Tuesday, October 21, 2014

За македонцките работи

Периодов треба сите да се сплотиме и да се фокусираме на она што ни следи, два натпревари од квалификациите за Евро 2016. Ја имаме можеби најтешката група во последните неколку години, од третиот шешир за жал имавме таква среќа да го извлечеме нашиот стар познаник, Чешка.

Чесите ни се некако предодредени, за нив сме ноќна мора и со сите сили се припремаат за натпреварот со нас, дефинитивно сме нивен државен непријател број 1. За Швајцарија искрено се што знам е дека 2 пати ги победивме лесно пред една година, затоа со нив сме огромен фаворит, но со Чешка заради предноста на домашен терен, таа функција ќе им ја препуштиме нив.



И сега наместо сите позитивни да го дочекаме 29-ти, да го наполниме "Борис Трајковски" и да уживаме во играта на нашата репрезентација, главна тема во сите медиуми е Металург. Како сите да сакаат да изгубиме, па да може да се напише, гледате Металург и Червар го уништија нашиот ракомет. Олабавете малку, оставете си ги сите да си ја вршат својата работа, се жалите на минутажата на Македонците во Металург, но интересно не и на таа на оние во Вардар. Не сакам многу да навлегувам тука, ама бидете искрени и признајте дека освен Вугринец, Никола Маркоски, Талески и Нелоски, останатите 9 души се оние кои играат постојано.

Вие имате проблем со Металург, ама јас имам со составот на селекторот. Мора да се признае дека ова е составот што го очекувавме, ама сепак не можам да преминам преку тоа што Никола Костески не е во составот дури ни како резерва на Златко Мојсоски. Погледнете ја само статистиката од Супер Лигата, детето е дефинитивно најдобро десно крило во моментов. Имаше лани шанса да блесне и да играше тогаш како годинава, не верувам дека Металург ќе имаше потреба од Џукиќ, ама тоа е, нема веќе враќање назад.

На списокот се и Талески и Нелоски, кои пополека треба да почнат да ги влечат конците во ракометот во државава, па ако е паметен селекторот ќе им даде шанса да ја почуствуваат атмосферата на по еден натпревар, на едниот на местото на Филип Лазаров, а на другиот на Вугринец, двајцата со најмала минутажа во досегашниот дел од сезоната.

Изминативе години сите се правевме селектори и кажувавме кој дополнително треба да биде повикан во репрезентацијата, ама кога дојде Обрван им даде шанса на сите кои беа на големо пишувани низ медиумите и никој од нив не се снајде баш најдобро. Раде Стојановиќ после секој список на селекторот излегува со коментар, ама место на фб да бистри политика, нека излезе машки и нека каже зошто беше избришан од списокот за првенството во Хрватска, ама и зошто самиот одби да игра кога Обрван го повика минатата година.

Е сега, многу се, малку се, слаби се, јаки се, ама тие се и наши се, други немаме, тие не радуваа, нив ги чекавме на плоштад, се надевавме дека ќе се пласираат во Лондон, еве сега пак имаат шанса за Рио. Затоа ве молам сите да прекинете да ја поткопувате атмосферата и да ги оставите да ни покажат дека сеуште се најдобри и дека ја заслужуваат нашата подршка.

Јас не верувам, јас знам дека ќе имаме 4 поени после овие два натрпевари,
Спортски поздрав.

No comments:

Post a Comment