Thursday, October 16, 2014

Добредојде Врба

Како ми тргна сезонава, пораз, пораз, криза, пораз, пораз, пораз, нема пари, пораз... Не се гледа излез од безднава, веќе не се ни сеќавам на последната победа. Во изминативе неколку години забележав дека штом МЗТ победеше, секогаш победуваше и Металург и со два од два убаво ми одеше неделата. Годинава немој да помислите дека правилото не важи, истото правило е, само што сега сврзувам пораз со пораз.

Кога се намали буџетот и си отиде скоро комплетинот тим од минатата сезона на сите ни беше јасно дека приказната оваа година ќе изгледа многу поинаку. Не викаат за џабе колку пари, толку музика. На сите ни беше јасно, ама изгледа не и на управата на МЗТ. Вчерашниот пораз признавам дека е смешен, но тој од Будучност беше повеќе од очекуван, па и во нашите најдобри денови немавме победа во Подгорица. Истата приказна секоја сезона, еден тренер, неколку порази, нов тренер, па тренерите не се магионичари па да можат за 2 дена да направат екипа. Лично ништо не му замерувам на Змаго, човекот се трудеше да го извлече најдоброто од играчите со кои располагаше, кои се малку на број и со далеку помал квалитет од оние од претходните сезони.

Лани имавме комплетно различен тим, а оваа година ги немаме срцето со кое секогаш играше Дејвис, стабилноста на Станко и Тоше, пробивите на Дамјан, константноста на Синовец, пожртвуваноста на Оташевиќ... За никој од нив не беше донесена соодветна замена, па не ме зафркавајте, цел тим си отиде, зар мислевте дека пак се ќе биде исто како порано?



Било, па поминало, од денес вртиме нов лист во нашава приказна. На клупата на МЗТ седнува кошаркарска легенда која не заслужува ист третман како неговите претходници. Не очекувајте чуда и победи на секој натпревар, знајте дека е многу возможно поразите да се побројни од победите, но не смеете да го уништите човекот, не смеете да го изгорете за неколку месеци и да му кажете, фала Врба, може да си одиш. Дајте му одврзани раци, нека почне од нула, нека ја создава постепено екипата и резултатите мора да се појават еден ден. Ако не се појават оваа сезона, не е крај на светот, животот продолжува и знам дека подршката на цел Аеродром и Фемили ќе ја имате засекогаш. Признавам дека сега е потешко од порано, не навикнавте на победи, ама знам дека тимот никогаш нема да биде оставен сам да ги војува своите битки, секогаш ќе ја има безрезервната подршка на навивачите. Аеродром никогаш нема да го остави МЗТ.

Одврзете го кесето, земете уште некој играч и да ја продолжиме сезоната како што доликува,
Спортски поздрав.

No comments:

Post a Comment