Wednesday, December 31, 2014

Спортски желби за новата година

Годинава што ни изминува за секој беше различно успешна, некои се вивнаа во облаци, некои очајно се обидуваат да останат на врвот, а некои за жал само живуркаа. Дека имавме моменти за паметење, имавме, дека имавме моменти за плачење, имавме и тоа, ама нема да се навраќам на минатава година, туку само ќе ви ги кажам моите желби за годинава што со нетрпение ја очекувам.

 

- Четвртфинале на СП во Катар
(Момци знам дека можете, многу пати до сега ни покажавте дека знаете како се игра и навистина од се срце ви посакувам да славите на 25-ти јануари, да го остварите својот сон и да ја израдувате цела Македонија.)

- Силен Металург
(Изминува годинава, а со тоа се надевам дека и сите проблеми ќе бидат надминати. Од Фебруари со нови сили кон нови победи. На Македонија и е потребен Металург, ама не Металург кој живурка и не знае дали ќе го доживее следното утро, туку Металург кој претставува страв и трепет во Европа. Лани секој се плашеше да гостува во "Борис Трајковски", нека биде така и во новата година.)

- Пристоен Пелистер
(Битола покажа и докажа дека живее за ракомет на натпреварот со Дукла. Бизнисмени и фраери од Битола вие сте на потег, вратете и го на Битола она по што беше позната, вратете го ракометот во Битола, дајте им шанса на ракометарите да ни покажат се што знаат и можат.)

- Крај на сагата во МЗТ со нови играчи и тренери
(Ужасна полусезона за МЗТ, несериозност на секој чекор. Разочарани навивачи, разочарани играчи. Ама МЗТ мора да учи од грешките и во вториот дел од сезоната, секој еден во тимот посериозно да си ја сфати работата, да ги засукаат ракавите и да се вратат на вистинскиот пат.)

- Успешно ЕП за кошаркарската репрезентација на Македонија
(Минатата година им ги затворивте устите на сите дежурни душегрижници и покажавте дека можете и без помош од "недопирливите" да се пласирате на ЕП. Епа оваа година ви посакувам да им покажете уште еднаш на сите која е Македонија и да ја вратите еуфоријата по кошарка во нашава држава.)

- Пласман во Светската Лига за одбојкарската репрезентација на Македонија
(Дефинитивно најпријатното изненадување во изминатава година. Момци многу малку ви фалеше лани, но ова лето ќе бидете поискусни и се надевам подобро организирани, па навистина се надевам дека ќе успеете да ја преминете и последната пречка.)

- Нови ветрови во женскиот ракомет
(Го допревме дното, се што следува мора да е подобро нели? Посериозен пристап девојки, поголема борба и желба од ваша страна и резултатот мора да дојде.)

- Некоја победа за фудбалската репрезентација
(Иако покажавте знаци на живот, сепак од вас очекувам најмалку годинава. Секоја победа е успех, а за пласман на некое првенство за жал воопшто не размислувам.)

- Полни сали кога игра секоја наша репрезентација
(Ракометари, кошаркари, одбојкари, фудбалери... сите кои ги бранат боите на оваа држава играат за нас. Не е фер да играат пред празни трибини нели?)

Се надевам дека оваа година ќе имаме исклучително успешна година на спортски план, со многу моменти кои ќе ни останат вечно во сеќавање,
Спортски поздрав и Среќна Нова Година.

Monday, December 22, 2014

Секој циклус ново алиби

Доаѓањето на Обрван и заминувањето на Шундо ги дочекав со огромно задоволство, мислев дека со нов тренер, со тренер со малку поголемо педигре од Шундо, работите ќе ни тргнат на подобро. Бевме петта европска сила во моментот и од новиот селектор очекував поинаков критериум, сметав дека како странец потешко ќе потпаѓа под влијание и ракометот ќе ни го подигне на уште повисоко ниво.



Рака на срце, Обрван имаше одличен старт, ја превзема репрезентацијата кога многу поискусни од него се исплашија, факт е дека Швајцарија ни заврши пола од работата, ама сепак тој не се исплаши од предизвикот и не однесе на Европско. Само што за жал тоа беше првиот и реално единствениот негов успех...

Среќата не не послужи минатиот декември, малер по малер, па десетото место никој не го сметаше за неуспех и покрај тоа што на целото првенство имавме само една победа и еден нерешен резултат. Не бевме целосни, тоа беше првото алиби кое сите го прифативме. Нарушената атмосфера, постојаните напади на натурализираните играчи, отстранувањето на Бранче од репрезентацијата... многу проблеми ја следеа нашата репрезентација и пред и за време и после првенството, но целата јавност застана на страната на селекторот.

Грција ни дојде како мелем на рана, репрезентација по мерка за да се среди ситуацијата внатре, за да се средат проблемите и да се извојуваат 2 лесни победи. На првиот натпревар одигравме катастрофално, до последната секунда се плашевме за победата, се плашевме дека нашиот јужен сосед ќе не понижи во единствениот спорт во кој сме светлосни години пред нив, ама среќата не послужи и извојувавме победа таму, па ги растуривме тука. Преголема била желбата за победа, тоа беше алибито за лошиот меч во Атина.

Нови квалификации, Швајцарија и Чешка ни дојдоа на ред. Релативно лесен натпревар во Скопје и еден од најтешките натпревари во историјата на нашиот спорт во Чешка. Отидовме како апсолутни фаворити и очекувавме лесна победа против репрезентацијата која играше без главните играчи, ама ништо не беше како што очекувавме. Репрезентативците од Металург имале помала минутажа во клубот од претходните сезони, заедно со преголемата ноншалантност со која сме влегле во натпреварот и оп ете уште едно алиби.

Се собираат играчите вчера, имаат цел месец пред нив до првенството кое цела нација го очекува со нетрпение, до првенството кое треба да ни го трасира патот кон Рио, и место нашиот селектор да ја подгрее атмосферата, наместо да ги мотивира играчите, од првата нивна средба, од првиот нивен заеднички момент подготвен е за нов неуспех и кривецот е повторно истиот како пред неколку месеци, Металург. Овој пат ракометарите на Металург не биле доволно физички и психички спремни. За психата признавам, не е лесно да губиш од смешни екипи како Раднички, ама со вистинска атмосфера на подготовките, со убав амбиент викендов против Израел, со квалитетно време поминато со нивните семејства за празниците, психата ќе се врати, зошто тие момци не играат од вчера ракомет, сите до еден со години ни ги носат најголемите спортски радости.

А дали сериозно ја доведе во прашање и нивната физичка подготвеност? Момците во последните 2 месеци играа по 2 натпревари неделно, за жал изгубија на најголемиот дел од нив, но сите до еден играа постојано и со секој нареден натпревар беа во подобра форма. Не ти одговара кога играат малку, а не ти одговара ни кога играат многу... Јас не можам да те разберам, што очекуваш од нив? Мене за жал вчерашната пресконференција ми личи како сепак да си го припремаш патот кон уште едно алиби, за да имаш што да кажеш на крајот на Јануари, да имаш што да кажеш ако не излезе се како што се надеваме, да можеш да кажеш дека заради кризата во Металург не сме избориле квалификации за Рио.

Епа извинете селекторе, ама прекинете да барате алиби, засукајте ги ракавите и почнете да го вршите она за кое верувам дека земате убави пари. Подгответе ја одбраната, поставете го нападот и за прв пат во вашиот живот почнете да превземате одговорност за вашите постапки. Ваше е да ја поткренете психата на тие момци, на вас е да создадете атмосфера, само со позитивна енергија може да го постигнете она што го сакаме сите... Момците од Металург се во полн натпреварувачки ритам, Кире и Борко се одлични сезонава, Столе и Филип за жал се мачат со повреди изминатиов период, а Прибак ја дели минутажата со фантастичниот Караџиќ, но секој од нив има огромно срце и желба и сите се подготвени за подвиг, подготвени да дадат се од себе и да се изборат за она кое го сонуваат уште од победата над Словенија во Белград...

Прашањето што ме мачи е сепак дали вие селекторе сте подготвени,
Спортски поздрав.

