Tuesday, October 28, 2014

Полна сала vs хаосот со картите на РФМ

Со промената на раководството на РФМ работите во самата федерација тргнаа на подобро, целата организација се поткрена на едно повисоко ниво. Цените на картите секогаш се ниски, па секој што сака има шанса да погледне одличен ракомет во "Борис Трајковски". Ама викендов наеднаш се уништија и хаосов што го направија со картите за утрешниот натпревар ме извади од такт. Ако желбата им беше празна сала, се надевам дека истата нема да им се исполни.

Имаше најава дека картите ќе бидат пуштени во петок во 12, и навикнати карти да снемува за 2 минути чекам, рефреширам, ама карти нема. Одам наредниот ден во Оне, ми викаат дека карти кај нив воопшто немало, девојките беа како паднати од небо, не ни знаеја дека треба да се игра ракомет во среда. Што ти паѓа прво на памет? Ти текнува дека картите се поделени по пријатели и дека ќе треба пред телевизор да си навиваш.

На сите наши портали и во петокот и во саботата пишуваше дека картите се веќе во продажба... Очигледно сите новинарчиња се навикнати да добиваат карти без пари, па никој не седнал да провери пред да напише нешто. Сепак не е ова ништо ново на кое не сме навикнати од новинарите во Македонија.

И вчера, понеделник, значи 3 дена после денот кога требаше да бидат пуштени картите, карти конечно можеше да си купи секој. Вчера пак цел ден рефреширав на сајтот на Мк Тикетс, и некаде околу 12 картите беа пуштени, М блоковите ги нема, Б3 го нема, ај Б13 е ВИП, па не го ни барам, ама сакам карта во некој од овие блокови, ама нема, тие блокови не се за секој нели?

Си купив карти за Б4, и сега се спремам за навивање, ама горчината ми остана. Барате полна сала, а до овој момент, салата одвај половина е продадена. Ја знаете причината за тоа? Луѓето кои сакале да присуствуваат на натпреварот повеќе пати се обиделе да купат карта, не успеале, па се откажале и сега од инает не сакаат да одат. Свестете се малку, репрезентацијата е светост, играте за нас, играте за цела држава, прекинете да си играте со тие кои ве подржуваат.


А до сите останати, да ги заборавиме клубовите за кои навиваме, да се сплотиме и да направиме незаборавна вечер за нашите момци. Утре во "Борис Трајковски" не треба да има празно место ни на скалите, целата сала треба да дише во еден здив. Сите имате обврска да бидете утре во 17 и 45 во сала, Македонија има потреба од подршка. Да им покажеме уште еднаш на Швајцарците дека нема што да бараат во Скопје. Сите кои сеуште сте без карта, веднаш да си купите по една.
http://karti.com.mk/etickets/TicketList.aspx?pEventID=571

Ајде момци, израдувајте не повторно,
Спортски поздрав.


П.С. Карти во моментов има и за М блоковите, очигледно се пуштени денес после 12 часот, и сега ситацијата станува уште потажна бидејќи излегува дека ни половина од салата не е продадена :(

Friday, October 24, 2014

Подмладување

Ме воодушеви вчера Врбица и ме натера да размислувам повеќе на една тема која реално долго време се провлекува низ јавноста... Најчесто споменуваниот збор летово беше подмладување, сите зборуваа за подмладување на екипата, создавање иднина, ама создавање на иднина со македонски играчи.

Оваа идеја беше дочекана со воодушевување од секој вистински навивач, од секој кој може да преживее одреден период без победи, но и некако идеја што сепак не е правилно имплементирана никаде. Најавуваше МЗТ македонски играчи, донесе неколку, имаа во составот и од претходната година неколку деца, ама не видовме никој на терен, не видовме ни П од најавеното подмладување со наши деца, се што видовме досега беа просечни странски кошаркари кои воопшто не не воодушевија.



Се смени тренерот, се смени и политиката на клубот. МЗТ во текот на вчерашниот ден му се заблагодари на Моровиќ и реши поголема минутажа да му дава на Стајиќ. Цветковиќ пак е само еден месец постар од Стајиќ, ама веќе втора година е клучен играч во МЗТ, значи не било се во годините, можеш и на 21 година да бидеш добар кошаркар, а не само надежен талент. Е сега топката е во рацете на Стајиќ и на другите млади играчи и понатаму само од нив зависи дали ќе останат вечни таленти како огромен дел од спортистите кај нас или ќе покажат дека и МЗТ и Македонија во иднина треба да сметаат на нив.

Што се смени во МЗТ во изминатава недела? Се смени тренерот, секоја чест на Сагадин, ама не е Македонец. Не можеме да очекуваме од никој да се бори за нас и нашиот спорт, повеќе од нас самите. Можат странците да речат дека се чуствуваат како дома, дека ја сакаат Македонија, ама кога губеше Македонија на Медитеранските игри по 50 разлика не верувам дека некој од нив се потресе.

Далеку од тоа дека е доволно тренерот да биде Македонец, имаме ние милион "тренери" во државава и за жал огромен дел од нив само ги уништуваат нашите спортисти... Тренерот треба да биде пред се човек, огромен професионалец, подготвен да се предаде 102 проценти на работата и квалификуван да го работи тоа што се бара од него, а ако е Македонец тоа е дополнителен плус. Секој газда на клуб бара резултати, не верувам дека некој ќе му дозволи на тренерот да губи до бесконечност, и токму заради ова треба да се формира спој од искуство и младост, да се формира спој од кој ќе профитира и клубот, ама и спортот во Македонија.

Сега верувам дека МЗТ е на вистинскиот пат во овој момент, дека во Врба најдоа тренер за на долги патеки, ама каде тука се наоѓа ракометот?



Имаме навистина преталентирана генерација, ама за жал на вистински пат е да остане само талентирана. Секоја чест на Металург што создаде деца, што донесе други деца од цела Македонија, што ги вклопи сите во една екипа, што покажа дека ракометот не ни завршува со Кире и Борко. Ама што понатаму? Тие деца повеќе не се деца, тоа се веќе ракометари кои тропаат подолг период на вратата на првиот тим на Металург, ама вратата никако да биде отворена. Вратата е подотворена само за Талески, Нелоски и Пешевски, ама дали е подобро што седат на трибини на натпреварите на Металург сезонава или ќе беше сепак подобро да останеа и оваа година во втората екипа на Металург. Одиграа по неколку минути на натпреварот во Нови Сад, верувам ќе одиграат и во Сабота, но ракометари не можат да станат со по 10 минути на терен во 1 месец.

