Wednesday, December 31, 2014

Спортски желби за новата година

Годинава што ни изминува за секој беше различно успешна, некои се вивнаа во облаци, некои очајно се обидуваат да останат на врвот, а некои за жал само живуркаа. Дека имавме моменти за паметење, имавме, дека имавме моменти за плачење, имавме и тоа, ама нема да се навраќам на минатава година, туку само ќе ви ги кажам моите желби за годинава што со нетрпение ја очекувам.

 

- Четвртфинале на СП во Катар
(Момци знам дека можете, многу пати до сега ни покажавте дека знаете како се игра и навистина од се срце ви посакувам да славите на 25-ти јануари, да го остварите својот сон и да ја израдувате цела Македонија.)

- Силен Металург
(Изминува годинава, а со тоа се надевам дека и сите проблеми ќе бидат надминати. Од Фебруари со нови сили кон нови победи. На Македонија и е потребен Металург, ама не Металург кој живурка и не знае дали ќе го доживее следното утро, туку Металург кој претставува страв и трепет во Европа. Лани секој се плашеше да гостува во "Борис Трајковски", нека биде така и во новата година.)

- Пристоен Пелистер
(Битола покажа и докажа дека живее за ракомет на натпреварот со Дукла. Бизнисмени и фраери од Битола вие сте на потег, вратете и го на Битола она по што беше позната, вратете го ракометот во Битола, дајте им шанса на ракометарите да ни покажат се што знаат и можат.)

- Крај на сагата во МЗТ со нови играчи и тренери
(Ужасна полусезона за МЗТ, несериозност на секој чекор. Разочарани навивачи, разочарани играчи. Ама МЗТ мора да учи од грешките и во вториот дел од сезоната, секој еден во тимот посериозно да си ја сфати работата, да ги засукаат ракавите и да се вратат на вистинскиот пат.)

- Успешно ЕП за кошаркарската репрезентација на Македонија
(Минатата година им ги затворивте устите на сите дежурни душегрижници и покажавте дека можете и без помош од "недопирливите" да се пласирате на ЕП. Епа оваа година ви посакувам да им покажете уште еднаш на сите која е Македонија и да ја вратите еуфоријата по кошарка во нашава држава.)

- Пласман во Светската Лига за одбојкарската репрезентација на Македонија
(Дефинитивно најпријатното изненадување во изминатава година. Момци многу малку ви фалеше лани, но ова лето ќе бидете поискусни и се надевам подобро организирани, па навистина се надевам дека ќе успеете да ја преминете и последната пречка.)

- Нови ветрови во женскиот ракомет
(Го допревме дното, се што следува мора да е подобро нели? Посериозен пристап девојки, поголема борба и желба од ваша страна и резултатот мора да дојде.)

- Некоја победа за фудбалската репрезентација
(Иако покажавте знаци на живот, сепак од вас очекувам најмалку годинава. Секоја победа е успех, а за пласман на некое првенство за жал воопшто не размислувам.)

- Полни сали кога игра секоја наша репрезентација
(Ракометари, кошаркари, одбојкари, фудбалери... сите кои ги бранат боите на оваа држава играат за нас. Не е фер да играат пред празни трибини нели?)

Се надевам дека оваа година ќе имаме исклучително успешна година на спортски план, со многу моменти кои ќе ни останат вечно во сеќавање,
Спортски поздрав и Среќна Нова Година.

Monday, December 22, 2014

Секој циклус ново алиби

Доаѓањето на Обрван и заминувањето на Шундо ги дочекав со огромно задоволство, мислев дека со нов тренер, со тренер со малку поголемо педигре од Шундо, работите ќе ни тргнат на подобро. Бевме петта европска сила во моментот и од новиот селектор очекував поинаков критериум, сметав дека како странец потешко ќе потпаѓа под влијание и ракометот ќе ни го подигне на уште повисоко ниво.



Рака на срце, Обрван имаше одличен старт, ја превзема репрезентацијата кога многу поискусни од него се исплашија, факт е дека Швајцарија ни заврши пола од работата, ама сепак тој не се исплаши од предизвикот и не однесе на Европско. Само што за жал тоа беше првиот и реално единствениот негов успех...

Среќата не не послужи минатиот декември, малер по малер, па десетото место никој не го сметаше за неуспех и покрај тоа што на целото првенство имавме само една победа и еден нерешен резултат. Не бевме целосни, тоа беше првото алиби кое сите го прифативме. Нарушената атмосфера, постојаните напади на натурализираните играчи, отстранувањето на Бранче од репрезентацијата... многу проблеми ја следеа нашата репрезентација и пред и за време и после првенството, но целата јавност застана на страната на селекторот.