Thursday, December 11, 2014

Просечна игра на теренот, одлична на трибините

Не планирав да пишувам за натпреварот вчера, во минатиот пост се одјавив до Јануари, ама морам да ги поздравам двата тима за коректната игра, за тоа што теренот го напуштија здрави и прави сите оние кои стапнаа на него.

Имавме многу малку моменти за славење ние кои навиваме за екипата во сини дресови, ама сепак имам по некој позитивен впечаток после натпреварот. Ме израдува погледот на Талески после вториот постигнат гол кога му врати на Диви за ликувањето при одбранетиот пенал, ме израдува неговата радост и неговата љубов кон дресот што го носи. Тоа е она што го има Металург, а некој друг уште долго нема да го има. Ме израдува и играта на Никола Маркоски, може некој нема да се согласи со мене, ама дечкото е со секој натпревар се подобар. Ме израдува и желбата за борба кај нашите ракометари и тоа што не излегоа со бело знаме и покрај сите проблеми.

Покрај браво за ракометарите морам да кажам и големо браво за Пирати, ама браво и за Комити. Пиратите имаа неколку пароли вчера:

Металург е шампион, така?!?!
Тоа е вашата најголемa мака.

 Обидите за уништување паднаа во вода,
плаво белата боја пак ќе ја вратиме во мода.

 Во ракомет и фудбал бевте за нигде,
чекавте државата од гомна да ве дигне.


Одлична претстава вчера на двете навивачки групи, песна за време на сите 60 минути. Никогаш до сега не сум пишувл за нив, ама денес решив да им упатам по некоја замерка и на едните и на другите.

Пирати прекинете да бидете дерби навивачи. Вчера бевте во одлична бројка, навистина се надевам дека во Недела вашиот број ќе биде уште поголем, а и на сите наредни натпревари од Сеха, бидејќи играчите имаат потреба од подршка во секој момент, во секој натпревар без разлика од противникот со кој играат. Бев на сите натпревари од Сеха и оваа и претходната година, а вие бевте дел од многу малку од нив.

Комити браво за се она што го правите за Вардар. Не можам многу да зборувам за вас и вашите песни, бидејќи освен на натпревар со Металург не сум ве гледал на дело, ама многу некреативни ми делувавте вчера. Дел од песните се дело на други навивачки групи, а една е песна на Кристина Арнаудова. Како најголема навивачка група кај нас сигурно имате барем еден талентиран човек за пишување во вашите редови кој верувам дека со задоволство би ви напишал песна. А денес пак прочитав на некој од нашите портали дека сте го навредувале Талески кога давал изјава, и ако е тоа вистина нека ви служи на чест. Натпреварот бил завршен, победата ваша, абре гордејте се со она добро што доаѓа од Македонија, не плукајте по него!

Уште еднаш браво за сите актери на теренот и на трибините, со нетрпение го очекувам наредниот натпревар на пролет. А сега по втор пат се одјавувам до Јануари (освен ако се случи чудо и го победиме Веспрем),
Спортски поздрав.

Sunday, December 7, 2014

Сонот не се оствари, но Металург мора да продолжи да се бори

Болкава е сеуште иста како вчера, си мислев после преспиената вечер полесно ќе биде денес, ама оној последен шут ми откина дел од душата и ми ги уништи сите надежи. Немав зборови вчера, немам ни денес, не можам да си објаснам себеси како може се да е против нас оваа сезона, ама тоа е спортот, мора да се соземеме и да продолжиме да се бориме понатаму.


Тежок натпревар, полн со адреналин и набој, најдобро навивање сезонава на трибините, голема лавовска борба на теренот... Ако се гледа целиот тек на натпреварот можеби нерешено е најреален резултат и во некоја друга ситуација задоволни би биле и со бод, но не вчера, не кога тој втор бод ни беше потребен за да продолжиме да сонуваме дека чудото сеуште може да се случи. За секунда од облаци сите наеднаш се најдовме на земја, од рајот, за една секунда паднавме во пеколот.

Главите горе момци, вчера ни пруживте одлична претстава, уживање беше да се биде во салата, уживање беше да се проследи вашата игра, да се поздрави вашата желба и борба, последните неколку минути сите дишевме како еден, и навистина жалам што прекрасната вечер не ја заокруживме со победа. Морам да ви кажам дека вчера бев горд што навивам за вас, што навивам за најдоброто од Македонија.

Ама од денес веќе мора да се насочиме кон иднината, минатото за жал не можеме да го промениме. Годинава да ја привршиме некако, па од Фебруари со нови сили кон нови победи. Ќе се загреваме во Сеха и во нашево првенство, а комшиите ќе ги оставиме да се испукаат во ЛШ, па на кондиција ќе ги фатиме во Мај некаде и ќе си ја прославиме титулата повторно како минатата година.

Господа од управата се надевам дека ја научивте својата лекција, дека сфативте дека Македонија живее за овој клуб, дека на народот му е потребен Металург, дека на сите ни се потребни победите на Металург и со сета сила ќе се обидете да го вратите клубот на местото на кое припаѓа, на врвот од Европа. Атмосферата во салата вчера не смее да е последната ваква атмосфера во Скопје, ве молам најдете начин и средете ги работите околу клубот.

А од друга страна не можам да разберам зашто годинава правите слична грешка како лани, лани викавме Сеха била крива, не дозволила одложување, а годинава? Како што е лоша сезонава, се плашам повторно од најлошото. До Нова Година ви следат 2 натпревари во Сеха, натпревари со големи противници, слични натпревари на оној на кој лани го изгубивме Наумче. Не верувам дека некој од вас може да влезе ноншалантно во ваков натпревар, во натпревар со Вардар, во натпревар за кои веќе комшииве ја мобилизираат својата публика за да биле побројни од нас, ама навистина апелирам до сите во двете екипи да ги смирите страстите и да одиграте ревијален натпревар, победата ќе биде небитна ако повторно во жарот на борбата останеме без некој од ракометарите кои треба да ни носат радости во Јануари.

А сега се одјавувам до некој убав сончев ден во Јануари кога истиве овие момци надополнети со Кире, Борко, Столе и Прибак ќе не израдуваат во Катар,
Спортски Поздрав.

Sunday, November 30, 2014

И Македонија има квалитет

Кога ќе се помириш дека мечот е изгубен уште во првото полувреме, после е многу полесно да го следиш натпреварот до крај. На моменти си мислев да го исклучам телевизорот, ама сепак ова можеби беше еден од последните натпревари на Металург во ЛШ (се надевам само за оваа сезона) и сакав да ги испочитувам до крај, да уживам до крај во нивниот настап.

Металург одигра ужасно, немаше никаква желба за победа, за надигрување, никаков жар, борба... со таков пристап не може да се добие ни некоја аматерска екипа, а не пак ПСЖ. Ја немаше играта и борбеноста која ги красеше на претходните 2 натпревари и затоа резултатот е овој.


Не планирам да навлегувам во натпреварот, бидејќи реално немаше ништо вредно за коментирање во играта, туку сакам само да кажам едно големо браво за нашите деца кои можат и мораат да ја покорат Европа за неколку години. Талески уште лани ги постигна своите дебитантски голови во ЛШ, а денес тоа го сторија и Нелоски и Манасков. Навистина жалам за црвениот картон на Талески бидејќи не ми се исполни желбата која ја имам цела сезона, да ги видам сите тројца заедно како играат во ЛШ. На натпреварот со Брест, верувам дека оваа моја желба конечно ќе стане реалност.

Денес и двајцата добија шанса да покажат дека можат, дека неправедно беа игнорирани цела сезона. Целата оваа страшна ситуација околу Металург по милионити пат ни покажува дека мора повеќе да го цениме нашето, дека имаме и ние квалитет. Со поголема доверба од стручниот штаб и поголема минутажа, Манасков може да стане еден од најдобрите плејмејкери во Европа, а Талески и Нелоски покрај одличната висина, имаат и страшен шут кој треба внимателно да се развива.

