Friday, September 26, 2014

Светско, а "наше"

Слушнал некој за Стефан Козлов? Еден, двајца, ни еден?

Стефан Козлов е роден на 1 фебруари 1998 година во Скопје и оваа година играше во финалето на 2 Јуниорски Гранд Слема. Во Јануари годинава на порталот на Македонски Спорт случајно дојдов до неговото име, и ко што сум опседнат со се што е наше, следам што прави детево изминатиов период.



Стефан играше во финалето на Австралија Опен, а потоа и во финалето на Вимблдон. На Ролан Гарос изгуби во четвртфиналето, а на УС Опен повторно во четвртфиналето (но го предаде тој меч заради повреда). Покрај поединечно, игра и во двојки и годинава тргна од четвртфинале на Австралија Опен, па полуфинале на Ролан Гарос и на крај финале на Вимбелдон. Мечот од второто коло на УС Опен воопшто не ни започна поради истата повредата.

Нема освоено ниту еден Грен Слем до сега, но верувам дека наредната година конечно ќе го направи и тој последен чекор. Најмногу ми падна жал кога на Вимбледон во ист ден ги изгуби двете финалиња, прво во поединчна конкуренција, а потоа и во двојки. На двата меча беше блиску до титулата, бидејќи резултатот беше 2 : 1 за противникот.

Кој ми беше всушност муабетот денес? Зашто Стефан не игра под знамето на Македонија? Зашто никој од нашава држава нема исконтактирано со детево? Не е дете што има корени од земјава, туку станува збор за дете кое е родено во Скопје. Американците гледаат голема надеж за нивниот тенис во него, зашто не го искористиме ние тоа? Зашто не би претставувал надеж за нашиот тенис?

Имаме нешто добро, со кое може да се гордееме и кое може да ја промовира нашата држава, но не правиме ништо за да го искористиме тоа. Не викам дека Стефан ќе стане новиот Новак, но не може никој во овој момент со сигурност да каже дека нема да стане. Џоковиќ не живее во Србија, Шарапова е иселена како дете во Америка, Димитров исто така не живее во Бугарија, но сите тие играат под знамето на својата држава, под знамето на Србија, Русија и Бугарија.


Ова е само моето мислење и моја голема желба, а дали Стефан за некоја година ќе игра финале на Вимблдон против Џоковиќ или Надал како Американец или Македонец ќе оставиме времето да покаже.

Спортски поздрав.

Писмо до одбојкарите кои се 20-та сила во светот

Денес читам Македонија била дваесета одбојкарска сила во светот. Резултатот не ми делува воопшто лош за спорт во кој не се вложува воопшто во државава и не се знае дали годинава ќе имаме или немаме првенство.



Нема да лажам и да се правам некој голем експерт за одбојка, воопшто немам гледано одбојка и единствениот допир со одбојката ми беше на часовите физичко каде игравме колку да ни помине времето. Искрено ги научив основните правила летово, зошто ми беше кеиф кога нашите растураа се пред себе. Ги гледав редовно, почнав од квалификации за некое првенство,  гледав онлине стримови, а после кога почна Европската лига, се префрлив на телевизија. Не ми беше секогаш јасно, зашто некој поен е добиен или изгубен, ама бев воодушевен од борбеноста на нашите дечки, од нивната желба да се изборат за место под македонското спортско сонце. Не ја добија потребната подршка, ни од државата, ни од публиката, ама се се прави чекор по чекор во Македонија. Годинава игравте пред 2000 души, и можам да се кладам дека наредната година ќе играте пред малку поголема бројка.

Имавте милион перипетии, ама издржавте се и излеговте како победници. После изгубеното полуфинале во Црна Гора имаше тажно и огорчено писмо од еден од репрезентативците и имаше прашање, зашто играме ние? Играте за себе и за некој вака како мене што ви посвети време летово и го гледаше секој ваш натпревар. Добивте еден голем и верен фан и верувам дека не сум единствен.

Реално одбојката е на последно место од спортовите во државава, но квалитетот и желбата која ја покажавте летово се надевам дека не останаа незабележани од оние кои го прават буџетот и кажуваат кој спорт колку пари ќе добие за развој. Федерацијата не се истакна многу годинава, но сега се поискусни за една година и искрено се надевам дека наредна година ќе си ги сфатат многу посериозно обврските и ќе почнат порано да се занимаат со пронаоѓање на соодветни сали и превоз за тренинзите и натпреварите.

А на сите вас ви посакувам успешна сезона во вашите клубови и уште поуспешно лето во Европската лига наредната година.


Спортски Поздрав.

Tuesday, September 2, 2014

Кошаркарска репрезентација на Македонија

Литванија само што претрпе пораз на Светсково Првенство во Шпанија и тоа од Австралија. Поразот на Литванија ме врати во 2011 и ме потсети на нашата победа на нивен терен. Колку се изгледаше прекрасно, сите бевме во облаци, се славеше мислам цел месец, светот слушна дека се играло кошарка и во Македонија. Поминаа 2 години, истиот состав, друго првенство, спуштени брутално на земја. Чија е вината, на федерацијата, на селекторот, на играчите? Селекторот избега во Словенија, а објаснување од никој друг не добивме. Фрчеа слики од дискотеки низ Словенија, пијани кошаркари, ама се им се прогледа низ прсти зошто Литванија сеуште ни беше свежа во сеќавањата.