Металург навистина направи подмладување на тимот годинава, но подмладувањето не е со наши деца, не е со деца кои треба да ја претставуваат иднината на Македонија. Секоја чест на Циндриќ, дечкото е навистина одличен и е во фантастична форма константно, но не можам да лажам и да не кажам дека немаше да се радувам повеќе ако ова го напишев сега за Мартин Манасков наместо за Лука. Покрај Циндриќ ниту еден од останатите не покажува дека може да биде екстра ракометар во иднина, не негирам дека Лино одбра талентирани млади ракометари од регионов и се труди да формира поинаква екипа, ама не смеат нашите ракометри да трпат на штета на останатите. Основата е направена, првиот чекор е направен, сега треба конечно да се исполни ветувањето и играчите кои Металург ги создаде да почнат да играат во Металург.

Вардар годинава формираше втор тим со малку чудно име Вардар Јуниор, иако најголем дел од ракометарите се далеку од јуниори. Тимот го формираа од оние ракометари кои беа прекубројни во првиот тим и дел од јуниорските и кадетските репрезентативци на Македонија. Се обидов да побарам статистика дали и колку тие млади играчи добиваат шанса во Првата Македонска Лига, ама не успеав, така да нависитина се надевам дека Пепи мисли на иднината на Македонскиот ракомет и во моментов под негова палка тренираат идни големи ракометни ѕвезди. Сепак ако барем еден од младите ракометари не биде прекомандуван во првиот тим на Вардар наредната година, тогаш постоењето на оваа екипа и фалењето дека и Вардар се грижи за ракометот во земјава е за жал за џабе.

За разлика од РК Вардар, ЖРК Вардар и лани имаше втора екипа, девојчињата го освоија одличното трето место во Македонија, и неколку од нив оваа година добија шанса да бидат дел од ЖРК Вардар. Ама таму се случува истата поразителна приказна како и во сите наши спортски колективи, се донесе надежна руска репрезентативка која добива шанса во ЛШ, се донесе и надежна црногорска репрезентативка која исто така за жал верувам дека ќе добие шанса пред нашите девојки... а они ќе останат само надежни наши репрезентативки.

Крајно време е да почнеме малку да се цениме самите, не може сите останати нации да бидат поспособни од нас, не може и Србите и Русите и Хрватите да имаат поквалитетни школи од нас. Сите се чукаме во гради за нашите школи, а не им даваме шанса на децата кои излегуваат од нив. Нешто мора да се промени, не смееме да чекаме Наумче и Кире да дојдат на местото на Врба за ракометот да се доведе на правиот пат.

Мислам дека дојде моментот конечно да почнеме да се грижиме за нашата иднина,
Спортски поздрав.

Tuesday, October 21, 2014

За македонцките работи

Периодов треба сите да се сплотиме и да се фокусираме на она што ни следи, два натпревари од квалификациите за Евро 2016. Ја имаме можеби најтешката група во последните неколку години, од третиот шешир за жал имавме таква среќа да го извлечеме нашиот стар познаник, Чешка.

Чесите ни се некако предодредени, за нив сме ноќна мора и со сите сили се припремаат за натпреварот со нас, дефинитивно сме нивен државен непријател број 1. За Швајцарија искрено се што знам е дека 2 пати ги победивме лесно пред една година, затоа со нив сме огромен фаворит, но со Чешка заради предноста на домашен терен, таа функција ќе им ја препуштиме нив.



И сега наместо сите позитивни да го дочекаме 29-ти, да го наполниме "Борис Трајковски" и да уживаме во играта на нашата репрезентација, главна тема во сите медиуми е Металург. Како сите да сакаат да изгубиме, па да може да се напише, гледате Металург и Червар го уништија нашиот ракомет. Олабавете малку, оставете си ги сите да си ја вршат својата работа, се жалите на минутажата на Македонците во Металург, но интересно не и на таа на оние во Вардар. Не сакам многу да навлегувам тука, ама бидете искрени и признајте дека освен Вугринец, Никола Маркоски, Талески и Нелоски, останатите 9 души се оние кои играат постојано.

Вие имате проблем со Металург, ама јас имам со составот на селекторот. Мора да се признае дека ова е составот што го очекувавме, ама сепак не можам да преминам преку тоа што Никола Костески не е во составот дури ни како резерва на Златко Мојсоски. Погледнете ја само статистиката од Супер Лигата, детето е дефинитивно најдобро десно крило во моментов. Имаше лани шанса да блесне и да играше тогаш како годинава, не верувам дека Металург ќе имаше потреба од Џукиќ, ама тоа е, нема веќе враќање назад.

На списокот се и Талески и Нелоски, кои пополека треба да почнат да ги влечат конците во ракометот во државава, па ако е паметен селекторот ќе им даде шанса да ја почуствуваат атмосферата на по еден натпревар, на едниот на местото на Филип Лазаров, а на другиот на Вугринец, двајцата со најмала минутажа во досегашниот дел од сезоната.

Изминативе години сите се правевме селектори и кажувавме кој дополнително треба да биде повикан во репрезентацијата, ама кога дојде Обрван им даде шанса на сите кои беа на големо пишувани низ медиумите и никој од нив не се снајде баш најдобро. Раде Стојановиќ после секој список на селекторот излегува со коментар, ама место на фб да бистри политика, нека излезе машки и нека каже зошто беше избришан од списокот за првенството во Хрватска, ама и зошто самиот одби да игра кога Обрван го повика минатата година.

Е сега, многу се, малку се, слаби се, јаки се, ама тие се и наши се, други немаме, тие не радуваа, нив ги чекавме на плоштад, се надевавме дека ќе се пласираат во Лондон, еве сега пак имаат шанса за Рио. Затоа ве молам сите да прекинете да ја поткопувате атмосферата и да ги оставите да ни покажат дека сеуште се најдобри и дека ја заслужуваат нашата подршка.

Јас не верувам, јас знам дека ќе имаме 4 поени после овие два натрпевари,
Спортски поздрав.

Sunday, October 19, 2014

За навивачите на Вардар

Читајќи вечерва коментари по порталиве, не можам да не се чудам и да не се гадам гледајќи ја омразата која постои кај навивачите на Вардар кон Металург. Тие се оние кои постојано зборуваат за комплекси, ама по се изгледа комплексите биле на другата страна. Комплексите се појавиле после сите порази кои упорно ги доживуваа од Металург изминативе неколку години, а дојдоа до краен стадиум по изгубената титула лани. Колку сакате напаѓајте ме и вреѓајте ме сега, ама омразата која ја чуствувате кон Металург е болест. Верувам дека вечерва ве израдува поразов, никој не може да ви го забрани тоа, уживајте во тоа што вашиот најголем противник е слаб во моментов, тоа е човечки, не можеш да се радуваш кога на твојот непријател му оди супер, ама сите коментари во кои се ситите на ситуацијата во што се наоѓа Металург не можам да ги разберам.