Еден од најпотценетите играчи во составот на Металург веќе втора сезона е Никола Марковски. Доби шанса минатата сезона и за жал не ја искористи како што се очекуваше, а сезонава со доаѓањето на Марсениќ ретко беше во составот на Металург, но во целата оваа ситуација се надевам дека тој ќе излезе како победник и оваа добра партија ќе ја насочи неговата кариера, па од денес ќе гледаме се поблескави натпревари од него.

На овој пораз не треба да се гледа воопшто трагично, бидејќи целата сезона ни беше реално трагикомична. Но сепак да се обидеме да извлечеме и нешто позитивно од неа, да се обидеме да добиме играчи  кои навистина ќе бидат иднината на нашиот ракомет. Нашите млади играчи можат да ја покорат Европа и на клупско и на репрезентативно ниво, но само доколку Металург продолжи да постои, само доколку тие го добијат потребното искуство низ силните натпревари во ЛШ, само доколку нашава приказна не заврши тука,
Спортски поздрав.


Saturday, November 29, 2014

Металург мора да е подготвен за сензација

Во овој турбулентен период исполет со милион шпекулации, се што сакав е екипите кои ни се конкуренти за место во Топ 16 да ја искористат предноста која ја носи домашниот терен, да остварат победи дома и да ни ги остават навистина работите во наши раце како што изјави Лино пред некој ден.


Минатиот викенд конечно Металург се издигна од мртвите, Загреб го доби Брест на домашен терен и се полека почнуваше да добива добар тек. И денес истиот тој Брест и подари бод на Ла Риоха кој најверојатно ја носи Ла Риоха понатаму, а нас заедно со Брест не остава на последните 2 позиции во групата. Дека не е се изгубено, дека шансите постојат сеуште, тоа е нешто што никој не може да го негира, ама ако нашата мисија до пред 2 часа беше претешка, сега е ѓаволски тешка.

Јас секогаш верувам до последниот момент, се до последниот натпревар со Загреб во Фебруари ќе продолжам да верувам дека можеме да направиме сензација. Ако сите веруваме во тоа, ако управата и играчите сите заедно дадат се од себе и ако клубот се врати на вистинскиот пат, ако повторно заличи на оној Металург кои сите со нетрпение чекаме повторно да го видиме, тогаш нашите шанси се реални, сензацијата може да стане реалност.

ПСЖ не е непобедлив сезонава, губи од многу послаби екипи од себе во Франција, факт е дека губиме и ние, ама мислам дека нашиот инает е посилен од нивниот квалитет и кога веќе тргнавме сезонава по потешкиот пат, по тој пат и ќе стигнеме до целта. Одиме на победа, само победа и ништо друго во Париз, ПСЖ мора да падне утре. Јас верувам во вас момци, верувајте и вие во себе и покажете им на Хансен, Абало, Вори и компанија дека нивниот пораз лани во Скопје не беше случјност.

Што се случува внатре во клубот, кои се вистинските проблеми, дали навистина спонзорот го напушта клубот, дали друг спонзор влегува, дали играчите преговараат со други клубови... навистина не знам, се што знам е дека цела јавност со нетрпение чека целата оваа приказна да заврши и да почнеме да коментираме и да размислуваме само за вашите натпревари и победи, а не за вашите проблеми. 2014 набрзо ќе заврши и се надевам дека со новата година, нови ветришта ќе дувнат во Автокоманда и уште долги години ќе можам да се радувам на успесите на клубот од Автокоманда, на клубот кој е костур на сите наши репрезентации,
Спортски поздрав.

Sunday, November 23, 2014

ПОБЕДА!!!!!!!!!!

Од Септември чекам да напишам текст со наслов ПОБЕДА!!!!!!!!!! Колку е добро чуството сега, колку е добро тоа што не треба да пишувам дека ни фалела малку среќа, дека ни фалела само една одбрана, дека ни фалел само еден гол... Наместо тоа ќе напишам БРАВО!!!



Браво Мојсо, на најдобар можен начин им ги затвори устите на сите кои не престануваа да зборуваат глупости за тебе изминативе недели. Браво Митревски, целото второ полувреме беше дефинитивно најдобриот играч на теренот, ама последните 2 одбрани, уф немам зборови за да ги опишам. Браво Ванчо, целата ситуација делуваше безидејно и изгубено, ама искуството и желбата беа преголеми и топката заврши на вистинското место. Браво Вуги, овој е оној Вугринец кои сме навикати да го гледаме. Браво Жути,  браво Никола, Марко, Велко, Ацо, Филип, Џомба, Дејан, Гоце, Мисовски, Куковски и Дарко... Браво момци, кога 6000 глави имаат само една мисла, кога 6000 срца имаат една иста желба крајниот резултат мораше да биде позитивен!!!

Да не претерувам многу со фалењата, имавме премногу технички грешки, лесно изгубени топки и пропуштени зицери, ама крајно време беше и ние да се израдуваме. Ова е најголемата победа до сега зошто е изборена во ваков тежок период. Имаше многу шанси да се дотолчи противникот, ама тој некој страв од успех, игра некако во грч за жал не следи цела сезона. Ако на претходните натпревари Металург пред време се откажуваше, вчера доби изгубен натпревар.

Ме израдува тоа што и Марко и Филип конечно добија шанса, Нелоски мислам дека одлично ја заврши работата во одбраната, а Талески еден удар, еден гол. Двајцата имаат многу да покажат и можеби заслужуваат и повеќе од 2 минути во напад. Браво деца, иднината е пред вас.

За жал вчера не бев во можност да отидам во "Борис Трајковски" и многу жалам што не бев дел од таа атмосфера. Можам само да замислам како еруптирала целата сала после голот на Мојсо, енергијата која се ширела, знам дека било прекрасно да се гледа среќата на ракометарите. Јас после победата вчера се чуствував како да сме станале Светски Шампиони, а не како одвај да сме победиле. После толку чекање, вчера секаква победа прифаќав со отворени раци. Ја гледав денес снимката и иако го знев исходот на последните 2 минути, некако чувстував нервоза и олеснување кога се заврши. Фантастични 2 минути, 2 минути кои ретко дека би се повториле.

Оваа победа ви беше повеќе од потребна, се надевам дека сега си ја повративте самодовербата и се уверивте дека сеуште можете и знаете. Многу ми се допадна паролата на Пиратите од вчера "Останавте херои, играјте до крај за светите бои".

Читав денес изјави од вчера после натпреварот и навистина не успеав да ја разберам изјавата на Червар. Ова ќе било последен натпревар во "Борис Трајковски", Македонија сакала да ја победи Хрватска. Може ли некој да ми објасни што сакал Червар всушност да каже?

Вчера играчите дадоа се од себе и како подарок заслужуваат полна сала за натпреварот со Брест. А со ваква пожртвуваност, резултатот може пак да биде поволен. Сега после првата победа е полесно да се игра, така да уживајте во натпреварот во Париз, па можеби непоразени ќе го напуштите градот на светлината,
Спортски поздрав.

Friday, November 21, 2014

Со сета сила кон прва радост

Кога игра некоја наша репрезентација секогаш се плашам од празна сала, се плашам дека играчите нема да ја добијат подршката што ја заслужуваат, се нервирам како може салата да се полни само за клубовите... Металург и Вардар секогаш играле пред преполна сала и никогаш не сум ни помислил дека ќе играат без подршка, ама денес се плашам, се плашам дека утре во "Борис Трајковски" ќе има повеќе празни отколку полни столчиња.


Коментари од типот платив да ги гледам Станиќ и Атман, а не Мисовски и Пешевски држат вода, ама вие пред се плативте да го гледате Металург, плативте да го гледате нашиот шампион кој со крајни маки се обидува да ја извлече оваа сезона. Клубот се сака и во победа и во пораз, лесно е да се фалиш на победата, битно е да бидеш голем и во поразот. Нашата подршка им е неопходна, Ла Риоха во полн состав би ја изеле за доручек, ама сега овој е тимот, ова се ракометарите кои го составуваат Металург, тие се, други нема и какви се, такви се, за мене се сеуште најдобри и со наша подршка во сите 60 минути, Ла Риоха нема каде да бега.

