Monday, March 16, 2015

За Металург може да се игра само со цело срце и со цела душа, никако поинаку

После овој возбудлив ракометен викенд многу ми е жал што Металург не е веќе дел од ЛШ, што не ја чекав со нетрпение денешната колумна на Балкан Хендбал како минативе години, што немав никаква желба да ги погледнам видеата со 5 - те одбрани, 5 - те гола и 7 - те најдобри ракометари од изминатиот викенд... Навистина жалам што не сме повеќе дел од ЛШ, ама уште повеќе жалам што отидов вчера во "Борис Трајковски", бидејќи вчера за прв пат си отидов максимално разочаран од тоа што го видов на теренот. 


"Znam da je to pričao prošle godine, dodavao još da Makedonci prekidaju igru tako što se valjaju po terenu, ali je isto tako prošao i u revanšu – dobio po nosu. Ta Metalurgova generacija je bila od kamena. Puna samopouzdanja, karakterna." - напиша Жика денес во колумната на Балкан Хендбал за мечевите на Вардар и Загреб.

Металург никогаш не бил најдобар тим на светот, никогаш немал најдобри услови, ама секогаш сите давале се од себе, секогаш се играло со срце, со душа... секогаш се наоѓало мотивација без разлика на моменталниот резултат за да се организира нареден напад, секогаш имало време за пресврт, секогаш знаеле како да победат за публиката. И после цела година, сезоната од минатата година не е падната во заборав, една екипа ги порази шпанскиот, францускиот, унгарскиот, хрватскиот, данскиот, македонскиот и белорускиот шампион. Една екипа во која сите функционираа како еден, во која секогаш се одеше на победа, за која немаше тежок противник. 

Е сега имаме нова екипа, а овој наш нов, млад Металург до пред 2 недели ветуваше многу, имавме момци кои беа подготвени да се борат за секоја топка во текот на сите 60 минути, ама веќе за жал тоа не е така, вчера беше измачување да се гледа нивната игра. Ако не ти е доволна мотивација тоа што отприлика 2000 души излегле од дома во недела навечер и дошле да навиваат за тебе, ако не ти е мотивација тоа што уште минимум толку те гледаат на телевизија, ако не ти е мотивација тоа што играш за Металург, тогаш не знам што ви е потребно за да се мотивирате. Кога гледам ракометари од 19, 20 години како без желба излегуваат на терен, како без жар влегуваат во секој напад и одбрана губам секаква желба за ракомет.

Што се промени за овие 2 недели? Се промени составот на екипата, се донесоа неколку нови ракометари кои наеднаш влегоа во првата седморка. Се наруши хемијата на екипата која растеше заедно веќе 4, 5 години зад името на Металург Јуниор. Староседелците наеднаш преку ноќ ги изгубија своите места, наеднаш станаа мислиш непотребни во екипата, и со тоа се уништи целата хармонија која постоеше. Гинеа овие деца еден за друг изминатите неколку години, дали во дресот на Металург или во дресот на нашата репрезентација, ама вчера и во минутите кои ги добија како на терен да излегоа некои нови деца, некои нови непрепознатливи ракометари кои не сакаат веќе да се борат, ракометари кои се помирени со својата судбина. 

Да не бидам сфатен погрешно, немам никаква замерка за ниту еден од новите ракометари, нема никаква вина кај нив, секогаш треба да играат најдобрите, само што секој треба да го заработи своето место, а тука за жал се создаде општа слика дека тие ги заслужија своите места во екипата со тоа што во пасошот не им пишува Македонци. Еден меч се воигруваат, втор, трет... екипата почна да игра се полошо, а ние сеуште ја воигруваме.

Факт е дека беа потребни засилувања, децата од јуниор дополнети со Џукиќ и Бувиниќ имаа потреба од дополнителна помош, потребно беше дополнително искуство во екипата за да се спаси клубот и за Металург и наредна година да игра во Сеха и ЛШ, ама дали Лино го направи вистинскиот избор ќе видиме за многу кратко време. Лесно е да победуваш со екипа во која ги имаш Жути, Мојсо, Вуги, Станиќ и Атман, ама вистинска уметност е да победуваш со екипа без вистински ѕвезди. Ама па и ние веќе не бараме да ја победите Барса, бараме да ги победите Прилеп, Тинекс, Охрид и Зомимак.

Уште едно нешто фалеше во последните 2 недели, фалеа лидерите на оваа екипа, фалеа Талески, Нелоски, ама фалеше и капитенот Никола Митревски. Филип е еден од најмладите во екипата, ама поголемото искуство го прави поголем во очите на другите и му дава авторитет и слобода да подвикне кон другите кога нешто не оди. Новиов голман се покажа во солидно светло, ама сепак ми фалеше и мотивацијата и сигурноста кои ги пружа Митревски. И дефинитивно фалеше Марко, фалеа неговите шутови, голови и блокови.

Ако претходните години во овој период почнувавме да мислиме на титула, сега сонуваме за второто место. Второто место може да биде реалност само ако ги вратите жарот и желбата во својата игра, бидејќи не победува секогаш подобриот, туку победува оној кој повеќе ја посакува победата. Квалитетот е на ваша страна, ви недостасува само изгубента желба, ако ја повратите неа, после многу лесно на претседателот на Зомимак, кој насекаде најавува дека наредната година ќе играле во Сеха и во ЛШ ќе му ја затворите устата.