Грција ни дојде како мелем на рана, репрезентација по мерка за да се среди ситуацијата внатре, за да се средат проблемите и да се извојуваат 2 лесни победи. На првиот натпревар одигравме катастрофално, до последната секунда се плашевме за победата, се плашевме дека нашиот јужен сосед ќе не понижи во единствениот спорт во кој сме светлосни години пред нив, ама среќата не послужи и извојувавме победа таму, па ги растуривме тука. Преголема била желбата за победа, тоа беше алибито за лошиот меч во Атина.

Нови квалификации, Швајцарија и Чешка ни дојдоа на ред. Релативно лесен натпревар во Скопје и еден од најтешките натпревари во историјата на нашиот спорт во Чешка. Отидовме како апсолутни фаворити и очекувавме лесна победа против репрезентацијата која играше без главните играчи, ама ништо не беше како што очекувавме. Репрезентативците од Металург имале помала минутажа во клубот од претходните сезони, заедно со преголемата ноншалантност со која сме влегле во натпреварот и оп ете уште едно алиби.

Се собираат играчите вчера, имаат цел месец пред нив до првенството кое цела нација го очекува со нетрпение, до првенството кое треба да ни го трасира патот кон Рио, и место нашиот селектор да ја подгрее атмосферата, наместо да ги мотивира играчите, од првата нивна средба, од првиот нивен заеднички момент подготвен е за нов неуспех и кривецот е повторно истиот како пред неколку месеци, Металург. Овој пат ракометарите на Металург не биле доволно физички и психички спремни. За психата признавам, не е лесно да губиш од смешни екипи како Раднички, ама со вистинска атмосфера на подготовките, со убав амбиент викендов против Израел, со квалитетно време поминато со нивните семејства за празниците, психата ќе се врати, зошто тие момци не играат од вчера ракомет, сите до еден со години ни ги носат најголемите спортски радости.

А дали сериозно ја доведе во прашање и нивната физичка подготвеност? Момците во последните 2 месеци играа по 2 натпревари неделно, за жал изгубија на најголемиот дел од нив, но сите до еден играа постојано и со секој нареден натпревар беа во подобра форма. Не ти одговара кога играат малку, а не ти одговара ни кога играат многу... Јас не можам да те разберам, што очекуваш од нив? Мене за жал вчерашната пресконференција ми личи како сепак да си го припремаш патот кон уште едно алиби, за да имаш што да кажеш на крајот на Јануари, да имаш што да кажеш ако не излезе се како што се надеваме, да можеш да кажеш дека заради кризата во Металург не сме избориле квалификации за Рио.

Епа извинете селекторе, ама прекинете да барате алиби, засукајте ги ракавите и почнете да го вршите она за кое верувам дека земате убави пари. Подгответе ја одбраната, поставете го нападот и за прв пат во вашиот живот почнете да превземате одговорност за вашите постапки. Ваше е да ја поткренете психата на тие момци, на вас е да создадете атмосфера, само со позитивна енергија може да го постигнете она што го сакаме сите... Момците од Металург се во полн натпреварувачки ритам, Кире и Борко се одлични сезонава, Столе и Филип за жал се мачат со повреди изминатиов период, а Прибак ја дели минутажата со фантастичниот Караџиќ, но секој од нив има огромно срце и желба и сите се подготвени за подвиг, подготвени да дадат се од себе и да се изборат за она кое го сонуваат уште од победата над Словенија во Белград...

Прашањето што ме мачи е сепак дали вие селекторе сте подготвени,
Спортски поздрав.

Thursday, December 11, 2014

Просечна игра на теренот, одлична на трибините

Не планирав да пишувам за натпреварот вчера, во минатиот пост се одјавив до Јануари, ама морам да ги поздравам двата тима за коректната игра, за тоа што теренот го напуштија здрави и прави сите оние кои стапнаа на него.

Имавме многу малку моменти за славење ние кои навиваме за екипата во сини дресови, ама сепак имам по некој позитивен впечаток после натпреварот. Ме израдува погледот на Талески после вториот постигнат гол кога му врати на Диви за ликувањето при одбранетиот пенал, ме израдува неговата радост и неговата љубов кон дресот што го носи. Тоа е она што го има Металург, а некој друг уште долго нема да го има. Ме израдува и играта на Никола Маркоски, може некој нема да се согласи со мене, ама дечкото е со секој натпревар се подобар. Ме израдува и желбата за борба кај нашите ракометари и тоа што не излегоа со бело знаме и покрај сите проблеми.

Покрај браво за ракометарите морам да кажам и големо браво за Пирати, ама браво и за Комити. Пиратите имаа неколку пароли вчера:

Металург е шампион, така?!?!
Тоа е вашата најголемa мака.

 Обидите за уништување паднаа во вода,
плаво белата боја пак ќе ја вратиме во мода.

 Во ракомет и фудбал бевте за нигде,
чекавте државата од гомна да ве дигне.