Натпреварите на Металург секогаш претставувале празник на ракометот, прекрасно е да гледаш како целиот град се упатува кон "Борис Трајковски", како паркингот е преполн со автомобили од сите градови во Македонија, како салата полека се полни, како се поздравуваат играчите, како се прославува секој гол, како се прославува победата... Не гледам причина зошто утре повторно не би била иста ситуацијата, доста ни е веќе од порази, САКАМЕ ПОБЕДА! Поклонивме 4 домашни бодови до сега, останатите 6 дефинитивно не ги даваме.

Научна фантастика го нареков нашиот пласман во наредната фаза минатиот викенд, ама шансите постојат, мали се, ама постојат. Сега здружено ќе навиваме за сите домаќини до крај и ќе се бориме за повисоки победи дома. Ла Риоха, Брест и Загреб се противници по мерка, противници кои бевме пресреќни кога ни паднаа во ждрепката, и затоа сега секој присутен, од Лино до дечкото кој ги масира играчите, од најмладиот до најстариот во публиката треба да дадат 120% од себе и со зеднички сили да го пребродиме периодов и да ја спакуваме Ла Риоха за накај Шпанија.

Претходните години немавме потреба од математики и чуда, ама денес мозокот ми работи 100 на саат и ако сме направиле нешто добро во изминативе години, можеби сега ќе ни се врати и вториот дел од сезоната ќе го започнеме со 4 или 6 поени на нашето салдо.

Момци дајте се од себе, надминете се себеси, публиката ќе го награди вашиот труд и утре околу 9 заедно мора да ја славиме првата победа,
Спортски поздрав.

Monday, November 17, 2014

Наместо очекуваната победа, не погоди убедлив пораз

Митев бил задоволен од играта вечерва, добро одиграле момците... Чекај малку, сериозен си? Против себе имавте еден од најслабите тимови во АБА сезонава и место да изборите лесна победа, на крај доживеавте убедлив пораз.



Противникот беше толку очаен вечерва, правеа такви смешни грешки, ама тажното е што МЗТ беше поочаен. Нема игра под кошевите, има смешни додавања од зад грб, а кога се оди на кош некако успеваат да го промашат кошот наместо да забијат. Единствен светол момент вечерва е влегувањето во ритам на Дамјан и на Шеховиќ и двете банани на Лучиќ, ама загрижува фактот што и после толку кола немаме сеуште стабилен играч кој ќе ја извлече екипата кога шутот просто не оди, зошто шутот цела сезона никако да проработи.

Ги разбирам играчите не е лесно да менуваш тренер секоја втора недела, ама покажете малку желба и вие, не може да губите натпревари како да сте екипа собрана да одигра баскет во маало. Со Мега Визура се немаше среќа, со Цедевита силата беше за 32 минути, а денес имавте минута ипол напад за победа и не го искористивте, па уште дозволивте противникот да постигне тројка. Децата од Партизан ве уништија, за Крка и да не зборувам, смешната прва четвртина со Работнички вечно ќе остане запаметена, не искушувате сите цела сезона, ама доста е веќе, крајно време е да ги засукате ракавите и да почнете да играте ако ви се игра, а ако не ви се игра ве молам напуштете го Аеродром.

На страна од играчите актуелниот тренер на МЗТ е посебна песна. Од секогаш човекот сонувал да биде тренер на МЗТ, конечно сонот му се оствари, а и сите тука го дочекаа како ослободител. Може сите останати се воодушевени од Боби Митев и неговата љубов кон МЗТ, ама јас не. Читав една негова изјава пред 5 месеци отприлика во која зборуваше дека македонските кошаркари не се доволно добри, дека тој би правел екипа само со странци и во тој момент го ставив на мојата црна листа. Јас секогаш ќе бидам на страната на секој македонски спортист, пред да застанам на страната на некој странец. И извини Боби, ама денес и Кире и Марко и Стајиќ заслужија поголема или некаква минутажа. Кога гледаш дека не му оди на Диксон, кога гледаш дека Маринковиќ не може да се избори со противничките центри, промени нешто во играта, не биди тврдоглав. Ама сега ти си тренерот, ја имаш апсолутната подршка и стварно се надевам дека набрзо ќе го гледаме твојот победнички МЗТ.

А вие од управата, ве молам да прекинете со политики и експерименти и да дозволите екипата да се воигра и конечно да почне да ја прикажува играта што ја очекуваме. Кошаркарите треба да почуствуваат некаква сигурност од ваша страна, а не да очекуваат дека утре ќе ја напуштат екипата. Не е лошо и да излезете со некое соопштение за резултатите до сега, за тоа каде го гледате МЗТ на крајот на сезонава, за тивкото заминување на Врба (сеуште сметам дека Врба беше совршениот тренер за МЗТ), за војната со МКФ и.т.н.

Епа момци, го оставаме овој меч зад нас и се надевам дека во среда во Гевгелија ќе прикажете далеку подобра игра и далеку поголема борба зошто со втор кикс во нашето првенство навистина црно ви се пишува,
Спортски Поздрав.

Sunday, November 16, 2014

После дождот секогаш доаѓа сонце

Секоја чест момци... На сите им покажавте како се бори Македончето, како се бранат боите на клубот за кој живее цела Македонија. Не успеавте да извојувате победа, ама вие сте морални победници оваа сезона. Се изборивте со сите проблеми кои не мачеа во изминатиов период и со кренати глави се враќате од Шпанија. Сите ја посакувавме победата, сигурно вие повеќе од нас, ама никој не е семоќен и не може да одигра 60 минути на високо ниво.



Верувавме во спортско чудо, се надевавме после првото полувреме, ама тоа е, за жал тука бил крајот на оваа сезона. Ако некој ме разочара денес, тоа е дефинитивно Червар, секогаш најнервозен и не може да се докаже, а денеска ладнокрвен и делуваше како слика без глас, како да го посакуваше поразот, па да може да покаже дека бил во право. Ама нема ова да е крајот на Металург господине Червар, овие момци наредната сезона ќе ви покажат дека можат и знаат многу повеќе.

Ме боли, ве боли и вас, ама издржете момци, после дождот секогаш доаѓа сонце. Изиграјте ги наредните натпревари за себе, за публиката, за лична сатисфакциија. Се во животот е лекција, па така и оваа болна сезона. Клубот опстана, а тоа е најбитно, од Јануари со нови сили до нови победи, битката за одбрана на титулата не чека.

Во секој случај браво за Ванчо, за Мојсо, за Жути, за Вуги и за Митревски, сите останати беа добри, ама овие 5 души денес беа одлични. Жути дефинитивно е во животна форма во последните 2 години, а  Ванчо живее втора младост. Супер сте сите момци, немојте да дозволите сето ова да ви влијае на психата, сето ова е нормално во спортот, нормални се падовите, нормални се проблемите, но нормални се и новите почетоци, а Металург се наоѓа пред еден нов почеток.

A aко веќе играте само за себе можеби конечно ќе ја видиме бековска тројка на иднината Нелоски, Талески, Манасков наредниот викенд, не гледам зошто тие тројца не би ја поделиле минутажата со Мојсо, Жути и Вуги. И денес во составот според мене имаше место за сите тројца, но според некој друг не било така.

Наредниот викенд подршката не смее да изостане, потсетете се на сите убави моменти и иако преминот во наредната фаза веќе е рамен на научна фантастика, наполнете ја салата и бодрете ги момците 60 минути, бидејќи најдоброто од Македонија се уште доаѓа од Металург,
Спортски поздрав.

За Кире, Мирјета, Вардар и Металург

Во очекување на мечот денес кој ќе покаже дали и колку Металург ќе излезе од оваа ситуација, вчера некако желен за убав ракомет изледав 3 натпревари. Конечно имав доволно слободно време за да ги погледнам најдобрите македонски ракометар и ракометарка во акција за своите клубови.