Можете да го мразите Червар, ама не смеете да го мразите Наумче, можете да го мразите Марсениќ, ама не смеете да го мразите Ванчо... Јас на пример ќе бидам пресреќен ако утре Филип и Столе дадат по 5 гола, а Караџиќ нула, зошто дечкото просто ми е максимално антипатичен. Сите коментари обично одат во насока дека сите играчи Металург ги земал од Вардар, точно, ама 90 посто од нив не потекнуваат од Вардар, туку дошле во Вардар од друг клуб. Минчо ги украл и ги намамил со пари, факт, ама нели на истиот тој начин, Самсоненко лани го зема Диви, годинава Ивановски, а лани се трудеше да ги земе и Наумче и Станиќ. Значи тоа е тоа во спортот, не е убаво, ама низ целиот свет така се функционира, парите за жал го вртат светот.

Ај да зборуваме на една друга тема, ако згасне утре Металург, и овие 10 Македонци што играа денес не успеат да најдат клуб до Јануари, а реалноста е дека освен во екипи од типот на Прилеп или на Зомимак не би можеле да заминат зошто сезоната веќе е одамна почната, кои 16 играчи ќе ја сочинуваат нашата репрезентација во Катар? Размислувајте малку со главите пред нареден пат да се молите и да се надевате дека еден ден ќе се разбудите и ќе прочитате дека Металург прогласил банкрот. За доброто на македонскиот ракомет е да има силен Вардар и силен Металург. И не ми доаѓајте со коментнари од типот дека не ви е гајле што се случува со Металург, зошто верувам дека повеќе ве радува пораз на Металург отколку победа на Вардар.

После текстов знам дека многу од вас ќе ме стават на црна листа, ама како што сите вие можете стално да плукате по Металург, можам и јас да кажам што ми лежи на душа.

А сега добра ноќ и по втор пат вечерва,
Спортски поздрав.

Saturday, October 18, 2014

Металург се љуби и кога победува и кога губи

Го почнавме натпреварот полни со елан, надеж, верба, ама Кил по петти пат не спушти на земја и ни покажа дека сме далеку од нивното ниво. Никогаш не сум чуствувал таква немоќ и очај како денес во првото полувреме. Во второто веќе некако целосно се помирив со исходот од натпреварот, се надевав дека ќе излезете како нова екипа од соблекувалната, ама сепак надежта кратко ми траеше.

Не можеме да кажеме дека Металург не се бореше, ама просто против себе имаше многу поквалитетен противник, а плус реално ние бевме константо со играч помалку на теренот. Јасно ви е дека мислам на голманот, така?
Навистина го обожавам Никола Митревски и се нервирав што не добиваше поголема шанса изминативе сезони, стварно имаше неколку добри партии, ама вечерва на теренот не ни постоеше. Коциќ не сакам ни да го коментирам, човекот очигледно не беше свесен каде доаѓа и не е воопшто спремен ни за притисокот, ни за тоа што се очекува од него. И двајцата да застанеа на голот денес, мислам дека сеуште немаше да успеат да одбранат ништо. На сите денес што го гледаа натпреварот им беше јасно што фалеше на теренот, фалеше ДАРКО СТАНИЌ. Можеме да се лажеме колку сакаме, ама човекот не беше 50 туку беше 80 посто од екипата. И со него на теренот немаше да победиме, зошто немавме никаква одбрана, никој не блокираше каде што требаше, Кил си влезе во свој ритам и не решеташе од кај стигне.



На нападот немаме што да замериме, имаа грешки, лоши додавања и неколку промашувања, но постигнавме 27 гола, а тоа ретко ни успева. Единствени двајца што вредат да бидат издвоени од екипата се Ване и Мојсо. Мојсо се враќа во потребната форма, па и покрај вирусот одигра одличен натпревар и потсети на почетокот на ланската сезона, а Ване... тој го одигра најдобриот натпревар во ЛШ во последните неколку години. Немаше топка упатена кон него што не заврши во голот, или што не беше досудена како пенал, а одлично се снајде и како фластер на Дувнјак кога не успеа на време да се измени. Ако го одберат во тимот на колото, нема да погрешат, дефинитивно го заслужи тоа. Ако лани мислев дека ланската ќе му биде последна сезона, сега веќе не мислам дека и оваа треба да му биде последна, играј Ване, и на Металург и на Македонија си им уште многу потребен.

Не сакам сега да правам математики и да сметам што не носи во наредната фаза, но претпоставувам дека со 4 победи од наредните 6 натпревари би имале големи шанси за 4-тото место од групата. Да се надеваме дека ние ќе си ја завршиме нашата работа, а и некои други резултати ќе ни се поклопат, па нема нашата европска приказна да заврши толку рано.

Минатата недела кажав момци главата горе, сега пак го кажувам истото. Главата горе, не е срамота да се изгуби од Кил, не е срамота кога ќе дадете се од себе и ќе изгубите поштено. Сега сите со мирни глави да се насочиме кон наредното што не очекува, прво СЕХА лига, а после кон она што е многу поважно, за 10 дена ни гостува Швајцарија, а веднаш потоа ние гостуваме во Чешка. Два натпревари што е прилично добро да се добијат, за да можеме без нервози да го дочекаме вториот дел од квалификациите, а не да се плашиме до последната секунда како минатиот пат.

За крај, Металург се љуби и кога победува и кога губи,
Спортски поздрав.

Thursday, October 16, 2014

Добредојде Врба

Како ми тргна сезонава, пораз, пораз, криза, пораз, пораз, пораз, нема пари, пораз... Не се гледа излез од безднава, веќе не се ни сеќавам на последната победа. Во изминативе неколку години забележав дека штом МЗТ победеше, секогаш победуваше и Металург и со два од два убаво ми одеше неделата. Годинава немој да помислите дека правилото не важи, истото правило е, само што сега сврзувам пораз со пораз.

Кога се намали буџетот и си отиде скоро комплетинот тим од минатата сезона на сите ни беше јасно дека приказната оваа година ќе изгледа многу поинаку. Не викаат за џабе колку пари, толку музика. На сите ни беше јасно, ама изгледа не и на управата на МЗТ. Вчерашниот пораз признавам дека е смешен, но тој од Будучност беше повеќе од очекуван, па и во нашите најдобри денови немавме победа во Подгорица. Истата приказна секоја сезона, еден тренер, неколку порази, нов тренер, па тренерите не се магионичари па да можат за 2 дена да направат екипа. Лично ништо не му замерувам на Змаго, човекот се трудеше да го извлече најдоброто од играчите со кои располагаше, кои се малку на број и со далеку помал квалитет од оние од претходните сезони.

