Wednesday, May 4, 2016

Децата на Металург пораснаа!

Лани беа деца кои добија тешка задача, мораа да продолжат каде што застанаа нивните претходници и да го одбранат името на Металург. Цела година ги гледавме и чекавме да пораснат, но денес можеме со сигурност да кажеме, децата на Металург пораснаа!!! Децата кои преку ноќ беа фрлени во оган, годинава пораснаа и покажаа дека се рамноправни и можат да играат со фаворизираниот Вардар. Агресивни во одбраната, брзи во нападот, совршени во секој дел од натпреварот.
 
 
Чувството да бидеш во "Јане Сандански", а атмосферата да биде како во Автокаманда е непроценливо. Поддршка, аплаузи и овации за гостинот, воодушевување за головите и стоечки овации за одбраните. Стартуваше Червар со тандемот Филиповци, кој ја оправда довербата, па едниот го одигра својот најдобар натпревар сезонава во нападот, а другиот во одбраната. Предводени од Талески, целата екипа делуваше неочекувано стабилно и сталожено и знаеше што сака. Започна Дупјачанец добро во првото полувреме, му одбрани дури и пенал на Дибиров, но вистинското шоу на голот следуваше во второто кога Мартин прво го искомплексира Шишкарев, а потоа стана ноќна мора за Манасков. Два одбранети пенали, дополнителен удар по пенал, па уште неколку други удари и Манасков просто не знаеше како да го пронајде голот. На линијата од 6, Жаре и Коста успешно се бореа со огромните играчи на Вардар, а Бојан како и секогаш до сега беше незапирлив во одбраната. Секој играч кој се обиде да помине покрај него, се најде или на подот или далеку зад аут линијата. Бувиниќ кутриот без измена во текот на целиот меч, но добар и на ниво цели 60 минути, а Костески со мали проблеми кон крајот, но сепак солиден и константен како и на сите претходни мечеви.
 
Момци ви благодарам што ми го разубавивте денот, па сега со нетрпение го очекувам следниот натпревар за десетина дена во Купот. А таму се е возможно, нели? 
 
На излегување од сала слушнав разговор на две дечиња кои дебатираа за тоа кој е подобар. Навивачот на Вардар пресреќен од победата се фалеше, но на разделба другиот му дофрли - Ќе видите во Автокоманда! Е затоа сакам ракомет, затоа сакам спорт и затоа на Македонија и се потребни силни Вардар и Металург, за децата да имаат за што да зборуваат и на што да се радуваат. И како што рече малиот навивач на Металург- Се гледаме во Автокоманда!
Само еден Металург,
Спортски поздрав.