Ефектот на клубовите беше половичен, победа и пораз со идентична разлика од 4 погодоци, но нашите играчи беа дефинитивно најдобрите поединци на теренот. Ако за Кире Лазаров е излишен секој коментар, човекот е ракометно божество и тоа не само кај нас, туку и насекаде во Европа и вчера го решеташе Фленсбург од каде стигне, Бајрамоска тек сега се бори за своето место под ракометното сонце.

Изминатите години ја гледавме во Македонија, беше неприкосновен прв стрелец на нашето првенство, најдобра во сите квалификации и мечеви што ги одигра Металург, успеваше рамноправно да се носи и со новиот Вардар, но никогаш ја немавме видено на големата сцена. Гледајќи ја нејзината статистика годинава и нејзиниот настап вчера искрено жалам што кризата не се случи побрзо во Металург и Мирјета побрзо не излезе надвор од државава, зошто мислам дека на тој начин денес можеше да биде еден од најдобрите леви бекови на планетата.

Жалам и што не е родена во некои подобри времиња за женскиот ракомет во државава, зошто нејзиниот квалитет за жал остана неискористен и во репрезентацијата. Ако на Крим му се поклопат коцките во последното коло, Бајрамовска во следниот круг ќе гостува во "Јане Сандански", па ќе имаме шанса во живо да ја гледаме како заедно со поранешната Вардарка, Пино му се спротиставуваат на тимот на Индира Кастратовиќ.

Третиот натпревар кој го изгледав вчера логично е Вардар - Веспрем. Дефинитивно не очекував таква добра игра од Вардар и очекував далеку подобра игра од Веспрем, ама среќата ги следи храбрите, и ако Вардар ја заслужи таа спортска среќа во мечевите со Целје и со Монпејле, вчера сепак ја заслужи Веспрем. Ова е само потсетник за Вардар и општо за сите колективи во Македонија дека мечевите траат додека судијата не го означи крајот, а не кога ние мислиме дека завршил. Ваква опомена не добиваме прв пат, туку ги добиваме пречесто и се уште не учиме од нашите грешки. Ама во секој случај браво Вардар, второто место во групата е безмалку обезбедено, и во наредниот круг би требало да добиете противник кој лесно ќе можете да го поминете.

А сега сите позитивни мисли ги испраќаме кон Логроњо и со сета душа се надевам дека среќата ќе не посака таму. Не се согласувам со составот на Лино, место за Марко Нелоски и Мартин Манасков е срамота што нема, ама сепак мора да веруваме дека неговата проценка е најпаметна и на терен ќе го изнесе составот кој ќе победи денес.

Со среќа момци,
Спортски поздрав.

Wednesday, November 12, 2014

Дали е Металург навистина спасен?

Металург е спасен, Македонците ќе патуваат во Шпанија... Вака изгледаа воглавно сите наслови вчера, ама дали е Металург навистина спасен? Металург ќе патува во Шпанија, договор е постигнат, Червар ќе си заминел за еден месец, и сега денес место да чуствувам олеснување и среќа, нешто не ми штима. Како Червар сеуште е тренер и платите не се исплатени, а договор е постигнат, како?



Маратонски состаноци вчера, прв, па втор, па трет. На никој не му е јасно кој останува, кој си оди. Приказнава во изминатава недела цело време се вртеше околу нашата репрезентација, и јас бев загрижен воглавно за нив, ама што е со Циндриќ, Атман, Борозан, Марсениќ, Џукиќ? Првиве двајца имаат огромна важност и огромно влијание во досегашниот успех на Металург, зар ќе се чуствуваме убаво ако од утре го носат дресот на Вардар на пример?

Факт е дека никој не сака да игра без плата и дека странците си го бараат чарето и не сакаат да им пропадне сезонава во бунтови и состаноци, ама јас сакам целосен Металург, сакам силен Металург, а да не се лажеме, чисто македонски Металург не е доволно силен за во Лига на Шампиони. Видовме што не снајде по заминувањето на Станиќ и дај Боже да грешам и да ме демантираат уште викендов, ама навистина се плашам дека сивилово ќе продолжи... Е сега се надевам дека барем некои од странците ќе решат да му дадат втора шанса на Металург и полека, но сигурно ситуацијава ќе почне да се средува.

Имаше многу полемики после статустот на Жути дека тие не играат за руски Рубљи, туку дека играат од срце и сега некако врти - сучи излегува навистина така. Странците бегаат, не веруваат веќе на ветувањата, а каква е гаранцијата дека нема и македонските играчи да се изморат и наредната недела или во Јануари да побараат поништување на нивните договори? Реално сеуште имаат неисплатени плати и имаат право на тоа. Што ќе се случи тогаш со Металург? Ова е прашањето кое ми стои во глава и не ми дава мир.

Да ги тргнеме црните мисли и да се насочиме кон она што се случува денес... Огромна желба имам да знам што се случувало на денешниот тренинг на Металург, не можам да замислам како се одвивал, играчите и тренерот не комуницираат помеѓу себе, па можеби преку Брестовац договарале тактика за Ла Риоха. Кога е загубена довербата, и се искажани такви зборови, нема веќе враќање назад, и никако не можам да сфатам како овие играчи ќе се однесуваат кон Червар во наредниот месец и како тој ќе се однесува кон нив, како сите заедно ќе дадат се од себе и ќе се обидат да го извлечат Металург од оваа провалија.

Ако денес можеме да кажеме дека репрезентацијата привидно е спасена, сега на ред е Металург. Победа во недела ќе биде како мелем за сите рани, а за пораз не сакам ни да размислувам. Морате да бидете силни момци, оставете ги на страна сите несогласувања и проблеми, најдете сила, нека ви проработат македонското срце и инает и конечно победете за нас,
Спортски поздрав.

Tuesday, November 11, 2014

Молба до Лино

Викаат кога двајца се караат третиот користи, или кога двајца се караат попаметниот попушта... Во нашава шпанска серија странските клубовите веќе почнаа да тријат раце примамувајќи ги разочараните ракометари, а во војнава за жал никој не сака да излезе попаметен и не отстапува од своите барања.



Штом газдата и ракометарите не можат да најдат заеднички јазик, третата страна во оваа приказна може да ја спаси ситуацијата. Ајде Лино, излези дека си навистина толку голем човек како што велиш дека си, излези дека си толку голем педагог и не ни го руши сонот на целата нација да учествуваме на едни Олимписки Игри. Кога веќе нема друг излез од овој кошмар, дај неотповиклива оставка и остави го газдата да побара нов тренер. Кој бил во право брзо ќе излезе на виделина, дали навистина е се како што кажуваат ракометарите или сепак вистината е друга, наскоро ќе биде јасно. Дај им ја шансата да пробаат, да играат, да видат како е да се игра под друг тренер, да се обидат да ги извојуваат своите битки сами и да се изборат за што подобро место во Катар и место во Рио.

Целата нација се надеваше на позитивен одговор од вашиот состанок денес, се надеваше дека на кризата и дојде крајот, ама за жал кризата се повеќе се продлабочува. Ве молиме сите да пробате да ја проголтате гордоста и да најдете решение за доброто на Металург. Не можеме да пратиме тим со просечна возраст од 18 години во Шпанија, потребно им е искуство на момците од Металург 2 несомнено, ама не е фер да ги искористите како жртвени јагниња и да ги пратите да изгорат таму.

До недела имате уште неколку дена. цела Македонија се надева дека тимот што ќе отпатува е оној кој сите го очекуваме,
Спортски поздрав.

П.С.
Со среќа Липовина, навистина се надевам дека ќе станеш огромна ѕвезда и дека со тебе сепак ќе понесеш и по некој позитивен спомен од Скопје.
Коциќ ти не заслужуваш ни еден збор, човек на 30 години да дава смешни изјави и да вика дека не очекувал дека ќе игра во ЛШ, а потпишува со клуб кој игра во ЛШ, човеку пензионирај се веќе и не се брукај и понатаму.

Friday, November 7, 2014

Врба од една, МКФ од друга страна, не можам да решам чија одлука е посмешна

Денешниов ден не може да се спореди со ниту еден во досегашната историја на Македонија, ужас, хорор, фарса... Од сабајле читам една вест, па друга, и секоја наредна е поневеројатна од претходната. Се чуствувам како да живеам во некоја земја во Африка искрено, иако можеби со ова всушност ги навредив Африканците.