Лани имавме комплетно различен тим, а оваа година ги немаме срцето со кое секогаш играше Дејвис, стабилноста на Станко и Тоше, пробивите на Дамјан, константноста на Синовец, пожртвуваноста на Оташевиќ... За никој од нив не беше донесена соодветна замена, па не ме зафркавајте, цел тим си отиде, зар мислевте дека пак се ќе биде исто како порано?



Било, па поминало, од денес вртиме нов лист во нашава приказна. На клупата на МЗТ седнува кошаркарска легенда која не заслужува ист третман како неговите претходници. Не очекувајте чуда и победи на секој натпревар, знајте дека е многу возможно поразите да се побројни од победите, но не смеете да го уништите човекот, не смеете да го изгорете за неколку месеци и да му кажете, фала Врба, може да си одиш. Дајте му одврзани раци, нека почне од нула, нека ја создава постепено екипата и резултатите мора да се појават еден ден. Ако не се појават оваа сезона, не е крај на светот, животот продолжува и знам дека подршката на цел Аеродром и Фемили ќе ја имате засекогаш. Признавам дека сега е потешко од порано, не навикнавте на победи, ама знам дека тимот никогаш нема да биде оставен сам да ги војува своите битки, секогаш ќе ја има безрезервната подршка на навивачите. Аеродром никогаш нема да го остави МЗТ.

Одврзете го кесето, земете уште некој играч и да ја продолжиме сезоната како што доликува,
Спортски поздрав.

Tuesday, October 14, 2014

Да бидеме најбројни и најгласни во сабота и да го поведеме тимот кон првата победа

Се сеќавате на победата над Барселона? Се сеќавате на енергијата која се ширеше низ салата на натпреварот со Колдинг? Се сеќавате на радоста која ја чуствувавте кога Металург го прегази Вардар во Автокоманда? А се сеќавате ли кој е причината за сите убави спомени?

Премногу убави моменти, енергија која не можам да ја опишам... сето тоа е предизвикано од едни момци во сино - бело кои изминативе неколку години постојано не радуваа.


Признавам дека периодов е стресен за секој вистински навивач на Металург и секој ден се плашам да отворам некој спортски сајт за да не прочитам наслов од типот на "Вугринец во Вардар", "Наумче и Металург спогодбено го раскинаа договорот", а во главата имам уште милион вакви наслови кои ми се искрено најголем кошмар. 

Сепак ние сме само навивачи и колку и да сакаме да се мешаме во политиката на клубот, нашето место е на трибините, ние треба повторно да ја завршиме нашата работа најдобро што можеме, а да ги оставиме играчите и управата да си ја завршат нивната.

Картите за натпреварот со Кил се пуштаат утре, и секој еден од нас треба да се погрижи навреме да се снабди со карта, бидејќи нашата подршка во овој момент им е најпотребна на играчите. Да им покажеме дека и покрај сите проблеми ние и понатаму стоиме гордо зад нив и ќе останеме заедно до самиот крај, заедно ќе ги прославиме сите нови победи и ќе ги проплакаме сите порази. Сите ние сме се нашле во кризен период некогаш во животот, и свесни сме дека подршката од оние кои не сакаат е најпотребна, затоа оставете ја управата на страна и да му покажеме на тимот дека не сме го напуштиле. Да им покажеме и на сите од другата страна на градот кои се радуваат на нашите проблеми и одвај чекаат да се случи најлошото, да им покажеме дека не сме само гледачи и фб навивачи како што не нарекуваат, да бидеме најбројни и најгласни во сабота и да го поведеме тимот кон првата победа во новата сезона.

Кој тим и да излезе на теренот, кои играчи и да бидат дел од составот, сите тие ќе се борат за нас, за себе, за тимот. Еден играч не го прави тимот, туку 16, и кој и да ги брани боите на Металург во сабота сигутно ќе даде се од себе. Секој пораз што нас не боли и не потиштува, нив ги боли 10 пати повеќе.

Затоа лошите мисли на страна и уште еднаш на светот да му покажеме дека сме најдобри.
Само еден Металург.

Спортски поздрав.

Monday, October 13, 2014

Женскиот ракомет ни потона на дното, а од друга страна пак фудбалот конечно покажа знаци дека може да се помрдне од него

Ако го тргнам на страна фактот дека и оваа недела ми беше катастрофална на клубски план, како да се помирам со тоа дека и нашите две репрезентации кои играа квалификации оваа недела не се прославија, 4 натпревари, 1 победа. За едната повикував на подршка и полна сала, верував дека конечно е дојден нивниот момент, а од другата не очекував апсолутно ништо и не ни помислив да отидам на "Филип Втори" за да ги бодрам момците. Сепак минатото е минато, а сегашноста на овие две репрезентации е комплетно различна.

Нула девојки, катастрофа. Ако обично се трудам да не критикувам и да најдам нешто позитивно во секој натпревар, во секоја екипа и репрезентација, кај нашата женска ракометна репрезентација нема ништо што може да се издвои како позитивно. Првиот натревар почна како што очекувавме, стабилна игра, доволна за победа над огромниот аутсајдер Италија, ама што се смени на полувремето, што се случи во соблекувалната, не му е јасно на никој од нас.

Ако никој не ви замери во минатиот циклус што останавте со нула поени во групата, овој пат извинете ама прошка нема. Можеби конечно дојде времето да размислите дали сакате да играте за репрезентацијата, дали повеќе сакаате да го носите македонскиот дрес или неделата предвидена за репрезентативни собири да ја поминете на некое друго место. Ако не ви се игра и не сакате да го испотите дресот, крајно време е да им го отстапите местото на некои други девојки кои сакаат да играат и со сето срце и душа да ги бранат боите на Македонија. Да изгубевте по голема борба никому ништо, ама да отидете на натпревар колку да ви помине времето, е тоа не можам да го разберам. Постојано се зборува дека нема квалитет во женскиот ракомет, дека нема иднина, и место вие да се обидете да им ги затворите устите на сите, им дадовте уште поголема причина да продолжат со нивните муабети.

Како што сум секогаш оптимист, оптимист сум и во овој случај, верувам дека може да се истера женскиот ракомет на вистинскиот пат, ама потребна е многу работа и истрајност. Овие квалификасии ги прогласуваме за пропаднати, затоа почнете уште од сега да се подготвувате за наредните, ќе следи нов циклус наредната година за пласман на Европско првенство и навистина ве молам погрижете се да го поправите впечатокот, зошто нова шанса тешко дека повторно ќе добиете.