Нов циклус, нов селектор, дојде време за квалификации по долго време. Не одигравме само еден квалификациски циклус ама некако веќе не ни се играат квалификации, станавме преголеми ѕвезди. Еден по еден почнаа кошаркарите да му откажуваат "љубов" на селекторот.

Антиќ одигра навистина напорна сезона и неговото откажување помина некако најлесно, но тие што следеа дојдоа само од страв, страв од неуспех, страв дека не сме доволно добри. Чековски одигра сезона на високо ниво во МЗТ, за Самарџиски од време на време читавме по некоја статија дека постигнувал поени во Турција, Илиевски долго беше без клуб, но во вториот дел од сезоната заигра во Нимбург и ако не се лажам освои дури и титула со нив. Овие тројца кошаркари требаше да ја претставуваат првата петорка на репрезентацијата надополнета со близнаците Стојановски, ама си измислија свои причини и се решија да не играат повеќе за Македонија. Не знам зашто чуствувам огромен гнев кон Чековски и Самарџиски, а оној кон Антиќ и Илиевски е далеку помал. Дали поради тоа што сите сме свесни дека првиве двајца немаа никакви проблеми и во последен момент исплашени од предизвикот да ја превземат целата одговорност на свој грб излегоа огромни кукавици и пуштија други момци да ја бијат нивната битка, па ако бидне, бидне, ќе се вратиме пак да играме, ако не, не сме ние криви, "повредени бевме".

Сепак сигурноста која ја носи Илиевски во оргнизацијата на играта на Македонија, е она што ме прави попостлив кон него. Со Илиевски нема изгубени топки и неплански изгубено време во напад, така да и покрај "предавството" што го направија летово сметам дека место во репрезентацијата за него и за Антиќ треба да има, ако ништо друго затоа што беа единствени кои играа со срце и душа на секој натпревар во Словенија, додека сите останати отидоа максимално туристички.



Преминувам на момците кои играа летово и ни покажаа дека и без големи ѕвезди, со правилен пристап кон секој меч, со голема борба, желба за докажување може да се постигне се. Не победија големи велесили како Литванија, ама секој натпревар беше посебна битка, битка прво против јавноста, против оние неверниците, против самите себе, против оние кои донесоа правило за 6 странци во нашето првенство, против бившите репрезентативци кои не сакаа да се испотат летово. Црно ни започнаа квалификацииве, по првите 20 минути со Белгија, натпреварот делуваше изгубен, ама се случи чудо, момците одиграа второ полувреме како во транс и продолжија на тој начин до крајот на квалификациите.

Најголем проблем кај сите наши спортисти и екипи е психата, ама оваа екипа е единствената која сум ја видел што нема никаква бариера во мозокот. Се вратија против Белгија, па и против Белорусија на гости. Таму имаа фантастичен старт, следуваше катастрофална втора четвртина, ама не запреа, не се повлекоа, туку најдоа начин да се извлечат од меланхонијата, од бездната и да победат.

Има место за голем напредок во играта, како во одбраната, така и во организацијата на нападот. Фали поголема дисциплина во играта и дефинирање на обврските на секој на теренот. Единствени центри на светот што знаат да шутираат тројки се нашите центри, и навистина се добри во тоа, но не може да се претерува со тоа, не може центрите постојано да седат на шут за три наместо да бидат под кошот и да чекаат проигрување на нивната природна позиција.

Впечатокот за сите 14 момци кои ги бранеа летово боите на Македонија е одличен, Војдан си ја превзема улогата на лидер и заедно со Бојан се дополнуваа максимално на сите натпревари. Хендрикс имаше најтешка задача, не е лесно да наследиш некој кој е реално незаменлив. Не се очекува од него да биде главен играч во тимот како што беше Бо, пружи добри партии во квалификацииве, но ќе очекуваме одлични партии од него на престојното првенство. Костовски го издржа главниот товар на плејмејкерската позиција и одигра солидно, но неговиот стил на игра е премногу ризичен и топките не стигаа секогаш на поскуваното место. Магдевски има точно уште една година да акумулира искуство во Шпанија и да експлодира наредното лето. Дамјан, Симоновски, Соколов и Ѓуровски максимално го искористија времето поминато на терен и сите од нив погодија во битни моменти, иако сите воглавно ја паметиме тројката на Симоновски против Белгија. Брчков, Јаневски и Димчевски не добија голема минутжа летово, но верувам дека Џикиќ може да се потпре и на нив за наредната година. Младеновски ја има целава оваа година да покаже дека заслужува да се најде на Европското првенство, а со оглед на составот на МЗТ за оваа сезона, за очекување е тој да добие поголема минутажа во однос на претходната година, а со тоа и повеќе искуство и самодоверба. Крстевски за своето место исто така ќе треба да се избори преку својот клуб, бидејќи заедно со Младеновски двајцата не добија голема шанса летово.

Според мене Џикиќ би требало да направи селекција помеѓу овие 16 кошаркари. Сите ја имаат оваа година, да покажат дека токму тие се најдобрите на својата позиција. Се надевам дека ќе ги служи среќата и здравјето, па без повреди ќе направиме значаен успех на Европското Првенство.

Спортски Поздрав.