Како бе Врба не е веќе тренер на МЗТ? Човеку доби максимална поддршка од цела јавност, сите застанаа против Антиќ, а ти на крај излезе невиден плачко. Доби одврзани раце, барем така изгледаше од страна, смени пола од составот, конечно потпиша Дамјан, се врати Шеховиќ чии квалитети ги знаеме, Стајиќ го истакна како најдобар на последниот натпревар и кога се изгледаше дека ќе тргне, како гром од ведро небо реши да си одиш. Епа извини, ама тоа не те прави ни голем човек, а нема да те направи ни голем тренер. Верувам дека имало притисоци од управата, дека не се согласуваш со смешните одлуки околу дербито, ама твое беше да ја тренираш екипата, а политиката да ја оставиш на политичарите. Колку надеж имав во тебе, мислев дека си идеален за селектор после наредново првенство, мислев кошарката во државава ќе ни тргне конечно, ама ништо... Штета.



Ама само мислев дека ќе ни тргне кошарката во државава, зошто кошарката во државава стана чиста политика. Како бе сте ги избркале новинарите денес? Ги избркавте за да може да направите сценарио за филм? Вчера Коневски и Жерновски си се договорија самите, мислиш маалска лига е ова, испадна МЗТ идиот, му дава шанса на Работнички да си ги поправи грешките, и денес не се прифаќа тоа, туку Работнички оди во Трета Лига. Ама до кога? До утре? До Понеделник? Пропозициите се јасни, Работнички треба да оди во Трета лига, ама и Вардар требаше да игра во Втора, па не отиде, кај нас во државата секогаш се функционирало на тој начин, така ќе биде и овој пат. Епа затоа мили луѓе немаме спорт, немаме успеси на тој план, ама тоа е, срамота беше Вардар да игра во Втора лига, срамота е Работнички да игра во Трета лига, да го направеше ова Куманово, Кожув и Четврта ќе создадеа за нив, ама секогаш си имало екипи кои се миленичиња на федерацијата.

Прифаќам дека Работнички треба да си остане во Прва лига, инаку сезонава ќе биде досадна, ама излезете јасно со став, и немојте да ја лажете јавноста, верувајте, не сме такви идиоти за какви што не сметате,
Спортски поздрав.


Одбивам да поверувам дека ова е крајот на МЕТАЛУРГ

Довербата се гради цел живот, а се губи за еден момент. Металург оваа сезона максимално ја искушуваше нашата, на крајот ја изгуби, а што е најстрашно со ниту еден потег не се обидува да ја врати, туку се подлабоко и подлабоко навлегува во бездна.



Каде исчезна оној Металург што им покажа на сите во регионот како треба да функционира еден спортски колектив, каде исчезна клубот кој беше срцето и душата на Македонија? Велат се што е убаво кратко трае, ама јас одбивам да поверувам дека тука е крајот на Металург.

Како од човек кој беше најзаслужен за успесите на нашата репрезентација, за подемот на ракометот во државава, господинот Јорданов реши наеднаш да стане гробар на истите.  Не може неговата љубов да исчезне преку ноќ? Не може да рече дека него не го интересира што ќе се случи со националната селекција, не може и не смее да си дозволи таква изјава бидејќи сите нас не купи токму на таа карта, сите не купи заради грижата за нашите домашни ракометари.

А која пак беше целта на денешната суспензија? Ракометарите веќе апсолутно ништо не ги врзува за Металург, потребно е најверојатно неколку саати во РФМ за да добијат поништување на своите договори, ама Минчо сакаше да изигрува газда, па со брза пошта им врачи суспензија. Да не беше толку трагично сето ова, ќе речев дека е смешно. Место да ги замоли да имаат средба, да се доближат ставовите, тој сака да покаже сила, ама кај што има сила, нема правдина. Изгледа решен е да ни го отера ракометот во пропаст, ако не може сите да играат како тој што свири, тогаш никој нема ни да игра.

Потпишува Левче нов голман, па уште и фотосесија му прават на човекот, кутриот кој знае какви мисли му се вртат сега низ главата. Сигурно му должи нешто на Левче од минатото, инаку навистина не можам да сфатам кои се неговите мотиви за овој договор. Сепак реално за голман кој најверојатно мислел дека последниве година, две од неговата кариера ќе брани во екипи како Пролет, Прилеп шанса да одиграш 6 натпревари во ЛШ не се одбива.

Ракчевиќ кога си отиде рече дека Левче и Лино му го уништиле животот и дека еден ден животот ќе им врати за тоа што му го направиле. Денес се јави со потполна поддршка за ракометарите, ги пофали за нивната сила и изрази жалење што не застанале на овој начин зад него пред 2 години. Воедно вели и нешто што на сите ни е јасно, не може еден да е во право, а 19 да ја лажат целата јавност... Само не знам дали господинот Јорданов не го гледа ова или пак повеќе му одговара да не го гледа.

Червар пак се жали 18 месеци не зел плата. Браво за човекот, јас викам да собереме сите пари и да му ги исплатиме заостанатите плати. Ме интересира како живее овие 18 месеци, мене два месеци кога ми касни плата, не можам да сврзам крај со крај, а па за 18.. Значи сигурно е магионичар, друго објаснение нема.

Изминативе неколку месеци кружеа муабети дека Алкалоид ќе го превземе Металург, во моментов се молам ова да е вистина и покрај изјавата на господинот Мукаетов дека е фокусиран само на работата на репрезентацијата, ама како што можете да видите господине ако не се решат наскоро работите, репрезентација нема да имате, па нема да има потреба да се фокусирате некаде. А и како му дозволивте на Обрван сега 2 месеци пред Светското Првенство во Катар да замине во Франција? Ми се чини дека и вие почнавте да ги испуштате конците од раце, за жал никаде ништо не ни фукнционира како што треба.

Момци издржете, друго немаме што да ви кажеме... Поддршка имате, сите сме со вас, за жал времето ни е кратко, а најважното првенство за вашата генерација следи и затоа цела нација се надева дека решение ќе постигнете што побрзо. Ако сезонава за Металург е пропадната, таа не смее да пропадне за Македонија, зошто нема да ни се пружи нова шанса во иднина. Јас се надевам дека на 18-ти во Шпанија ќе истрчате во најсилниот состав и целава оваа ситуација ќе ја заборавиме како лош сон,
Спортски поздрав.

Thursday, November 6, 2014

Брука во Градски Парк, пораз на кошарката во државава

Брука во Градски Парк, брука за Работнички. На натпревар на кој имавте предност од 31 поен се повлекувате? Стварно? Први на светот сте дефинитивно... Ги подржувате навивачите? Сигурни сте дека тоа е вистинската причина? Да не се исплашивте малку? Да не сфативте дека натпреварот го испуштивте од раце, дека играчите ви се преморија и дека ќе доживеете дебакал на крајот на натпреварот?



Ова што се случуваше вчера не знам дали да го наречам комедија или хорор... Читам коментари, судиите ги направивте неспособни, платеници, идиоти, а луѓето само си ја вршеа својата работа. Зар прв пат било побарано да се испразнат трибините? Не беше прв пат, а сигурно нема да биде ни последен. Не можам да разберам како се обидувате да го прикажете тоа толку трагично, а што е најсмешно сите ја вртите истата песна, дефинитивно добро сте ја научиле во соблекувална.

Ви сметаа Фемили? Зар спремни бевте на душа да носите некое дете вчера, само вие да излезете во право? Соодносот на силите на трибините беше 9 спрема 1, да излезеа Фемили заедно со Сити парк бојс, ќе настанеше Трета Светска Војна, подебелиот крај ќе го извлечеа помалубројните, а Градска ќе беше преполна и од едните и од другите. Ама вас не ви се играше, баравте причина да го прекинете натпреварот.

