Tuesday, October 14, 2014

Да бидеме најбројни и најгласни во сабота и да го поведеме тимот кон првата победа

Се сеќавате на победата над Барселона? Се сеќавате на енергијата која се ширеше низ салата на натпреварот со Колдинг? Се сеќавате на радоста која ја чуствувавте кога Металург го прегази Вардар во Автокоманда? А се сеќавате ли кој е причината за сите убави спомени?

Премногу убави моменти, енергија која не можам да ја опишам... сето тоа е предизвикано од едни момци во сино - бело кои изминативе неколку години постојано не радуваа.


Признавам дека периодов е стресен за секој вистински навивач на Металург и секој ден се плашам да отворам некој спортски сајт за да не прочитам наслов од типот на "Вугринец во Вардар", "Наумче и Металург спогодбено го раскинаа договорот", а во главата имам уште милион вакви наслови кои ми се искрено најголем кошмар. 

Сепак ние сме само навивачи и колку и да сакаме да се мешаме во политиката на клубот, нашето место е на трибините, ние треба повторно да ја завршиме нашата работа најдобро што можеме, а да ги оставиме играчите и управата да си ја завршат нивната.

Картите за натпреварот со Кил се пуштаат утре, и секој еден од нас треба да се погрижи навреме да се снабди со карта, бидејќи нашата подршка во овој момент им е најпотребна на играчите. Да им покажеме дека и покрај сите проблеми ние и понатаму стоиме гордо зад нив и ќе останеме заедно до самиот крај, заедно ќе ги прославиме сите нови победи и ќе ги проплакаме сите порази. Сите ние сме се нашле во кризен период некогаш во животот, и свесни сме дека подршката од оние кои не сакаат е најпотребна, затоа оставете ја управата на страна и да му покажеме на тимот дека не сме го напуштиле. Да им покажеме и на сите од другата страна на градот кои се радуваат на нашите проблеми и одвај чекаат да се случи најлошото, да им покажеме дека не сме само гледачи и фб навивачи како што не нарекуваат, да бидеме најбројни и најгласни во сабота и да го поведеме тимот кон првата победа во новата сезона.

Кој тим и да излезе на теренот, кои играчи и да бидат дел од составот, сите тие ќе се борат за нас, за себе, за тимот. Еден играч не го прави тимот, туку 16, и кој и да ги брани боите на Металург во сабота сигутно ќе даде се од себе. Секој пораз што нас не боли и не потиштува, нив ги боли 10 пати повеќе.

Затоа лошите мисли на страна и уште еднаш на светот да му покажеме дека сме најдобри.
Само еден Металург.

Спортски поздрав.

No comments:

Post a Comment