Friday, October 24, 2014

Подмладување

Ме воодушеви вчера Врбица и ме натера да размислувам повеќе на една тема која реално долго време се провлекува низ јавноста... Најчесто споменуваниот збор летово беше подмладување, сите зборуваа за подмладување на екипата, создавање иднина, ама создавање на иднина со македонски играчи.

Оваа идеја беше дочекана со воодушевување од секој вистински навивач, од секој кој може да преживее одреден период без победи, но и некако идеја што сепак не е правилно имплементирана никаде. Најавуваше МЗТ македонски играчи, донесе неколку, имаа во составот и од претходната година неколку деца, ама не видовме никој на терен, не видовме ни П од најавеното подмладување со наши деца, се што видовме досега беа просечни странски кошаркари кои воопшто не не воодушевија.



Се смени тренерот, се смени и политиката на клубот. МЗТ во текот на вчерашниот ден му се заблагодари на Моровиќ и реши поголема минутажа да му дава на Стајиќ. Цветковиќ пак е само еден месец постар од Стајиќ, ама веќе втора година е клучен играч во МЗТ, значи не било се во годините, можеш и на 21 година да бидеш добар кошаркар, а не само надежен талент. Е сега топката е во рацете на Стајиќ и на другите млади играчи и понатаму само од нив зависи дали ќе останат вечни таленти како огромен дел од спортистите кај нас или ќе покажат дека и МЗТ и Македонија во иднина треба да сметаат на нив.

Што се смени во МЗТ во изминатава недела? Се смени тренерот, секоја чест на Сагадин, ама не е Македонец. Не можеме да очекуваме од никој да се бори за нас и нашиот спорт, повеќе од нас самите. Можат странците да речат дека се чуствуваат како дома, дека ја сакаат Македонија, ама кога губеше Македонија на Медитеранските игри по 50 разлика не верувам дека некој од нив се потресе.

Далеку од тоа дека е доволно тренерот да биде Македонец, имаме ние милион "тренери" во државава и за жал огромен дел од нив само ги уништуваат нашите спортисти... Тренерот треба да биде пред се човек, огромен професионалец, подготвен да се предаде 102 проценти на работата и квалификуван да го работи тоа што се бара од него, а ако е Македонец тоа е дополнителен плус. Секој газда на клуб бара резултати, не верувам дека некој ќе му дозволи на тренерот да губи до бесконечност, и токму заради ова треба да се формира спој од искуство и младост, да се формира спој од кој ќе профитира и клубот, ама и спортот во Македонија.

Сега верувам дека МЗТ е на вистинскиот пат во овој момент, дека во Врба најдоа тренер за на долги патеки, ама каде тука се наоѓа ракометот?



Имаме навистина преталентирана генерација, ама за жал на вистински пат е да остане само талентирана. Секоја чест на Металург што создаде деца, што донесе други деца од цела Македонија, што ги вклопи сите во една екипа, што покажа дека ракометот не ни завршува со Кире и Борко. Ама што понатаму? Тие деца повеќе не се деца, тоа се веќе ракометари кои тропаат подолг период на вратата на првиот тим на Металург, ама вратата никако да биде отворена. Вратата е подотворена само за Талески, Нелоски и Пешевски, ама дали е подобро што седат на трибини на натпреварите на Металург сезонава или ќе беше сепак подобро да останеа и оваа година во втората екипа на Металург. Одиграа по неколку минути на натпреварот во Нови Сад, верувам ќе одиграат и во Сабота, но ракометари не можат да станат со по 10 минути на терен во 1 месец.

Металург навистина направи подмладување на тимот годинава, но подмладувањето не е со наши деца, не е со деца кои треба да ја претставуваат иднината на Македонија. Секоја чест на Циндриќ, дечкото е навистина одличен и е во фантастична форма константно, но не можам да лажам и да не кажам дека немаше да се радувам повеќе ако ова го напишев сега за Мартин Манасков наместо за Лука. Покрај Циндриќ ниту еден од останатите не покажува дека може да биде екстра ракометар во иднина, не негирам дека Лино одбра талентирани млади ракометари од регионов и се труди да формира поинаква екипа, ама не смеат нашите ракометри да трпат на штета на останатите. Основата е направена, првиот чекор е направен, сега треба конечно да се исполни ветувањето и играчите кои Металург ги создаде да почнат да играат во Металург.

Вардар годинава формираше втор тим со малку чудно име Вардар Јуниор, иако најголем дел од ракометарите се далеку од јуниори. Тимот го формираа од оние ракометари кои беа прекубројни во првиот тим и дел од јуниорските и кадетските репрезентативци на Македонија. Се обидов да побарам статистика дали и колку тие млади играчи добиваат шанса во Првата Македонска Лига, ама не успеав, така да нависитина се надевам дека Пепи мисли на иднината на Македонскиот ракомет и во моментов под негова палка тренираат идни големи ракометни ѕвезди. Сепак ако барем еден од младите ракометари не биде прекомандуван во првиот тим на Вардар наредната година, тогаш постоењето на оваа екипа и фалењето дека и Вардар се грижи за ракометот во земјава е за жал за џабе.

За разлика од РК Вардар, ЖРК Вардар и лани имаше втора екипа, девојчињата го освоија одличното трето место во Македонија, и неколку од нив оваа година добија шанса да бидат дел од ЖРК Вардар. Ама таму се случува истата поразителна приказна како и во сите наши спортски колективи, се донесе надежна руска репрезентативка која добива шанса во ЛШ, се донесе и надежна црногорска репрезентативка која исто така за жал верувам дека ќе добие шанса пред нашите девојки... а они ќе останат само надежни наши репрезентативки.

Крајно време е да почнеме малку да се цениме самите, не може сите останати нации да бидат поспособни од нас, не може и Србите и Русите и Хрватите да имаат поквалитетни школи од нас. Сите се чукаме во гради за нашите школи, а не им даваме шанса на децата кои излегуваат од нив. Нешто мора да се промени, не смееме да чекаме Наумче и Кире да дојдат на местото на Врба за ракометот да се доведе на правиот пат.

Мислам дека дојде моментот конечно да почнеме да се грижиме за нашата иднина,
Спортски поздрав.

No comments:

Post a Comment