Одлична претстава вчера на двете навивачки групи, песна за време на сите 60 минути. Никогаш до сега не сум пишувл за нив, ама денес решив да им упатам по некоја замерка и на едните и на другите.

Пирати прекинете да бидете дерби навивачи. Вчера бевте во одлична бројка, навистина се надевам дека во Недела вашиот број ќе биде уште поголем, а и на сите наредни натпревари од Сеха, бидејќи играчите имаат потреба од подршка во секој момент, во секој натпревар без разлика од противникот со кој играат. Бев на сите натпревари од Сеха и оваа и претходната година, а вие бевте дел од многу малку од нив.

Комити браво за се она што го правите за Вардар. Не можам многу да зборувам за вас и вашите песни, бидејќи освен на натпревар со Металург не сум ве гледал на дело, ама многу некреативни ми делувавте вчера. Дел од песните се дело на други навивачки групи, а една е песна на Кристина Арнаудова. Како најголема навивачка група кај нас сигурно имате барем еден талентиран човек за пишување во вашите редови кој верувам дека со задоволство би ви напишал песна. А денес пак прочитав на некој од нашите портали дека сте го навредувале Талески кога давал изјава, и ако е тоа вистина нека ви служи на чест. Натпреварот бил завршен, победата ваша, абре гордејте се со она добро што доаѓа од Македонија, не плукајте по него!

Уште еднаш браво за сите актери на теренот и на трибините, со нетрпение го очекувам наредниот натпревар на пролет. А сега по втор пат се одјавувам до Јануари (освен ако се случи чудо и го победиме Веспрем),
Спортски поздрав.

Sunday, December 7, 2014

Сонот не се оствари, но Металург мора да продолжи да се бори

Болкава е сеуште иста како вчера, си мислев после преспиената вечер полесно ќе биде денес, ама оној последен шут ми откина дел од душата и ми ги уништи сите надежи. Немав зборови вчера, немам ни денес, не можам да си објаснам себеси како може се да е против нас оваа сезона, ама тоа е спортот, мора да се соземеме и да продолжиме да се бориме понатаму.


Тежок натпревар, полн со адреналин и набој, најдобро навивање сезонава на трибините, голема лавовска борба на теренот... Ако се гледа целиот тек на натпреварот можеби нерешено е најреален резултат и во некоја друга ситуација задоволни би биле и со бод, но не вчера, не кога тој втор бод ни беше потребен за да продолжиме да сонуваме дека чудото сеуште може да се случи. За секунда од облаци сите наеднаш се најдовме на земја, од рајот, за една секунда паднавме во пеколот.

Главите горе момци, вчера ни пруживте одлична претстава, уживање беше да се биде во салата, уживање беше да се проследи вашата игра, да се поздрави вашата желба и борба, последните неколку минути сите дишевме како еден, и навистина жалам што прекрасната вечер не ја заокруживме со победа. Морам да ви кажам дека вчера бев горд што навивам за вас, што навивам за најдоброто од Македонија.

Ама од денес веќе мора да се насочиме кон иднината, минатото за жал не можеме да го промениме. Годинава да ја привршиме некако, па од Фебруари со нови сили кон нови победи. Ќе се загреваме во Сеха и во нашево првенство, а комшиите ќе ги оставиме да се испукаат во ЛШ, па на кондиција ќе ги фатиме во Мај некаде и ќе си ја прославиме титулата повторно како минатата година.

Господа од управата се надевам дека ја научивте својата лекција, дека сфативте дека Македонија живее за овој клуб, дека на народот му е потребен Металург, дека на сите ни се потребни победите на Металург и со сета сила ќе се обидете да го вратите клубот на местото на кое припаѓа, на врвот од Европа. Атмосферата во салата вчера не смее да е последната ваква атмосфера во Скопје, ве молам најдете начин и средете ги работите околу клубот.

А од друга страна не можам да разберам зашто годинава правите слична грешка како лани, лани викавме Сеха била крива, не дозволила одложување, а годинава? Како што е лоша сезонава, се плашам повторно од најлошото. До Нова Година ви следат 2 натпревари во Сеха, натпревари со големи противници, слични натпревари на оној на кој лани го изгубивме Наумче. Не верувам дека некој од вас може да влезе ноншалантно во ваков натпревар, во натпревар со Вардар, во натпревар за кои веќе комшииве ја мобилизираат својата публика за да биле побројни од нас, ама навистина апелирам до сите во двете екипи да ги смирите страстите и да одиграте ревијален натпревар, победата ќе биде небитна ако повторно во жарот на борбата останеме без некој од ракометарите кои треба да ни носат радости во Јануари.

А сега се одјавувам до некој убав сончев ден во Јануари кога истиве овие момци надополнети со Кире, Борко, Столе и Прибак ќе не израдуваат во Катар,
Спортски Поздрав.