Saturday, April 2, 2016

Металург го среди Вардар Јуниор во Аеродром

Во викенд полн со ракомет, од Сеха, па се до Ларвик, се решив да отидам во сала и да го гледам големото македонско женско дерби, зошто ем си навивав за Металург, ем имав можност да ја погледнам комплетната македонска репрезентација на терен.
 
 
Очекував победа на Металург, но сепак мислев ќе гледаме тесен меч, меч кој ќе биде решен во второто полувреме, но од дерби не видовме ни "д", екипата на Вардар можеби водена од победата во минатиот круг од 1 разлика, влезе во мечот конфузно, брзо, без воопшто смислени акции и игра. Целата игра им беше поставена на добрата длабока одбрана, која само на почетокот му претставуваше проблем на Металург, пред да влезе во потребниот ритам.
 
Сепак Металург си знаеше зошто е дојден во Аеродром, поразот од пред некој месец не беше ни планиран, ни посакуван, па не дозволија победата да биде доведена под знак прашалник во ниту еден момент од натпреварот. Додека Вардар размислуваше како да ја надмудри Антиќ која блескаше на голот, Металург без проблем стигнуваше до нивниот гол, Јована брза како ветар јуришаше по теренот во контри, Николиќ фантастично се бореше на линијата од 6 метри каде немаше поголеми проблеми со противничките ракометарки, а Дајана, Габи, Ливриниќ и Белеска се шетаа низ одбраната на Вардар, проигруваа, но и погодуваа. Одбраната на Металург предводена од Сања, ги носеше до лудило девојките во црвени дресови кои во својата нервоза не бираа средства за да се пресметаат на двете страни од теренот.
 
Металург со Петровски на чело е дефинитивно на вистинскиот пат, екипата полека прераснува во добра екипа, а тој со нив прераснува во одличен тренер. Денес девојките одиграа далеку подобро од последниот пат кога ги гледав, ја задржаа концентрацијата и играта на високо ниво во текот на целиот меч, со исклучок на последните 5 минути, воиграни се, дишат како една и имаат јасно поставена цел. А сега им следи вистинскиот тест, во наредниов период им следуваат 3 натпревари со оној другиот Вардар, каде ќе треба да покажат колку напреднале во однос на лани и очекувам да покажат уште подобра игра од онаа минатата година.
 
Од друга страна пак нашата репрезентација има уште долг пат за одење, девојчињава имаат потенцијал, имаат и квалитет, но потребни им се повеќе силни натпревари за да не изгубат глава како во финишот со Словенија и како Вардар денес... А дефинитивно потребна им е и поголема самодоверба и поголема поддршка од наша страна.
 
И за крај, само еден Металург,
Спортски поздрав.