Thursday, July 31, 2014

Како за почеток :D

Одсекогаш сум сакал да пишувам, ама никогаш не ми текнало дека може се што ми лежи на душа да го кажам на овој начин. Сосема случајно ја добив идејава и си реков зашто да не, може некој ќе се согласи со моето мислење, или пак има подобро од моето и ќе ме побие со факти.

Читам вести на разни спортски портали, ама далеку поинтересни ми се коментарите доле. На почетокот мислев да се докажувам со "тренерите" и "селекторите" кои мислат дека го измислиле спортот или кои мислат дека спортот започнал со доаѓањето на Самсоненко во Македонија, ама брзо се откажав. Далеку сум од селектор или тренер, немам никаква професионална допирна точка со спортот, јас сум само гледач на трибини и пред телевизор, и во иднина ќе се трудам да не навредам никого, па дури и во најцрната ситуација да најдам нешто добро. Мислење имам за секоја спортска ситуација, понекогаш сум и премногу навивачки настроен, ама знам да признаам и болен пораз и да пружам рака кога мојот тим е полошата екипа на терен.

Сакам секаков спорт, ама душа ме боли само за нашите екипи и репрезентации. Не заплакав за 7те гола кои ги прими Бразил, искрено ич не ми беше гајле, се изнагледав голови, ама затоа не можев да спијам 3 дена после голот примен во последната секунда од Данска или изјавата во солзи на Илиевски после поразот од Русија за бронза во Литванија. Исто како што и не можев да престанам да скокам пола саат после тројката на Илиевски и после победата над Словенија која ни донесе квалификации за Лондон. Ја следам целата спортска сцена во Македонија, почнувајќи со ракомет и кошарка, па фудбал и одбојка, едно време почнав да следам и ватерполо, божем правевме репрезентација, игравме квалификации за ОИ, и на крај од федерацијата решија дека таа репрезентација треба да се уништи, доста и било. Следам и тенис, па и хокеј дури почнав да проверувам резултати годинава, репрезентација сме направиле и таму, баш да видиме дали ќе има подолг век од ватерполо репрезентацијата.

Планот сега за сега ми е да пишувам за моменталната ситуација во македонскиот спорт, а дали ќе ми опстои блогов и дали ќе имам желба да пишувам и во иднина ќе покаже времето.

Моментално актуелна ми е младинската ракометна репрезентација за кои планирам да го напишам првиот текст по завршувањето на европското првенство.

Спортски Поздрав :D