Monday, February 23, 2015

Од Барселона, преку Загреб, до нова победа во ЛШ наредна година

23.02.2014 година - Најголема победа на еден спортски колектив, големата Барселона падна во Скопје. Незаборавни моменти, неверојатна атмосфера, цела Македонија славеше...

Измина точно една година од тој ден...
22.02.2015 година -  Последен натпревар на Металург во Европа за оваа година. Со тага го проследивме натпреварот, со тага се сеќававме и на минатата година и се надеваме дека еден ден пак ќе имаме причина за таква радост...

23.02.2015 година - Заврши ЛШ за нас оваа година, многу порано од планираното, многу порано од она на што сме навикнати. Сезонава е дефинитивно сезона за заборав на резултатски план, сезона во која видовме повеќе политика, отколку квалитетен ракомет, сезона во која еден по еден ги изгубивме Станиќ, Атман, Циндриќ, Мојсо, Дејан, Жути, Џомба, Ацо и Вуги, но и сезона во која ги добивме Костески, Бојан, Борјан, Мартин, Велковски, Крстевски и Бувиниќ (Талески, Нелоски, Џукиќ и Пешевски веќе ги имавме).


Натпреварите на Металург во ЛШ од секогаш биле празник на ракометот, забава за целото семејство, место каде можеш да отидеш и да знаеш дека исполнет со позитивна енергија ќе си одиш накај дома...Тимот вчера беше целосно поинаков од она што сме навикнати да го гледаме, ама енергијата во салата беше истата како и на сите претходни натпревари, љубовта на публиката кон Металург е сеуште непроменета, барем на онаа публика која и пред една година вистински го сакала Металург.

Го гледавме загревањето, ги поздравивме децата, ме мавна мала носталгија кон старите времиња, ама на теренот игра Металург, а моето срце секогаш исто ќе чука без разлика кои момци ќе излезат на теренот. Почна мечот, хорор... Еден гол, два гола, три, четири, мислиш крај ќе нема на серијата на Загреб. Очите ми се наполнија со солзи и почнав да се враќам во времето и да мислам како можеше да се најдеме во оваа ситуација, ама Бувиниќ ме извади од сонот и како наеднаш и целиот тим да се разбуди од истиот сон, па почнаа да играат.

Времето течеше, Загреб беше постојано во водство, голови и одбрани на двете страни, мечот се приближи кон својот крај, Металург израмни, сите во салата станаа на нозе, се бодреше Металург, сите се надевавме дека може да се случи чудо, дека нашата екипа може да извлече поволен резултат. Ама чудото по не знам веќе кој пат оваа сезона, не одмина...

Металург вчера изгуби, но изгуби во изедначен натпревар од млада, но веќе искусна екипа која расте изминатите 3, 4 години токму низ ЛШ. Децата на Загреб пораснаа годинава, а нашите допрва почнуваат да се развиваат... тек почнуваат, ама гризат и се борат, се борат лавовски за да покажат дека Металург никогаш не треба да се избрише пред време. Ме воодушевува жарот и желбата кои се гледаат во очите на сите до еден. Веќе полека им помина првичниот шок, прифатија дека во нивни раце е иднината на Металург, дека најтешките битки допрва им доаѓаат и конечно почнаа да се чуствуваат удобно на теренот. Одиграа против Кил во Шпаркасе Арената, зар може да постои пожежок терен од тој?

Лидер на оваа млада екипа на секој натпревар до сега беше новиот капитен. Вчера Никола Митревски беше фантастичен. Не само што одлично бранеше на голот, туку целосно диригираше со одбраната и секогаш знаеше од каде ќе нападне Загреб. Одбраната на Металург за прв пат годинава ме потсети на онаа најдобра одбрана во Европа со која се фалевме изминатите години. Нешто не ни штимаше во одбраната оваа сезона, не и штимаше ни на Македонија на СП, ама затоа нашата одбрана вчера беше извонредна. Митревски често беше главна цел на напади годинава, ама капитенската улога како да му даде сила и самодоверба кои му фалеа претходните месеци.