А ние навивачите можеме да жалиме, да погодуваме како клубот ќе изгледа наредната година, да се надеваме, ама само господинот Јорданов и непогрешливиот Китевски знаат што ќе се случува на лето и дали и како ќе ја започнеме наредната сезона. Веќе напишав дека одбивам да поверувам дека ова е крајот на Металург, и денес стојам на истиот став и верувам дека Металург до лето повторно ќе биде стабилна екипа во која ќе се врати барем легендарната 13-ка,
Спортски Поздрав.

Monday, March 9, 2015

Крајно време е Сино - Белиот џин да експлодира

Во моментот во кој беше пуштен спортскиот центар "Јане Сандански" во употреба невидена несреќа ја зафати сино белата страна на градот... Сите клетви кои беа упатени кон салата и нејзиниот сопственик се свртија само кон нашата екипа. Новиот спортски храм донесе огромна среќа и хармонија во екипите на Вардар и радост за нивните навивачи, но истовремено беше означен и почетокот на непобедливоста на МЗТ. Цела сезона чекаме нашите играчи да се разбудат, да им тргне, да изиграат еден цел натпревар како што треба и за жал сеуште чекаме.


Можам да се лажам и да кажам дека е во ред што ги растури Олимпија, ама колку и да се трудам да најдам изговор за ова денес, изговор нема. Ако до пред 1 месец ја сметав управата за единствена одговорна за катастрофалната сезона, сега веќе сметам дека единствени виновници за сите порази се балерините што го носат дресот на нашиот шампион. 

МЗТ и лани видовме дека може да биде победен, дека има слаби страни, ама годинава МЗТ игра без душа, без срце и без желба. Цел живот сум главен поборник за поддршка до крај, за бодрење на играчите, ама МЗТ годинава ми ги истенчи нервите. Одам во сала цела сезона, очекувам борба, а добивам играчи кои мислиш случајно завршиле на терен, го гледам Цветковиќ како намерно прави лична, го гледам Марко како се плаши да шутне... гледам екипа која има екстра услови, која има огромни плати и која сепак не игра ништо.

Лошите одлуки на управата се редеа една по една, за почеток замижаа пред кражбата на домот на МЗТ, потоа ја сменија комплетната ланска екипа, за по некое време да видат кај грешат, пополека формираа тим кој без проблем треба да победува БАРЕМ по некоја екипа во АБА и да нема порази во нашава лига, и на крај платија огромни пари за Купот да се одигра дома и лесно да се освои пред својата публика, ама... ама не може Ивица или некој од Фемили да влезе на терен и да игра, нели?

Ништо чудно да направивме Гинисов рекорд по бројот на променети играчи и тренери во една сезона, ама Пипан е дефинитивно вистинскиот тренер за балерините од Аеродром. Никогаш нема да заборавам како ги удри Дејвис и Оташевиќ после еден непотребен промашен цепелин пред 2 години, а баш сезонава на сите до еден им треба по еден шамар за да се освестат. После изгубениот Куп и прокоцканава победа денес им треба некој што ќе им одржи добра лекција, им треба некој да им каже дека мечот трае дури не истече времето, дека секоја топка треба да се освои, дека не е лошо понекогаш и да победат, и дека треба да се скокне по промашено слободно фрлање.

Во екипата единствени кои редовно играат се Самарџиски и секогаш одличниот Синовец. Лучиќ знае да светне од време на време, да погоди некоја тројка, па да промаши од под кошот. Цветковиќ се труди што побрзо да направи лична за да си седне на клупа. Шеховиќ не е ни бледа сенка на она што беше лани. Симоновски цела сезона преплашен е во АБА, може сега конечно во нашава лига ќе се почуствува на свој терен, па ќе почне да игра. Кире 10-та година по ред е талент и го чекаме да заигра. Ми остануваат само уште децата кои годинава реално не добија никаква шанса да покажат што знаат, играч не се станува со 30 секунди на терен неделно. Малку поголема минутажа доби само Стајиќ, а според мене треба да добие многу поголема, зошто детето има добар стил и шут, се надевам дека сега покрај Чапин ќе може вистински да учи и напредува. А Чапин кутриот доби задача да ја препороди екипата, да му покаже на Цветковиќ дека не е незаменлив и да ни ја спаси сезоната. Големо бреме падна на неговиот грб, ама премногу години има зад него, за тоа да му прави притосок и да влијае на неговата игра.

Ај ќе кажеме дека го прежаливме Купот и покрај тоа што дозволивме некој друг да се сити и радува во нашата сала, ама титулата мора да остане дома. Сфатете дека играте за нас и немојте да дозволите предавниците кои се колнеа на верност да продолжат да ви се смеат. Сите порази сезонава многу брзо ќе се заборават ако почнете да ги заработувате парите кои ги добивате, ако почнете да играте кошарка... ако ја освоите титулата. Одбрана на титулата продолжува во Четврток против екипата која ни нанесе 2 порази сезонава, еден лесно заборавен и еден сеуште свеж и болен и баш затоа на Кожув мора да му се наплати со камата.

Титулата мора да остане дома,
Спортски поздрав.