А за вас момци, браво. Навикнат да гледам досадна и мачна игра на нашата фудбалска репрезентација, бев ептен пријатно изненаден вчера. Ако на натпреварот со Луксембург видовме напредок, видовме некои нови момци кои сакаат да покажат што можат, вчера видовме екипа подготвена за новиот предизвик и екипа која знае што сака на теренот. Среќата не не посака вчера и примивме гол по мало невнимание на истекот на продолжението на првто полувреме, ама целиот меч вчера ни дава голема надеж на сите, надеж дека можеби не е се така црно во макдонскиот фудбал.

Натпреварот беше супер за гледање, интересен, многу шанси, игра, одбрана, акции. Бев голем скептик после натпреварот со Шпанија, ама напредок има, се познава и не треба тука да се застане. Ако сме реални се уште сме многу далеку од некое големо натпреварување, но оваа наша нова репрезентација е навистина млада и се надевам дека ќе не израдува во блиска иднина, па наместо за соседите или Шпанците и Бразилците да навиваме за нив.

После долго време немаме голема ѕвезда и очигледен лидер на репрезентацијата, но од она што можевме да го видиме повеќе играчи конкурираат за таа позиција, а тоа што радува е што сите се навистина млади, животот и кариерата е пред нив и затоа од нив очекуваме да видиме многу подобри игри во иднина.

Вчера Украинците ни покажаа како се навива за својата репрезентација, беа на висина на задачата за време на сите 90 минути, па мислам дека е крајно време и вие да ја добиете потребната подршка. Не сум бил на стадион можеби повеќе од 2 години, ама знам дека наредниот меч нема да го пропуштам.

На 15 Ноември сите на "Филип Втори", момците го заслужија тоа,
Спортски поздрав.

Sunday, October 12, 2014

Браво за Вардар

Како навивач на Металург не е лесно да се каже ова, ама браво Вардар. Годинава Вардар и Металург не се директни конкуренти во иста група во ЛШ, па далеку полесно ми е да ги гледам натпреварите на Вардар и да уживам во нив. Лани секоја победа на Вардар, а секој пораз на Металург значеше намалување на шансите на Металург за понатаму и не можам да лажам и да кажам дека ми беше сеедно кој ќе помине, зошто не ми беше, ама на крај излезе најдобрата можна ситуација, поминаа двата клуба, а се што се случуваше понатаму е добро позната работа.



Како и што го почнав текстот, ќе кажам уште еднаш браво, зошто во вторава година од ерата на Самсоненко тимот изгледа далеку поубаво, поевропски и поорганизирано. Лани во еден период се личеше на шпанска серија, се менуваа тренери постојано, се импровизираше со таа позиција, но на крај се донесе вистински човек кој навистина ме воодушевува со својата смиреност и појава, и се надевам дека долги години ќе остане во Македонија, па ќе го пренесе своето знаење на нашите тренери за и ние како држава да профитираме од него.

Играта на Вардар во новата сезона е за секоја пофалба, секој сегмент функционира беспрекорно, од одбрана, до напад, Штербик ја донесе потребната сигурност во екипата, Дибиров повторно потсетува на оние први денови во Вардар кога ги реметеше противниците, а и Душебаев вистински созреа и постепено си ја превзема улогата на лидер на тимот.

Утре доаѓа можеби најдобриот германски тим во моментов, но Вардар повеќе не е истата екипа од лани, сега се поискусни за една година и со смирени глави, сигурни одбрана и напад резултатот не може да изостане.

Како Аеродромец новава сала ми е болна тема, ама знам дека Вардар ќе успее да ја направи неосвоива тврдина и убаво ќе ги намачи сите кои ќе гостуваат во неа. Едно прашање до оние кои ја правеа салата, каде планиравте да паркираат луѓето што ќе доаѓаат да го гледаат Вардар? Кога игра МЗТ не е проблем, зошто 99% од гледачите се од Аеродром, но минатиот викенд за натпреварот со Чековски Медведи се направи неверојатен хаос и луѓето што живеат во зградите во близина на салата не можеа да си одат дома, бидејќи полицијата не им дозволуваше да си влезат на нивните паркинзи зошто се било зафатено. Покрај паркинзите на локалните згради, сите тревници во околината беа преполни, така да местото за паркинг е огромен пропуст при планирањето на салата.

Ако пред една недела напишав дека Левче е сељак, извинете ама не можам а денес да не кажам дека потполно истото мислење го имам за господинот Стојаноски. Направени се од истиот материјал, повеќе сакаат да гледаат во дворот на комшијата и да се надеваат дека неговата коза ќе умре, отколку да си ја гледаат својата работа. Истите изјави и истото однесување кои му ги замерувам на Левче и мислам дека не се достојни за директор/претседател на клуб кој се стреми кон Европскиот врв, ги има и овој вашиот Давор.

Вардар реално годинава по квалитет е во втората четворка, одма зад Барса, Кил, Веспрем и ПСЖ и една од овие 4 екипи би требало да биде последната пречка пред Келн. Ако се поклопат коцките и среќата не му го заврти повторно грбот, Вардар би требало да биде дел од Ф4, па после женскиот Ф4, нашето знаме да се развиори и во Келн. А на Ф4 не победуваат парите, имињата или историјата, победуваат желбата и мотивацијата.

ЛШ е една песна, ама домашното првенство сосема друга, тука не се радувам на победите на двата тима. Мислам дека годинава ќе се случи уште поголемо чудо од лани и титулата ќе си остане во Автокоманда. Никој не може да ми забрани да се надевам и да верувам, а епилогот на сезоната никој не може да го предвиди уште од сега, така да најдобро е повеќе на таа тема да коментираме во Мај.

Му посакувам на Вардар успешна сезона во Европа,
Спортски поздрав.

Saturday, October 11, 2014

Момци капа доле за вечерашнава претстава и главата горе зошто сезоната само што започна

Стварно жалам за поразов и тоа не жалам толку за мене и изгубените нерви денес, колку што ми е жал за играчите кои дадоа се од себе на терен. Ме воодушеви борбеноста, желбата за надигрување и победа, желбата да се излезе од темнината во која се наоѓаат.

Сите до еден беа излезени на теренот подготвени на борба, да им покажат на сите дека не треба сеуште да се отпишат од сериозни кандидати за место понатаму. Атман со сето срце покажа дека е огромен професионалец и излезе најборбен на терен, Наумче жесток и нервозен како обично, Митревски одличен на голот како и секогаш кога ќе добие шанса, Миркуловски пожртвуван како што го знаеме, Ојлески ладнокрвен, Ванчо упорен до граница на прекршок, Ацо страшен како што не навикна, сите заедно ни покажаа дека најдоброто од нив допрва ќе го видиме.