Браво за Марин Докузовски, човекот не однесе на врвот на Европа како селектор, има победено во многу натпревари против МЗТ, и во моменти кога на Работнички не му одело знаел да ја подготви екипата за дерби, ама прво ме разочара кога избега од селекторското место, за да си го задржи впечатокот дека само он е заслужен за 4-тото место, свесен беше човекот дека тоа не може да се повтори, а од вчера воопшто не го ценам ни како човек, ни како тренер. Што ти беше целта вчера? Искрено одлична тактитка имаше направено, го имаше спремено максимално тимот за првото полувреме, ама толку ти се играчите, 5, 6 души, свесен беше дека МЗТ ќе ве фати на кондиција и квалитет и одма почна да бараш начин како да си го задржиш митот за себе, како да продолжиш да го лажеш раководството и навивачите, реши да продаваш приказна дека морално се повлекувате од добиен натпревар. Ако изгубевте на терен, кој знае кај ќе ти беше крајот, па мораше на овој начин да го изгубиш натпреварот за да можеш цела сезона да кажуваш, ама ние ќе победевме. Ама ЌЕ, ти текнува?

Ја уништувате кошарката во Македонија, одма се трудите да мешате политика. Лани судиите не ви чинеа, суделе за МЗТ, ви сметаа Станко и Тоше, викавте дека за секоја одлука одма се жалеле кај судиите и со својот авторитет барале да судат за МЗТ, епа сега ги имате нив, ама пак не ви чинат судиите. Вчера пак судеа за МЗТ? Доби МЗТ повеќе слободни, вие повеќе фаули, им доделуваа топки на МЗТ што не беа реално за нив? Не, одговорот е не на сите прашања, судиите си го судеа натпреварот, ама пак не ви чинеа.

Може до утре да полемизираме, ама жално е што дербито заврши вака. Многу повеќе ќе се радував ако сега пишував за камбекот на МЗТ, отколку за драмава од вчера,
Спортски поздрав.

Wednesday, November 5, 2014

Поддршка за ракометарите, проблемот мора да се реши брзо

Читам и ми се плаче, текстови вчера, соопштенија денес, ама ова не може да е крај, мора да следуваат подобри денови за Металург...



Без сомнение Лино Червар е оној кој го смени целиот концепт за ракомет во Македонија, оној кој ни го донесе победничкиот менталитет и оној кој ни покажа дека можеме, ама без секој се може и без секој се мора. Червар е сигурно еден од најдобрите тренери на светот, ама за жал од секогаш сме знаеле дека не е еден од најдобрите луѓе на светот. Интересно е како може некој од херој, за неколку месеци да прерасне во државен непријател број еден, ама такви сме ние луѓето, знаеме некој да вивнеме до облаци и после наеднаш да го израмниме со нула.

Сезоната што ветуваше дека ќе биде сезона од соништата после фантастичниот турнир во Струга, се претвори во вистински хорор. Од рајот не симнаа во пеколот и со секој нареден ден, влегуваме се подлабоко во него.

Вистината конечно излезе на виделина, сега дојде времето да се пристапи кон решавање на проблемот. Времето не гази, кризава не снајде во најлошиот можен момент, ама решение мора да се најде. До вчера проблемот го баравме на друго место, секој од нас во глава вртеше можни сценарија, а сега барем знаеме дека може да има 2 можни исходи ситуацијава, нов тренер или нови ракометари. Првово е далеку пореално решение, бидејќи после состанокот вчера и соопштениево денес, не верувам дека играчите пак би влегле во сала со Червар или тој со нив, а во секој случај полесно е да замениш еден, отколку 20.

Ти благодариме Лино за сите убави моменти, за сите победи и за сите трофеи, ама на нашава приказна според мене и се гледа крајот. После толку поминато заедно, жално е што нема победнички да се ни се разделат патиштата, ама клубот е сепак пред се наш, македонски, вие од Металург не научивте да го сакаме клубот заради тоа... и сега секој од нас завзема страна и мислам дека секој прво ќе застане зад играчите, зад оние кои во најголем број се носители на играта и во репрезентацијата, а после зад тренерот.

Нарушената атмосфера не може да се поправи лесно, довербата е веќе изгубена и ќе треба многу да се работи за работите да можат да се вратат во нормала, ама сега дојде време господинот Јорданов да реши по кој пат ќе го тера клубот. Одлуката која следува не е воопшто лесна, разделбата со Червар ќе значи крај на една ера, ама факт е дека мора брзо да се делува. Ла Риоха не чека за десетина дена, а токму Шпанците се последната сламка за спас на сезонава.

Е сега момци ја отворивте пандорината кутија и мора и понатаму да останете сложни, па сите заедно да дочекаме подобри денови. Само храбро, ја имате нашата подршка, цела Македонија е со вас.
Спортски поздрав.

Monday, November 3, 2014

НЕ за Брумен во репрезентација!!!

Се смееме на Катар, а станавме бетер од нив. Зар планираме на секоја позиција да донесеме по еден странец, па после целосно да ги отпишеме нашите ракометари? Ако сме толку богати и купуваме репрезентативци зошто воопшто имаме школи за ракомет и трубиме за нашата иднина?



Секоја чест на Брумен, дечкото е одличен, немам лош збор за него, единствениот со константна форма во овие 2 години во Вардар, страшно стабилен и добар ракометар, ама Македонија нема потреба од него.

Немав ништо против натурализацијата на Вугринец, очекував да добива десетина минути по натпревар за да може да се одмори Кире на кратко, па да може порелаксиран да ги завршува натпреварите. Прибак сметав дека не ни треба и не очекував премногу од него, зошто е сепак просечен ракометар, ама човекот ме купи лани кога и после сите проблеми и негативни коментари продолжи со огромна желба и срце да игра и во Вардар и во репрезентацијата.

Сега и двајцата се наши и ги бодриме, ама мислам дека повеќе ги прифативме зошто сметавме дека ќе имаат краток рок на траење, две години, 3 максимум, Рио требаше да биде крај на оваа генерација, а со тоа и крај на овие двајца ракометари. Постепено нови деца требаше да влегуваат во составот, нови деца кои ќе треба да ги заменат Кире и Борко, нови деца кои ќе треба да решаваат натпревари како оној вчера. Ама не, ние не сакаме да чекаме и да му дадеме шанса на некое дете, туку одиме на полошата и полесна варијанта, подели им пасоши на сите, па ќе се крстиме кога за некоја година Италија ќе не растура.

Моделов со пасоши веќе еднаш го преживеавме, го прославивме и тивко не уби. Зар ќе дозволиме историјата да ни се повтори таму каде што сме најдобри, таму каде што сме најгорди? Со секој нов пасош ја убивате желбата на некое дете да игра ракомет, со секој нов пасош на некое дете му кажувате дека не вреди и дека за џабе се труди, дека за него нема место во репрезентацијата.

Ако делиме пасоши на кој стигнеме, следни се Атман место Талески, Лацковиќ место Нелоски, Дибиров место Манасков, Милиќ место Ивановски... До кога ќе одиме по погрешниот пат и ќе гледаме само на моменталните резултати, а ќе ја игнорираме иднината? Вуги треба да го наследат Велковски или Давитковски, двајцата се помлади од 18 години, наместо Прибак веќе некое време печен е Мартин Манасков, и стварно очекував дека сите тројца ќе добијат шанса наскоро, ама не само што тие не ја добиваат, туку таа шанса ќе почне да им се крати и на останатите деца.

На позицијата на Брумен знам двајца ракометари кои можат солидно да го заменуваат Гоце на секој натпревар, а сигурно покрај овие двајца има уште еден куп деца кои со нетрпение чекаат да бидат забележани. Јас сум ги гледал Костески од Металург 2 и Поповски од Вардар Јуниор и знам дека двајцата одлично ќе си ја завршат задачата и баш затоа ме интересира дали Обрван се потрудил да погледне подалеку од првите тимови на Вардар и Металург за да ја скрои репрезентацијата?

Навистина не ја гледам потребата од ракометар на триесет и кусир години кога имаме наши деца кои се би дале да го облечат тој дрес.Престанете со глупостите, хармонијата конечно се врати во репрезентацијата, немојте да ја уништувате повторно,
Спортски поздрав.

