Saturday, September 26, 2015

Металург ја стартуваше новата победничка серија

Кој не беше вечерва во Борис Трајковски може само да жали, кој не беше таму за да ја види желбата за победа, вербата во чудо на момците во сино, навистина згрешил. Ретко кој веруваше во победа вечерва, ретко кој им даваше било каква шанса на момците, ама они сакаа на сите да ни покажат кои се и што можат. Вечерва ни докажаа нам, но си докажаа и себеси дека можат да победат секого. Шафхаузен допатува премногу самоуверен во својата победа, ама со наведнати глави ќе си го фатат патот накај дома. Браво момци, ми го наполнивте срцето вечерва и ми донесовте радост каква немам почуствувано од пред 2 години и победата над Колдинг. Браво и секоја чест!



Ако Металург сака да победува, тогаш мора да ја игра својата игра, а тоа е гранитна одбрана и трпелив напад. Одбраната вечерва ни беше одлично поставена, подвижна, секој знаеше кога и каде треба да покрива, вистинска "Металург" одбрана. А нападот, нападот беше добар, трпелив, спор, како што сме навикнати, но со одредена доза на дрскост која на крај се исплатеше. Новиов Металург игра трпелив напад, но воедно е и брз, пресекува контри, спречува брз центар и се менува од позиција на напад во одбрана за неколку секунди.

Момците одиграа феноменално и заслужено се радуваа на победата на крајот. Капитенот одигра капитенски, отвараше простор за бековите, а покрај огромната борба и претрпени удари, постигна и неколку убави голови. Божовиќ фантастичен во нападот, решителен да пресече и да шутне кога се очекува тоа од него. Мраковчиќ одличен, во стил на плејмекер со големо искуство зад себе, го изнесе целиот товар во текот на целиот меч, притоа постигнувајќи и 5 неверојатни голови. Костески и Маџовски го растураа Шафхаузен од контри, а пак Кузмановски одигра супер со Куковски во одбрана, но и со еден постигнат гол со кој покажува дека Македонија навистина треба да смета на него во иднина. Талески со помала минутажа од очекуваното, но со солиден настап во добиените минути. И за крај огромно браво за единствениот македонски голман кој брани по 60 минути во ЛШ, секоја чест за Дупјачанец, одбрани кога беше најтешко, кога беше најпотребно, а воедно беше главен мотиватор и на помладите и на публиката.

А публиката, онаа искрената ќе биде со Металург секогаш кога ќе му биде потребно, а бројот на помодарите ќе се зголемува се повеќе и повеќе со секој нареден меч и со секоја нова победа. Малите деца во публиката денес добија нови идоли и после мечот ги опколија момците и го чекаа својот ред за да се фотографираат со Талески, со Мраковчиќ, со Пешевски... Ама дефинитивно најсимпатичен дел од вечерта беше крајот кога момците не беа сигурни дали и како да ја поздрават публиката, епа момци да знаете дека ние секогаш го чекаме вашиот поклон и од се срце го чекаме моментот за ние да ви се поклониме вам за вашата игра и пожртвуваност. 

Уште еднаш, браво, само еден Металург,
Спортски поздрав.

Friday, September 25, 2015

Време е за нова победничка серија

Балкан Хендбал се прашува кој ќе победел на Балканското Ел Класико, целиот останат ракометен свет се прашува што се случува со Веспрем, како можеа ПСЖ и Кил да претрпат такви катастрофални порази, како Барса можеше да дозволи рушење на митот за нивната непобедливост уште на првиот меч во сезоната, а јас само се прашувам дали Металург има сили за победа во утрешниот меч.


Од минатиот викенд кога започна ЛШ, ми се јави истата возбуда од минатите години и повторно со нетрпение го чекам моментот кога ќе започнам да се спремам за натпреварот, загревањето на тимот, адреналинот на публиката, коментарите на официјалниот спикер, "Hit the road Jack", нервозата после секој примен гол, но и огромното задоволство после секој даден, воодушевувањето на секоја добра одбрана и конечно крајниот свиреж за крај на мечот и прославата на победата. Тимот веќе не ни е секогаш фаворит, ама моите очекувања се истите, очекувам борба, очекувам победа, очекувам одлична атмосфера.

Ако лани велев деца, сега веќе пред нас имаме искусни ракометари со искуство од ЛШ зад нив и кои иако млади веќе знаат како е да се игра во полна сала и како е да се води исцрпувачка битка на теренот за секоја топка. Ако лани велев добро е, се бореа, ќе биде подобро, сега веќе очекувам да блеснат, да ја превземат одговорноста во свои раце и да ни покажат дека навистина заслужуваат да играат во ЛШ. Кадетен Шафхаузен не е најдобра, но не е ниту најслаба екипа во групата и баш затоа е вистинска шанса за враќање на вистинските патеки. Затоа момци со ладни глави и цело срце влезете во мечот и покажете им на Швајцарците дека во Скопје никој не си поминал лесно.

Долго бевме непобедени во "Борис Трајковски", а прв чекор кон креирање на нова таква победничка серија е полна сала и поддршка во текот на сите 60 минути. Сите заедно кон победа. Само еден Металург,
Спортски поздрав.