Целиот тим одигра одличен меч, но покрај Митревски морам да го издвојам само уште Бојан Маџовски. Ако Костески го добивме на натпреварот со Војводина, вчера го добивме Бојан Маџовски. Бојан немал лош натпревар до сега, сите минути ги одработил коректно, ама вчера беше незапирлив. Дрзок и прецизен во нападот, ама страшен и во одбраната. После Темелков конечно добиваме ново крило кое може подеднакво добро да брани и на крило и на бек. Браво Бојан!

Металург го има талентот, ги има играчите и затоа верувам дека Лино до крајот на сезоната правилно ќе ги нареди коцките бидејќи овој Металург му е потребен на Скопје, овој Металург и е потребен на Македонија и потребно ни е на сите повторно да гледаме ЛШ наредниот Септември во "Борис Трајковски",
Спортски Поздрав.

П.С.
Ќе измине уште една година...
21.02.2016 година - Металург со уште една победа во "Борис Трајковски" ја завршува групната фаза во ЛШ.

Monday, February 16, 2015

Крај на една, почеток на друга ера

Кога гледам наслови од типот "Мизерија", "Дебакал" имам огромна желба да им влезам на новинарите и да им мавнам по еден бокс, да не знаат каде се наоѓаат со денови, а потоа и по еден бокс на сите од управата на Металург бидејќи тие се далеку повиновни за овие наслови од нашите новинари кои со години го чекаа моментов во кој ќе можат да напишат ваков текст. Оние пак кои коментираат со уживање под овие наслови, кои со сето срце ги навредуваат ракометарите на Металург и не сфаќаат дека ја навредуваат всушност комплетната репрезентацијата на Македонија за 3 до 4 години, ми се навистина за жалење и не сакам да трошам време на нив. А ако сме веќе искрени мизерија беше играта вчера на МЗТ Скопје во вторто полувреме и на ЖРК Вардар во текот на целиот натпревар, ама тие два натпревари не се тема на муабет денес.


Ако го баталиме првото полувреме во кое нашите ракометари за прв пат во нивните животи немаа некој поискусен со нив кој ќе превземе одговорност, кој ќе шутне, кој ќе организира некоја смислена акција, полувремето во кое премногу лесно се изгубија на теренот и не знаеја што да прават со топката... тогаш целиот натпревар може да добие преодна оценка. Во текот на првото полувреме можеби 20 минути немавме шут кон голот на Кил, но во второто полувреме децата некако сфатија дека ако шутнат има голема веројатност дека ќе погодат, па почнаа да уживаат во натпреварот и решија да покажат дека сепак можат да пружат отпор против огромниот противник.

Металург вчера играше против Кил, против истиот Кил кој пред неколку месеци во "Борис Трајковски" го победи комплетниот Металург со Жути, Атман, Мојсо и Вуги со огромни 15 разлика. Истиот тој комплетен Металург лани во Барселона постигна само еден погодок повеќе од овие деца вчера и изгуби со само еден гол помалку, па после во возвратниот натпревар ја порази Барселона на домашен терен и го постигна најголемиот успех кој го постигнал еден наш спортски колектив. И баш затоа потполно не се согласувам со тоа дека овој Металург нема што да покаже, дека сме се вратиле цела деценија назад, дека ова е нивниот максимум, баш овој нов Металург има што да покаже и докаже, баш овој Металург за неколку години ќе ја потчини Европа, можеби немаме повеќе ѕвезди во тимот, ама имаме тим кој расте заедно веќе долг период и кој сега постепено ќе почне да созрева... Нивното време допрва доаѓа!

И пред мечот знаевме дека Талески ќе биде најдобар, дека Митревски ќе не вади кога не оди, дека Нелоски ќе даде неколку гола, дека Пешевски ќе се бори на линијата од 6 метри, но она што најмногу ме израдува вчера се головите на Крстевски, Велковски, Бојан Маџовски и Костески бидејќи беа нивни први во ЛШ, со тие голови тие самите на себе, а и на нас ни покажуваат дека не се случајно во тимот, а воедно ме израдува и играта на новиот левак Бувиниќ кој вчера го одигра првиот меч за Металург и покажа дека можеме да сметаме на него во иднина.

