. Луѓето викаат Кале е легендарниот дом на Вардар, но за мене Кале е дом на нашиот женски ракомет, дом на Кометал, местото каде Нацева го дигна пехарот од Лигата на Шампионите, местото што беше хорор за секој противнички играч и местото што секој го напушташе со наведната глава.

Магдинчев започна нов проект, изгуби голем дел од столбовите на репрезентацијата од претходните години, Бајрамовска, Андреева, Црвенковска, Николиќ, но не се откажа, почна да создава нова репрезентација со помлади ракометарки кои треба врвот да го достигнат во некој од наредните циклуси. Репрезентацијата е подмладена, но поискусна за една година и еден квалификациски циклус. Голем дел од репрезентативките ја сменија средината и сега играат надвор од државава бидејќи Металург ја промени својата политика. Младите девојчиња од Металург и вториот тим на Вардар се наоѓаат на самиот праг на репрезентацијата, дел од нив заработија повик и ќе ги одработат подготовките, ќе бидат дел од составот што за нив треба да претставува голем мотив за дополнителна работа во наредниов период. Металург годинава ќе одигра повеќе силни натпревари во Регионалната Лига, а Вардар треба да игра квалификации за некој од Европските купови, па и едните и другите девојчиња ќе почуствуваат како е да се игра надвор од дома, и ќе го добијат посакуваното искуство за постепено да ги наследуваат своите повозрасни колешки.
Верувам дека девојките ќе дадат се од себе за позитивен резултат, но и ние треба да им пружиме 102% подршка, да им покажеме дека веруваме во нив и заедно да ги спакуваме Италијанките за накај дома.  Да бидеме нивниот осми играч од трибините и да не му оставиме воопшто простор за игра на противникот.

Се гледаме утре во Кале,
Спортски поздрав.

No comments:

Post a Comment