Thursday, November 10, 2016

Деца иднината е пред вас!

Цела сезона некако немам инспирација, игра Металург, губи, понекогаш и победува, растура Филип, растура Дарко, скокам во сала, се враќам дома без глас, а сепак мислите не ми доаѓаат.
Денес максимално разочарана излегов од сала, по натпревар во кој на никој не му одеше, во натпревар кога голманите имаа ужасен ден, кога Талески не постигна ниту еден единствен гол, ама прв пат имам желба да им посветам по некој збор на децата.


Ако некој заслужи да биде пофален денес, тоа е дефинитивно Обрадовиќ. Браво Немања за играта денес и браво и за сите натпревари до сега. Го гледаш и во секој момент се плашиш дека ќе колабрира на терен и кога најмалку очекуваш пау, топката завршила во мрежата на противникот. Секоја чест...

Втор мора да е капитенот. Сезоната за Талески почна како бајка, и секој нареден натпревар во споредба со тој е оценет како лош. Уживај Филип во играта, играј го своето и головите и успесите ќе си дојдат. Никој не може да ти ја одземе храброста да решаваш натпревари и решителноста во моменти кога никој не се осмелува да шутне, а тоа е она што сигурно ќе те направи голем ракометар и ќе те оддели од останатите.

Нелоски е дефинитивно најголемиот баксуз во нашава земја, детето има топ во рака, одлична игра во одбраната и за жал секој втор меч е повреден.  Кога влегува во ритам, му се случува нешто, па мора пак да паузира и пак да влегува во шема. Стисни заби Марче, сезоната е долга и  од се срце ги очекувам твоите голови. Од мечот во Загреб пред 4 години знаеме дека те чекаат големи работи и верувај дека секој ден си се поблиску до нив.

Од нашето трио Кузмановски сезонава можеби игра послабо од очекуваното, но талентот, желбата и работата сигурно ќе се покажат набрзо. По малку заборавен во нападот, командуваше во изминатите натпревари со одбраната, па сега кога ќе добие шанса во напад некако ми фали онаа бестрашност со која лани тргнуваше со глава низ противничките ракометари и на некој чуден начин го наоѓаше голот. 10 - те голови против Црна Гора лани по помината цела ноќ во автомобил и извозени илјадници километри се нешто што на секој меч треба да ти е во глава и кога мислиш дека не оди, само храбро напред.

Костески ја започна лошо сезоната, но самата помисла на конкуренција за место во тимот направи да го подигне нивото на игра, да ja качи концентрацијата за време на мечот и да има поголем процент на погодени од промашени удари. Ако продолжиш вака сигурно за кратко време повторно ќе се најдеш на скратениот список на репрезентацијaта.

Палевски и денес за жал отсутниот Томи мајсторе ги користат максимално своите шанси и му покажуваат на Червар дека ја заслужуваат неговата доверба. Ме воодушевува дрскоста на Палевски и во него гледам крило за репрезентација и за Металург за наредните многу многу години. Жал ми е што Палевски не доби шанса по повредата на Марчец и што Червар не се реши да му даде шанса на Јагуриновски кога не му одеше на Костески, зошто децата знаат да играат, и не само што знаат, туку и се вложуваат 100% во секоја минута помината на теренот.

Мартин и Мартин секој во својот домен. Двајцата се иднината на своите позиции, еден со поголема минутажа, другиот со помала. Знаете кој е најкорисен играч во Металург, кој има најмногу асистенции? Велковски! Од натпревар во натпревар Мартин добива се поголема самодоверба и сезонава е оставен да се испече. Грешките се составен дел од спортот, а головите во стилот на Атман полека стануваат негова специјалност. Тебе дете ти фали уште мала решителност и поголема експлозовност при напад и одбрана и со тоа ќе биде направен и последниот чекор кон репрезентација. Томовски е пак единствениот наследник на Борко во моментов. Бара Червар голман, бараше и Обрван пред него, но потенка од таа позиција немаме. Детето има потенцијал, има добри рефлекси, но му треба минутажа за да може да се развие. Со 5 минути по меч не се станува голман, ама со одбрани како оние против Шишкарев се крева самодовербата и така дефинитивно се кали челикот.

Го пофалив Томовски, ама дефинитивно не го заборавам Арсиќ. Како викаат по Дарко, пак Дарко. Никој не може да го замени Станиќ, ама убаво е што имаме голман што знае да реши меч, што знае да сопре контра и да фати зицер. Кога сите гледаат нерешено на семафорот, Арсиќ знае дека тоа нема да биде гол и ја носи публиката во делириум. Браво царе! Тоа е се што можам да кажам.

Деца иднината е ваша, ние сме со вас, секогаш имало и ќе има хејтери кои ќе сакаат да го гледаат само лошото, кои ќе имаат замерки за секоја изгубена топка, но секоја техничка грешка е само еден лист во книгата од лекции кои треба да ги научите годинава. Кинеме нерви со вас, грицкаме нокти пред телевизор и во сала, ама верувајте дека се ви е простено дури играте со срце на терен.

А ти Червар воиграј акции, имаш млади деца кои можат да трчат, можат да се организираат побрзо, можат да затворат и во истиот чекор да постигнат гол.

Се гледаме на 22 - ри во "Јане Сандански",
Спортски поздрав.