Затоа момци немојте да дозволите овој меч и резултат да влијаат на вашата самодоверба и игра, бидејќи вчера игравте против најдобриот тим на светот, против најголемиот ракометен бренд на светот, против еден од двата најголеми фаворити за трофејот во ЛШ. Многу ракометари сонуваат да стапнат во таа арена, а вие бевте таму и бевте главни актери на теренот.

Вчера беше и официјално означен крајот на старата ера и започна новата, време е за нови момци кои знам дека со наша подршка ќе станат повторно страв и трепет во Европа,
Спортски Поздрав.

Sunday, February 8, 2015

За професорот и неговите деца

Тежок народ сме, за некој да не купи треба стварно да се испоти и намачи, ама Вуги успеа за краток период да стане легенда. По се изгледа, тој ќе го направи за Металург и за Македонија она што многу други со далеку подолг стаж од него, Македонци се исплашија да го направат, ќе остане во Металург како последен Мохиканец и ќе ги предводи нашите деца барем до крајот на сезоната. Секоја чест професоре!!!


Едно утро станувам и читам вест дека Металург го испратил Марковиќ во Гепинген на местото на Станиќ и толку, стварно се разочарав и не верував дека може да дојде некој на негово место кој ќе биде барем приближно добар како него, ама дефинитивно не можев да згрешам повеќе. На негово место дојде човек кој го промени менталниот склоп на сите во и надвор од екипата, Вуги беше последното делче од мозаикот кое фалеше за да се создаде една победничка приказна.

Текстов не планирав да биде за Вуги, текстов треба да биде за оние деца кои вчера докажаа дека имаат што да и покажат на Европа. Да не се лажеме, Вуги беше тој што вчера беше заслужен за 17 од 26 - те голови на Металург, а играта без него не сакам ни да замислам како ќе изгледаше, ама децата во вистински моменти покажаа заби, храброст и дрскост и освоија голем бод кој сеуште ги остава во игра за шестото место.

Талевски полека станува добар ракометар, преминот од талент во играч ќе мора да се случи оваа година и на добар пат е да биде новата голема ѕвезда на нашиот ракомет, скокот и шутот се фантастични, единственото нешто кое му фали во моментов се големите натпревари.

Нелоски, втората наша идна голема ѕвезда, навидум сличен на Талески, а всушност со целосно поинаков стил на игра, одличен во одбрана, трпелив и паметен во нападот.

За Костески зборувам веќе неколку години, до ден денеска не можам да разберам зашто беше постојано занемаруван и од Лино и од Обрван, ама се надевам дека двајцата добро ќе подразмислат кога нареден пат ќе ги прават составите. Вчера покажа стабилност, брзина и неверојатна прецизност. Браво Никола за партијата вчера!

Ако по некој се викаше на последните 3 натпревари, тоа е дефинитовно Пешевски, разбирањето со Вуги тешко им оди и треба да помине цело полувреме за да почнат да функционираат како што треба, ама после тој момент Пешевски е незадржлив на линијата од 6 метри, вчера доби 3 топки во второто полувреме и постигна 3 гола.

Мартин има најтешка задача во тимот, многу е тешко кога го носиш презимето Манасков, кога си син на најдобриот наш ракометар на сите времиња и брат на Дејан кој на само 22 години успеа да створи име во ракометниот свет, ама времето допрва доаѓа за него, зашто да не биде поголем ракометар од другите двајца Манаскови?

Браќата Бојан и Борјан, делуваат како комплетно различни личности и играчи, првиот шприцер ладен, мислиш мува не го лази, шутира без размислување, а вториот максимално пожртвуван, игра со цело срце и цела душа, се внесува и при секоја одбрана и во секој напад.

