Tuesday, August 25, 2015

Металург секогаш бил и треба и понатаму да биде најдоброто од Македонија

Текстов го почнувам и прекинувам цело лето чекајќи вистинска инспирација, ама првиот меч на новиот Металург во Скопје ми донесе тема за повеќе од доволен муабет. За жал веќе се навикнав да не барам победа, да бидам задоволен и само со добрата игра на тимот за кој навивам, ама на мечот вчера многу работи не ми штимаа.


Не ми штимаше поставеноста на играта, не ми штимаше составот на Металург, не ми штимаше размислувањето на Червар. Не сум тренер, ниту имам некоја врска со ракомет, ама не постои човек кој може да ме убеди дека доколку Талески вчера одиграше 60 минути немаше да постигне еднаков или поголем број на голови од неговата замена или дека Крстевски немаше да создаде повеќе шанси од неговата. Прифаќам дека се нови и дека треба да се воиграат, ама не можам никако да прифатам ракометари кои дошле вчера да играат по 55/60 минути, а ракометарите кои се иднината на нашиот ракомет да играат вкупно 5. Некој од овие двајца да беше екстра квалитет, па заради тоа да имаше безброј шанси и кредити можам да разберам, ама и они двајца заедно со новиот голман вчера не покажаа ама баш ништо. Си имаме одличен бековски тандем, Талески и Нелоски, го имаме Крстевски, а сега го имаме и Кузмановски, Велковски се утепа чекајќи ја својата шанса, ете ни го и Куковски за одбрана, крилата ни се одлични, пивотмените се надополнуваат и на крај вчера во најголем дел од мечот на терен единствени наши играчи беа Бојан и еден од пивотмените.

Ако веќе Металург нема шанси за титула, ако веќе Металург не игра во Сеха зошто тогаш дури и на подготвителен турнир не добиваат шанса ракометарите со кои Металург надалеку се фали. Ако може Талески да му дава голови на Кил, извинете, ама може да му дава и на Кристијанштад. Сакам да го гледам Металург, сакам да пружам поддршка, но нема да продолжам да му пружам поддршка на клуб кој максимално ги маргинализира нашите ракометари и возвишува просечни странци. Ако сакам да гледам рандом небитни странци ќе одев и ќе го гледав Вардар.

А ако пред некој месец ги нападнав момците дека играат без желба за победа и за докажување, вчера дефинитивно не видов таква ситуацијата. Нашите момци во десетте минути кои ги добија да покажат што научиле летово играа со жар и срце и пропуштените шанси и изгубените топки воопшто не го намалија мојот одличен впечаток за нив. Ако се прашував дали Кузмановски вреди и дали беше погрешна одлуката за жртвување на тројца ракометари на негова сметка, барем делумно се уверив дека и овој пат Металург успеал да го одбере најдоброто од Македонија. Малиот е подвижен, а воедно и висок, снажен и бестрашен и навистина верувам дека може да стане одличен ракометар. Петров заедно со новите двајца голмани си имаа свои моменти и се надевам дека како ќе одминува сезоната ќе бидат се подобри и ќе успеат да ни ја зовријат крвта како претходниците на нивните позиции.

Момците се спремни за борба, на ред е Червар да им даде шанса за неа. Денес мора да видиме далеку подобар Металург на терен и заедно да се израдуваме на првата победа во "Јане Сандански". Само еден Металург,
Спортски поздрав.