Металург конечно заличи на оној Металург кој што сме навикнати да го гледаме. Момците покажаа дека сеуште го имаат она шампионското во себе и им фали само уште многу малце за да почнат да растураат се пред себе. Денес можеби преголемата желба да победат не им дозволи искусно да го однесат мечот до крај, но дефинитивно помош во тоа имаа и од оние двајцата од Словенија. Првата победа сеуште ја чекаме, а зошто да не ја дочекаме наредниот викенд кога го дочекуваме вицешампионот на Европа. Кил покажа дека има сериозни проблеми сезонава иако сите екипи со проблеми кога играат против Металург годинава, успеваат да го извлечат својот максимум и да пружат најдобри партии.

На сите 3 натпревари фалеше Вуги во составот, и стварно мислам дека премногу одмараше периодов и конечно е време да излезе на терен во сабота и да ја наполни мрежата на Кил. Мора да признаеме дека Металург изгледа многу поорганизирано и поопасно кога Вуги стои на десната страна.

Ако до вчера мислев дека сезоната е изгубена, сега веќе надежта во мене пополека се поткрева. Реално нема да биде Металург, Металург ако стигне до посакуваната цел по полесниот пат. Од секогаш сме го оделе потешкиот пат, ама и од секогаш сме играле најдобро кога е најпотребно.

Затоа момци капа доле за вечерашнава претстава и главата горе зошто сезоната е долга и работите сами ќе си се наместат. Распоредот максимално не ни се погоди, ама во вториот дел од сезоната одиме по максимален број на бодови.

Наредниот викенд сите патот под нозе и да им пружиме подршка на момците. Крајно време е и Кил еднаш да падне во "Борис Трајковски".

Само еден Металург,
Спортски поздрав.

Thursday, October 9, 2014

"На голот на Металуууургггг Дааааарко Стаааааниќ", за жал никогаш повеќе

Се ме боли, душава ми трепери. Чуствувам како да сум изгубил некој близок. Не знам дали може некој да ме разбере, ама ова претставува крај на една ера, крај на еден прекрасен период кој за жал отиде во неповрат и не може да се врати.

Ми одѕвонува во ушите гласот на официјалниот спикер:"На голот на Металуууургггг Дааааарко Стаааааниќ", "Министерот за одбрана Даааарко Стаааааниќ"... За жал веќе никогаш нема да ги слушнам тие зборови.



Фала ти Даре за се, фала ти за сите одбрани, за сите преубави моменти, за тоа што го претставуваш, за тоа што со душа и срце излегуваше на терен... Секогаш во вистински момент знаеше да ги мотивираш и подигнеш играчите, да ја запалиш публиката и сите заедно да не одведеш во победа.

Никој од нас нема да те заборави и засекогаш ќе останеш во срцата и мислите на сите искрени навивачи на Металург. Ти посакувам да имаш многу успешна сезона, да бидеш уште поуспешен во наредните години, па еден ден да се вратиш повторно кај нас во некоја поинаква улога.

А вие од управата, опаметете се, сфативме веќе дека парите се проблем, сезоната е на добар пат да биде прогласена за неуспешна, но сеуште не е доцна да се вратите во колосек и да спасите барем дел од она што пропадна во изминативе недели. Составете едно убаво соопштение, излезете во јавноста и кажете ја вистината. Вистинските навивачи ќе бидат со вас и во победа и во пораз и во добро и во лошо, ама доста со манипулации и лажење. На сите ни е преку глава и имаме право да знаеме во која насока го терате клубот. Дали навистина од клуб кој претставуваше страв и трепет во Европа планирате да направите клуб кој ќе служи за потсмев?

До скоро видување Даре,
Спортски поздрав.



Wednesday, October 8, 2014

Да го наполниме Кале, девојките го заслужуваат тоа

Многу беше убаво чувството вчера да бидеш дел од победата на МЗТ, енергијата која се ширеше низ салата беше неопислива, како цел Аеродром со душа да чекаше тимот да се врати дома, на своја територија. МЗТ победи големи тимови во Борис Трајковски, но атмосферата која владееше вчера беше поинаква, поубава, подомашна. Улиците беа преполни, луѓе од сите страни сакаа да бидат дел од новата приказна. МЗТ ја доби потребната подршка, а сега сите да покажеме дека сме големи Македонци, како што сакаме да се претставуваме пред светот и утре сите кои се тепаат да купат карта кога игра Металург или Вардар во ЛШ да се нацртаат во 15 за 6 во Кале.



Утре игра Македонија, утре играат девојките кои се обидуваат повторно да се вратат на голема сцена, да се вратат на големо натпреварување. Групата не е ни малку наивна, но ниту една од репрезентациите не е непобедлива, Исланд е фаворит, ама не е од врвот на женскиот ракомет, групата е таман за ново докажување и добивање на нови спортски херои. Крајно време е оние инает и срце да проработат и кај девојките и да стартуваат со победа утре што ќе им го олесни животот во наредните натпревари.
Квалификацискиот циклус стартува во Кале, во нашата неосвоива тврдина. Луѓето викаат Кале е легендарниот дом на Вардар, но за мене Кале е дом на нашиот женски ракомет, дом на Кометал, местото каде Нацева го дигна пехарот од Лигата на Шампионите, местото што беше хорор за секој противнички играч и местото што секој го напушташе со наведната глава.

Магдинчев започна нов проект, изгуби голем дел од столбовите на репрезентацијата од претходните години, Бајрамовска, Андреева, Црвенковска, Николиќ, но не се откажа, почна да создава нова репрезентација со помлади ракометарки кои треба врвот да го достигнат во некој од наредните циклуси. Репрезентацијата е подмладена, но поискусна за една година и еден квалификациски циклус. Голем дел од репрезентативките ја сменија средината и сега играат надвор од државава бидејќи Металург ја промени својата политика. Младите девојчиња од Металург и вториот тим на Вардар се наоѓаат на самиот праг на репрезентацијата, дел од нив заработија повик и ќе ги одработат подготовките, ќе бидат дел од составот што за нив треба да претставува голем мотив за дополнителна работа во наредниов период. Металург годинава ќе одигра повеќе силни натпревари во Регионалната Лига, а Вардар треба да игра квалификации за некој од Европските купови, па и едните и другите девојчиња ќе почуствуваат како е да се игра надвор од дома, и ќе го добијат посакуваното искуство за постепено да ги наследуваат своите повозрасни колешки.
Верувам дека девојките ќе дадат се од себе за позитивен резултат, но и ние треба да им пружиме 102% подршка, да им покажеме дека веруваме во нив и заедно да ги спакуваме Италијанките за накај дома.  Да бидеме нивниот осми играч од трибините и да не му оставиме воопшто простор за игра на противникот.

