Monday, October 6, 2014

Утре сите по сефте во "Јане Сандански", МЗТ стапува на сцена

Ако го сакате Металург и воедно сте државјанин на Аеродром, што сигурно значи дека го сакате и МЗТ, тогаш викендов што помина дефинитивно ви беше хорор. Епа мојов викенд беше огромен хорор. Го започнав викендов со надеж за 2 победи, а завршив со 3 порази.




Конечно сфатив дека битката за Аеродром некако полека ја губиме, местото кое беше само наше, местото кое беше сведок на најголемите победи и порази во минатото, местото на кое падна еден Реал Мадрид повеќе никој не го нарекува дом на МЗТ, сега го нарекуваат дом на РК Вардар, на ЖРК Вардар, на црвено црното семејство, па потоа дом на МЗТ Скопје. Е ова сознание ме болеше исто колку и поразот на Металург во Брест. Мора да признаеме дека салата изгледа одлично однадвор, внатре ќе ја видам тек утре, ама сликите од црвено црните столчиња веќе ги видов по сите можни портали во земјава. Навивачите на Вардар го опседнаа Аеродром и ја славеа својата победа низ нашата населба, низ населба која живееше само за победите на момците во плаво бело. Додека ја преживував болката од поразот на Металург, песната на Комити ечеше насекаде низ Аеродром, момците имаа секакво право да се радуваат, Вардар им приреди ноќ за паметење, ноќ која долго нема да се заборави, ама горчината која ја чуствувам не си оди никако, МЗТ е тој кој имаше поголемо право да го одигра првиот натпревар во Јане Сандански, требаше ние да бидеме тие кои ќе се радуваат први, ние да и направиме сефте на салата.  
Преубав проект, проект кој сите со радост го дочекавме, со делумен страв од промена, но со надеж за подобра иднина. Првичниот договор кој го имаше Самсоненко со општината не се испочитува... не знам колку од вас се сеќаваат дека РК Вардар воопшто не требаше да дојде во Аеродром. Самсоненко градеше сала за ЖРК Вардар и за МЗТ Скопје, РК Вардар не беше негов клуб и дури имаше најави за менување на името на женскиот ракометен клуб во Аеродром, за да се привлечат навивачите на МЗТ, па Фемили да почне да ги подржува девојките кои не ја добиваа подршката од Комити. Вторите дресови на ЖРК Вардар добија интересна сина боја, бојата на нивниот најголем противик, но и бојата на МЗТ. Се распиша конкурс за ракометари, Самсоненко создаваше нова приказна, нов машки ракометен клуб, кој ќе почнеше од почеток... но еден ден во Мај, Михајло се замеша во целата приказна и го замоли Самсоненко да го превземе и РК Вардар и целата наша приказна отиде во неповрат. Преку ноќ името Вардар се поврза со Аеродром и целата внатрешност на салата го промени својот лик. Сето ова е тажно и за жал вистинито, салата е веќе готова, штетата е направена и нема назад, но мора да се обидеме да си повратиме барем дел од достоинството кое ни е украдено.

Не сум голем обожавател на навивачките групи општо во Македонија, ама капа доле за момците од Фемили. Не се сеќавам дека некоја друга навивачка група во историјата на Македонија успеала да го спаси својот тим од згаснување и воедно никогаш не застанала против својот тим со бојкотирање и омаловажување на играчите, па затоа се надевам дека салата утре ќе биде исполнета до последно место и целата ќе биде обоена во плаво бело, па и ние заедно со играчите ќе се израдуваме и ќе ја прославиме првата победа во нашата сала. 
Имам и едно прашање кое подолго време сакам да им го поставам на Фемили, зошто никогаш не правите притисок кон противничката екипа? Пеењето е супер, прекрасно е, ама не му создава никаков притисок на противникот. Навивате на цел глас од почеток до крајот на натпреварот, но нели е подобро барем во моментите кога се крши резултатот да створите притисок, за противникот да не знае каде се наоѓа, па да му го зададеме завршниот удар? Навивањето во АБА ви е дефинитивно на повисоко ниво од она во нашата лига, во АБА си пеете само за МЗТ , а во домашното првенство мешате мајки, сестри, баби и жаби. Знам дека сите навивачки групи го прават истото, ама како со навредување на сестрата на некој, всушност му помагаш на твојот тим?

На страна од салата и навивањето, новата политика на МЗТ на почетокот од летото ме извади од памет, слабеењето на нашиот тим, а зајакнувањето на сите противници, Работнички, Кожув, Куманово, Фени, сите наеднаш изгледаа дека имаат подобри тимови и поголеми буџети од МЗТ. Преминот на Тоше и Станко во парк, па шпекулациите за Илиевски, доаѓањето на Докузовски ме преплашија, ама постепено почнав да верувам во новиов тим. Тимот изгледаше очајно во саботата, но се вратија и излегоа од почетната летаргија, го имавме натпреварот во раце, ама среќата не не посака и промашеното слободно фрлање ни донесе и пораз после продолженијата. Симоновски го одигра најдобриот натпревар во животот, ставете го во комбинација со Дамјан и немаме од што да се плашиме до крајот на сезоната (секако ако Дамјан реши дека МЗТ е подобра опција за неговата иднина од Работнички, втората опција му носи можеби поголема плата, ама првата дефинитивно му носи поголеми фронтови за докажување и поголеми шанси за трансфер надвор од Македонија). Можеби игравме против еден од најслабите тимови во лигата, ама овој ист тим и лани на нивен терен не порази и тоа со разлика која ако добро паметам беше повеќе од 20 поени.
Почнувајќи од утре треба максимално да им се даде подршка на тренерот и играчите и да се верува дека оваа сезона повторно се ќе биде како што сакаме, бидејќи ниту тренерот, ниту играчите не се криви за глупавиот договор на Коневски и Самсоненко. Сагадин верува дека може да направи играчи од нашите деца, да го оставиме да работи, па можеби во моментов во Јане Сандански тренираат токму новите Илиевски и Антиќ.

Сезоната е долга и верувам дека се ќе си дојде на свое место,
Спортски поздрав.

No comments:

Post a Comment