Го гледам и Џукиќ вчера на клупа, таман си одговара по возраста со оваа екипа, ќе расте заедно со нив, па со Костески ќе станат убиствен тандем на десната крилна позиција.

И за крај Митревски и Ојлевски, последните двајца од големиот Металург. Вчера Митревски капитенски го направи пресвртот и гордо ја предводеше екипата кон својот прв бод, а Ојлевски наеднаш од еден од најмладите во составот стана еден од најстарите, па сега ќе мора да превземе многу поголема одговорност и да решава ситуации кога другите ќе немаат храброст.

А па Жути само што замина, ама мораше да го проследи натпреварот, срце не му дава да не го гледа неговиот Металург, одма ја прокоментира играта и честиташе за бодот и јас знам дека брзо ќе се врати во Автокоманда, ќе се врати брзо каде што го влече душата, зошто тажен вчера ми беше за гледање мечот без него.

Овие деца имаат талент, а предводени од Лино на клупа и Вуги на терен можат да постигнат големи работи. Дека ќе има порази, ќе има, ама дека ќе бидеме со вас, ќе бидеме. Вчера направивте сите да трепериме со вас до самиот крај, не потсетивте на убавите денови. Се радувавме на секој ваш гол, се радувавме на секоја одбрана, се радувавме на играта на Металург. Вчера сите аплаузи беа за вас, сите искрено ве подржуваме и очекуваме да продолжите од местото каде што Жути, Мојсо, Џомба и Ванчо застанаа. Сите заедно ќе го вратиме Металург на местото каде што припаѓа.

Уживајте во натпреварот со Кил и немојте многу да им се плашите зошто и они се само луѓе од крв и од месо,
Спортски поздрав.

Friday, February 6, 2015

И вчера и денес и утре - Само еден Металург

Доаѓа викенд, пат под нозе и правец Борис Трајковски, спремни за ново шоу, за нова борба, за нова победа. Си тргнуваш порано од дома, знаеш дека ти следува борба за паркинг место. Пронаоѓаш место, се упатуваш кон влезот каде луѓето од обезбедување веќе не те ни претресуваат зошто те знаат, доаѓаш 2 пати неделно во салата, викенд за ЛШ, среда за Сеха, па со текот на времето ти станале и пријатели. Се движиш низ добро познатите ходници и доаѓаш до твоето место, твоето столче кое не би го сменил за ништо на светот, пусто суеверие. Се сместуваш, проверуваш дали нашите се сите на број, па ги меркаш противниците и заклучуваш дека нашите лесно ќе се справат со нив, се префрлаш на анализа на загревањето, погодуваш кој ќе биде најдобар денес, кој лесно ќе дава голови, кој никако нема да ја промаши стативата, кој ќе одбрани повеќе... завршува загревањето, Дејан зема топка, шутира за последен пат кон голот, по што заминува во соблекувалната.


Се слуша сирената. Следува претставувањето на играчите, излегува прв Наумче, па Станиќ, Гоце... целата сала е на нозе и громогласно ги поздравува сите, се слуша химната и сите знаат дека сега веќе станува сериозно.

Се мести нашата одбрана, брани Станиќ, контра Манасков, нареден напад блокираат Ацо и Велко, па Миркуловски изнудува пенал, Џомба одма ја прибира топката, Вугринец лесно го реализира пеналот, следуваат лесни голови на Мојсо и Атман. Цепелин прават Џомба и Вуги, Ванчо постигнува погодок од невозможна ситуација и изнудува 2 мин, ечи "Hit the road Jack", цела сала се радува, фаќа Митревски пенал, па гол од контра постигнува Ојлевски. Тајм аут бара противникот, бара спас од ситуацијата, излегуваат на терен девојчињата на Металург, уживаш во нивната игра и си размислуваш колку пораснале, па до вчера мислиш одвај го претрчуваа теренот. Пак свирка, мечот продолжува, Маркоски се бута на линијата од 6 метри и дава гол од зад грб. Миркуловски го организира последниот напад, цела сала е на нозе, тој постигнува гол, цела сала скока, адреналинот на сите присутни е качен до даска... се слави уште една голема победа.