Се гледаме утре во Кале,
Спортски поздрав.

Monday, October 6, 2014

Утре сите по сефте во "Јане Сандански", МЗТ стапува на сцена

Ако го сакате Металург и воедно сте државјанин на Аеродром, што сигурно значи дека го сакате и МЗТ, тогаш викендов што помина дефинитивно ви беше хорор. Епа мојов викенд беше огромен хорор. Го започнав викендов со надеж за 2 победи, а завршив со 3 порази.




Конечно сфатив дека битката за Аеродром некако полека ја губиме, местото кое беше само наше, местото кое беше сведок на најголемите победи и порази во минатото, местото на кое падна еден Реал Мадрид повеќе никој не го нарекува дом на МЗТ, сега го нарекуваат дом на РК Вардар, на ЖРК Вардар, на црвено црното семејство, па потоа дом на МЗТ Скопје. Е ова сознание ме болеше исто колку и поразот на Металург во Брест. Мора да признаеме дека салата изгледа одлично однадвор, внатре ќе ја видам тек утре, ама сликите од црвено црните столчиња веќе ги видов по сите можни портали во земјава. Навивачите на Вардар го опседнаа Аеродром и ја славеа својата победа низ нашата населба, низ населба која живееше само за победите на момците во плаво бело. Додека ја преживував болката од поразот на Металург, песната на Комити ечеше насекаде низ Аеродром, момците имаа секакво право да се радуваат, Вардар им приреди ноќ за паметење, ноќ која долго нема да се заборави, ама горчината која ја чуствувам не си оди никако, МЗТ е тој кој имаше поголемо право да го одигра првиот натпревар во Јане Сандански, требаше ние да бидеме тие кои ќе се радуваат први, ние да и направиме сефте на салата.  
Преубав проект, проект кој сите со радост го дочекавме, со делумен страв од промена, но со надеж за подобра иднина. Првичниот договор кој го имаше Самсоненко со општината не се испочитува... не знам колку од вас се сеќаваат дека РК Вардар воопшто не требаше да дојде во Аеродром. Самсоненко градеше сала за ЖРК Вардар и за МЗТ Скопје, РК Вардар не беше негов клуб и дури имаше најави за менување на името на женскиот ракометен клуб во Аеродром, за да се привлечат навивачите на МЗТ, па Фемили да почне да ги подржува девојките кои не ја добиваа подршката од Комити. Вторите дресови на ЖРК Вардар добија интересна сина боја, бојата на нивниот најголем противик, но и бојата на МЗТ. Се распиша конкурс за ракометари, Самсоненко создаваше нова приказна, нов машки ракометен клуб, кој ќе почнеше од почеток... но еден ден во Мај, Михајло се замеша во целата приказна и го замоли Самсоненко да го превземе и РК Вардар и целата наша приказна отиде во неповрат. Преку ноќ името Вардар се поврза со Аеродром и целата внатрешност на салата го промени својот лик. Сето ова е тажно и за жал вистинито, салата е веќе готова, штетата е направена и нема назад, но мора да се обидеме да си повратиме барем дел од достоинството кое ни е украдено.

Не сум голем обожавател на навивачките групи општо во Македонија, ама капа доле за момците од Фемили. Не се сеќавам дека некоја друга навивачка група во историјата на Македонија успеала да го спаси својот тим од згаснување и воедно никогаш не застанала против својот тим со бојкотирање и омаловажување на играчите, па затоа се надевам дека салата утре ќе биде исполнета до последно место и целата ќе биде обоена во плаво бело, па и ние заедно со играчите ќе се израдуваме и ќе ја прославиме првата победа во нашата сала. 
Имам и едно прашање кое подолго време сакам да им го поставам на Фемили, зошто никогаш не правите притисок кон противничката екипа? Пеењето е супер, прекрасно е, ама не му создава никаков притисок на противникот. Навивате на цел глас од почеток до крајот на натпреварот, но нели е подобро барем во моментите кога се крши резултатот да створите притисок, за противникот да не знае каде се наоѓа, па да му го зададеме завршниот удар? Навивањето во АБА ви е дефинитивно на повисоко ниво од она во нашата лига, во АБА си пеете само за МЗТ , а во домашното првенство мешате мајки, сестри, баби и жаби. Знам дека сите навивачки групи го прават истото, ама како со навредување на сестрата на некој, всушност му помагаш на твојот тим?

На страна од салата и навивањето, новата политика на МЗТ на почетокот од летото ме извади од памет, слабеењето на нашиот тим, а зајакнувањето на сите противници, Работнички, Кожув, Куманово, Фени, сите наеднаш изгледаа дека имаат подобри тимови и поголеми буџети од МЗТ. Преминот на Тоше и Станко во парк, па шпекулациите за Илиевски, доаѓањето на Докузовски ме преплашија, ама постепено почнав да верувам во новиов тим. Тимот изгледаше очајно во саботата, но се вратија и излегоа од почетната летаргија, го имавме натпреварот во раце, ама среќата не не посака и промашеното слободно фрлање ни донесе и пораз после продолженијата. Симоновски го одигра најдобриот натпревар во животот, ставете го во комбинација со Дамјан и немаме од што да се плашиме до крајот на сезоната (секако ако Дамјан реши дека МЗТ е подобра опција за неговата иднина од Работнички, втората опција му носи можеби поголема плата, ама првата дефинитивно му носи поголеми фронтови за докажување и поголеми шанси за трансфер надвор од Македонија). Можеби игравме против еден од најслабите тимови во лигата, ама овој ист тим и лани на нивен терен не порази и тоа со разлика која ако добро паметам беше повеќе од 20 поени.
Почнувајќи од утре треба максимално да им се даде подршка на тренерот и играчите и да се верува дека оваа сезона повторно се ќе биде како што сакаме, бидејќи ниту тренерот, ниту играчите не се криви за глупавиот договор на Коневски и Самсоненко. Сагадин верува дека може да направи играчи од нашите деца, да го оставиме да работи, па можеби во моментов во Јане Сандански тренираат токму новите Илиевски и Антиќ.

Сезоната е долга и верувам дека се ќе си дојде на свое место,
Спортски поздрав.

Friday, October 3, 2014

Доста си играте со Металург


Ќе си речеш македонска работа, ништо страшно, очекувано од наши луѓе, ама до кога бе, до кога ќе си играме со човечките животи?

Сега искрено ќе ви признаам дека сум најголем навивач на Металург, немам ништо против Вардар, се радувам и на неговите успеси, ама Вардар го гледам на телевизија, а за Металург не жалам пари, годинава да ми побараа и повеќе од 1500, и повеќе ќе дадев.