Како далечно звучи ова, а? Како да се случувало сето ова пред 20, 30 години, како да не беше буквално вчера, како да не ги гледавме Карабатиќ, Хансен, Вори и Томас како нервозно си одат од Скопје. Се прашувам сето ова да не било сон, ама не е така, ова беше нашето секојдневие. Се што е убаво кратко трае, а така кратко траеше и нашава приказна наречена Металург.

По не знам кој пат ќе кажам благодарам момци за се, јас засекогаш ќе ги паметам сите победи, сите порази, сите насмевки и солзи и секогаш со насмевка на лицето ќе се потсеќам на славните убави денови.

А денес доаѓа време за некои нови момци, време е за еден поинаков Металург кој мора да стори се за повторно да се роди и да се врати онаму каде што припаѓа. Затоа ве повикувам сите да бидете утре во Борис Трајковски, за здружено сите да ги поздравиме нашите момци,  и покрај тоа што тие нема да бидат на теренот. Утре во сала ќе биде само Вуги за да се поздрави со нас како што доликува и затоа со полна сала треба да му покажеме колку цениме се што направи за нас. Здружено треба да им дадеме поддршка и на оние момчиња кои од денес го сочинуваат нашиот тим, бидејќи тие сепак ги бранат боите на нашиот клуб и ветија борба до крај за него.

А сега ве поздравувам со надеж дека еден ден ќе напишам текст со наслов "Металург е повторно шампион на Македонија".
Само еден Металург,
Спортски поздрав.

Thursday, February 5, 2015

Металург остана и без својата легенда

Кога го видов името на Миркуловски во составот за натпреварот со Нексе, почуствував огромно олеснување и среќа, знаев дека тој заедно со Вуги, Јоновски, Џомба и Ојлевски можат да го издржат товарот на оваа сезона и имав надеж за подобра година. Ама сепак не ми траеше среќата долго...


Пред некој месец пишував текст за заминувањето на Станиќ и напишав дека се чуствувам како некој близок да ми починал, и можеби денес повторно никој нема да може да ме разбере, ама пак се чуствувам така. Јас не можам да разберам што се промени за толку краток период, како можеше клубот да падне во ваква провалија, зашто некој не ни дозволи и понатаму да продолжиме да уживаме во бајката наречена Металург.

Металург со заминувањето на Жути го губи своето срце и ја губи својата душа, го губи човекот по кој беше препознатлив целиот тим, го губи оној кој никогаш не се штедеше и не се жалеше на повреди, го губи оној кој секогаш потребите на тимот ги ставаше пред своите. Тимот веќе никогаш нема да биде ист без Жути, без Мојсо, без Ванчо, без Велко, без Никола и без Дејан, веќе никогаш нема да можеме да се радувме на нивните голови, изнудени пенали и блокирани удари во сино - белиот дрес, но ви благодарам момци од срце на сите, ви благодарам за сите прекрасни моменти, ви благодарам за сите победи, за сите моменти на неизмерна радост и за се што направивте за клубот.

Ви ја посакувам целата среќа на овој свет на сите, се надевам дека во новите клубови ќе доживеете уште поголеми успеси, дека повторно ќе имате шанса да заиграте пред публика која ќе живее за вас и дека ќе се вратите во Скопје во некои подобри денови. 

Јас ќе бидам во сала и во сабота, ќе ги бодрам момците кои ќе го носат овој дрес до самиот крај, зошто тие не се воопшто криви за неспособноста на нашата управа. Јас лично имам трпение и можам да чекам и две, три, четири години за децата да добијат искуство и да можат да ја покорат Европа повторно, но искрено не знам колку други го делат моето мислење... Јас секогаш сум огромен оптимист, ама за жал денес не можам да видам светло на крајот на тунелот.
Спортски поздрав.