Исто искрено и ќе признаам дека пред 2011 одев чат пат на по некој натпревар, а од 2011 немам испуштено натпревар ни во ЛШ, ни во Сеха, ни во домашно првенство. Одам и во Кале кога игра Металург и се чуствувам како загрозен вид таму, па навивам со малку помала жестина од обично.

Голем дел од Македонците во Металург биле во Вардар и не го негирам тоа, ама исто така навистина верувам дека вистински играчи станаа тек кога дојдоа во Металург. Воопшто не ја негирам големината на Вардар, дека цела Македонија го сака и навива за Вардар, ама мене на срце многу повеќе ми легна Металург и се заљубив во нивната приказна на мал клуб, со мал буџет од Автокоманда кој постепено прераснува во светски гигант. И сега може некој ќе ме вброи во онаа група на луѓе кои не гледале спорт пред 2011 и се инстант навивачи, ама верувајте дека сум далеку од тоа, само што порано бев обичен гледач, а сега сум навивач.

И како човек што го обожава Металург мислам дека имам право да прашам: Дали вие од управата сте нормални? Дали знаете дека си играте со човечки животи? Ако не ви чинеа Атман, Станиќ и Вугринец имавте цело лето да им го кажете тоа нив, а да ни го кажете тоа и на нас. Јас разбирам дека тоа се тројцата со највисоки плати во тимот (најверојатно и Наумче е тука некаде), дека клубот има се помалку пари, ама исто така знам дека требаше да бидете возрасни луѓе и отворено со нив да поразговарате за проблемот. Вие се однесувате како девојка што не знае како да раскине со дечкото и си вика, ај ќе заладам, па сам ќе си сфати и он сам ќе ми раскине. Ги ставате тројцата пред свршен чин, тим не се наоѓа така лесно во октомври, сите веќе си имаат оформено тимови за новата сезона и никој не сака ракометар кој нема да може да им помогне во Европа, зошто нели решивте двајца од нив да искористите на мечот против ПСЖ.

Најавувате подмладување на тимот, фино, сите го прифатија тоа, никој не се побуни, Лино доби максимална подршка за новиот проект, иако тоа би значело слаба сезона и во ЛШ и во Македонија, ама подмладување се прави постепено, младите играчи треба да имаат и некој за да учат од него, да се огледаат на него, а што ќе научат тие во оваа прва сезона кај вас? Ќе научат дека воопшто не вредат и дека може Лино или Левче утре да се разбуди и да заклучи дека не му требаат на тимот и дека денес треба да си одат, а објаснување нема да добијат.

Левче од секогаш ми личел на огромен сељак, бидејќи не сум гледал интервју со него во кое он знае да каже нешто позитивно или во кое може да зборува само за својот тим, секогаш мора да пецка и да се докажува со некој. Кога видов дека оваа сезона тој ќе биде главен се надевав дека нема да го пропадне многу брзо клубот, ама ова беше со брзина на светлината.

Управата на Металург од секогаш знаела како да се истакне, Ракчевиќ и Козлина ги избришаа преку ноќ, ај за Козлина не жалев премногу, ама Ракчевиќ до ден денес не го прежалив, иако "малиов" Марсениќ има шанси брзо да ми се пикне под кожа. Ама сепак ова новово е далеку посмешно, на играчи кои ти го претставуваат костурот на тимот им кажуваш вие нема да дојдете... страшно.
На Атман му се налутивте за Веспрем? Го обожавам Атман, ама реално ќе ни беше вишок наредната година, крајно време ќе биде од септември Талески и Нелоски да играат, а на таа позиција веќе играат и Мојсо и Жути и Вуко и Циндриќ. На сите ни беше јасно дека Атман ќе си оди, ама еве сега знаеме и каде ќе оди.
На Станиќ сте му лути заради изјавата за Екипа? Епа извинете, ама Станиќ беше префин во таа изјава. Од Станиќ сме навикнати на секакви изјави во изминативе години, а оваа последната беше максимално коректна и дури сум изненаден колку беше позитивна неговата изјава. Плус може да си правиме филмови, ама Станиќ не навикна дека голманот може да фати се, па кога го гледав лани Раде, а годинава Коциќ, стално си викам оваа топка ќе ја фатеше Станиќ. Добар голман е половина тим!!!

Наумче е оној кој почна прв да прави проблеми, ама Наумче не смее да се остави во Скопје, он е способен да направи револуција во екипата нели? Тој кутриот навреден зошто доби мала минутажа со ПСЖ фрли топка што не може да се врати назад. Пополека сите проблеми испливаа на виделина. Да беше Наумче малку посмирен и неизбувлив, можеби сите проблеми во екипата ќе си се решеа интерно и немаше сега да го правиме овој муабет.

Следува натпревар утре, како оние 17 играчи кои тргнаа накај Брест ќе играат утре? Дали се тие психички спремни да играат? Верувам дека се физички спремни, ама психата е главна на секој натпревар, психата го уби Металург против ПСЖ, а утре се надевам дека нема да го закопа.

Ако ги тргнам сега на страна играчите, кај се бе навивачите? Сите ние плативме убави пари за да гледаме врвен ракомет, а не за да гледаме играчи кои не сакаат да излезат на терен бидејќи не знаат дали утре ќе земат плата или дали утре ќе му бидат потребни на тимот. Ако не дај Боже изгубиме во Брест нашето место во топ 16 повеќе не ни е загарантирано... јас не сакам да одам да гледам натпревари само ради реда бидејќи веќе немаме шанси да поминеме во наредната фаза.
Навистина се надевам дека се ќе се среди, зошто адреналинот кој ме пука за време на натпревар на Металург е неспоредлив со ништо, среќата кога гледаш како Карабатиќ си оди со наведната глава е непреценлива, сакам да уживам во вакви моменти уште многу години, а еден ден да можам и моите деца да ги однесам во Борис Трајковски и да навиваме заедно. Сакам се да биде розево од утре иако после ова понижување не гледам како би можеле Атман и Станиќ пак да излезат на терен и со истиот жар да се борат за овој тим. Надежно управата ќе се освести зошто публиката пополека ќе ги напушта, јас трета година по ред купувам сезонски карти, ама да се случеше ова пред 2 недели, ќе размислев убаво дали да им дадам пари.

Создадовте прекрасна приказна, која ја прифати прво цела Македонија, а пополека и цела Европа, ама вака веќе не оди. Управата треба да порасне, да си ги сфати своите одговорности и да прекине да си игра и со играчите и со навивачите. Ја имате нашата подршка, ама пополека го губиме трпението. Свестете се сите дури уште има време, зошто не верувам дека сакате да играте во празна сала.

Со надеж за подобро утре,
Спортски поздрав.