Sunday, November 2, 2014

Од рајот до пеколот и назад!!! БРАВО МОМЦИ!!!

Аууууу, БРАВО МОМЦИ!!! Ми го скративте животот мислам, сеуште се тресам, ама браво. Браво за борбата, браво за желбата, браво за смиреноста. Покажавте како се брани репрезентативниот дрес, покажавте како се гине за Македонија. Радувајте се вечерва, го имате тоа право.



Секој ве отпиша, и јас бев меѓу нив, се навестуваше дека ова денеска ќе биде класичен нокаут, ама на сите ни покажавте дека можете, знаете и умеете. Без сомнение вие сте најдоброто што го има Македонија, со својата борба на сите ни покажувате како треба секој од нас да се бори во животот.

Кај вас се гледа неверојатна сплотеност, хемија, поврзаност. Токму тоа ни фалеше на европското, ама тоа сега се забележува на километар, сите имате една цел и правите се да ја постигнете. Ако продолжите по овој пат, без сомнение Рио не може да ни избега.

Борко блескаше на голот, Кире и Жути во нападот, Наумче успеа да постигне погодоци кога беше најпотребно, Гоце, Дејан и Ојлевски одлични во добиените минути, одбраната на моменти хаотични, ама Велко и Ацо најдобри во најбитните моменти, Столе, Никола и Ване секој со свој придонес во резултатот...

Крајно лошо на моменти, со милион технички грешки, ама ладната глава и искуството пресудија на крај. Најбитното гостување е добиено, а пласманот ќе го бркаме на домашен терен. Можевме и сега да прокнижиме 2 поени, ама пусто желбата беше преголема и премногу шанси беа пропуштени. Мора да му кажеме фала и на селекторот на Чешка кој во последниот напад и одзема еден бод на неговата репрезентација и ни го даде нас. Сепак да ги растуревме сега Чесите, верувам дека премногу ноншалантно ќе ги дочекавме наредна година, па тоа можеше да ни се одбие од глава, како што им се случи на Србите.

Уште еднаш, браво момци, им покажавте на сите кои не сакаа да успеете дека сте посилни од сите проблеми и дека ракомет не сте заборавиле да играте,
Спортски поздрав.

Tuesday, October 28, 2014

Полна сала vs хаосот со картите на РФМ

Со промената на раководството на РФМ работите во самата федерација тргнаа на подобро, целата организација се поткрена на едно повисоко ниво. Цените на картите секогаш се ниски, па секој што сака има шанса да погледне одличен ракомет во "Борис Трајковски". Ама викендов наеднаш се уништија и хаосов што го направија со картите за утрешниот натпревар ме извади од такт. Ако желбата им беше празна сала, се надевам дека истата нема да им се исполни.

Имаше најава дека картите ќе бидат пуштени во петок во 12, и навикнати карти да снемува за 2 минути чекам, рефреширам, ама карти нема. Одам наредниот ден во Оне, ми викаат дека карти кај нив воопшто немало, девојките беа како паднати од небо, не ни знаеја дека треба да се игра ракомет во среда. Што ти паѓа прво на памет? Ти текнува дека картите се поделени по пријатели и дека ќе треба пред телевизор да си навиваш.

На сите наши портали и во петокот и во саботата пишуваше дека картите се веќе во продажба... Очигледно сите новинарчиња се навикнати да добиваат карти без пари, па никој не седнал да провери пред да напише нешто. Сепак не е ова ништо ново на кое не сме навикнати од новинарите во Македонија.

И вчера, понеделник, значи 3 дена после денот кога требаше да бидат пуштени картите, карти конечно можеше да си купи секој. Вчера пак цел ден рефреширав на сајтот на Мк Тикетс, и некаде околу 12 картите беа пуштени, М блоковите ги нема, Б3 го нема, ај Б13 е ВИП, па не го ни барам, ама сакам карта во некој од овие блокови, ама нема, тие блокови не се за секој нели?

Си купив карти за Б4, и сега се спремам за навивање, ама горчината ми остана. Барате полна сала, а до овој момент, салата одвај половина е продадена. Ја знаете причината за тоа? Луѓето кои сакале да присуствуваат на натпреварот повеќе пати се обиделе да купат карта, не успеале, па се откажале и сега од инает не сакаат да одат. Свестете се малку, репрезентацијата е светост, играте за нас, играте за цела држава, прекинете да си играте со тие кои ве подржуваат.


А до сите останати, да ги заборавиме клубовите за кои навиваме, да се сплотиме и да направиме незаборавна вечер за нашите момци. Утре во "Борис Трајковски" не треба да има празно место ни на скалите, целата сала треба да дише во еден здив. Сите имате обврска да бидете утре во 17 и 45 во сала, Македонија има потреба од подршка. Да им покажеме уште еднаш на Швајцарците дека нема што да бараат во Скопје. Сите кои сеуште сте без карта, веднаш да си купите по една.
http://karti.com.mk/etickets/TicketList.aspx?pEventID=571

Ајде момци, израдувајте не повторно,
Спортски поздрав.


П.С. Карти во моментов има и за М блоковите, очигледно се пуштени денес после 12 часот, и сега ситацијата станува уште потажна бидејќи излегува дека ни половина од салата не е продадена :(

Friday, October 24, 2014

Подмладување

Ме воодушеви вчера Врбица и ме натера да размислувам повеќе на една тема која реално долго време се провлекува низ јавноста... Најчесто споменуваниот збор летово беше подмладување, сите зборуваа за подмладување на екипата, создавање иднина, ама создавање на иднина со македонски играчи.

Оваа идеја беше дочекана со воодушевување од секој вистински навивач, од секој кој може да преживее одреден период без победи, но и некако идеја што сепак не е правилно имплементирана никаде. Најавуваше МЗТ македонски играчи, донесе неколку, имаа во составот и од претходната година неколку деца, ама не видовме никој на терен, не видовме ни П од најавеното подмладување со наши деца, се што видовме досега беа просечни странски кошаркари кои воопшто не не воодушевија.



Се смени тренерот, се смени и политиката на клубот. МЗТ во текот на вчерашниот ден му се заблагодари на Моровиќ и реши поголема минутажа да му дава на Стајиќ. Цветковиќ пак е само еден месец постар од Стајиќ, ама веќе втора година е клучен играч во МЗТ, значи не било се во годините, можеш и на 21 година да бидеш добар кошаркар, а не само надежен талент. Е сега топката е во рацете на Стајиќ и на другите млади играчи и понатаму само од нив зависи дали ќе останат вечни таленти како огромен дел од спортистите кај нас или ќе покажат дека и МЗТ и Македонија во иднина треба да сметаат на нив.

Што се смени во МЗТ во изминатава недела? Се смени тренерот, секоја чест на Сагадин, ама не е Македонец. Не можеме да очекуваме од никој да се бори за нас и нашиот спорт, повеќе од нас самите. Можат странците да речат дека се чуствуваат како дома, дека ја сакаат Македонија, ама кога губеше Македонија на Медитеранските игри по 50 разлика не верувам дека некој од нив се потресе.

Далеку од тоа дека е доволно тренерот да биде Македонец, имаме ние милион "тренери" во државава и за жал огромен дел од нив само ги уништуваат нашите спортисти... Тренерот треба да биде пред се човек, огромен професионалец, подготвен да се предаде 102 проценти на работата и квалификуван да го работи тоа што се бара од него, а ако е Македонец тоа е дополнителен плус. Секој газда на клуб бара резултати, не верувам дека некој ќе му дозволи на тренерот да губи до бесконечност, и токму заради ова треба да се формира спој од искуство и младост, да се формира спој од кој ќе профитира и клубот, ама и спортот во Македонија.

Сега верувам дека МЗТ е на вистинскиот пат во овој момент, дека во Врба најдоа тренер за на долги патеки, ама каде тука се наоѓа ракометот?



Имаме навистина преталентирана генерација, ама за жал на вистински пат е да остане само талентирана. Секоја чест на Металург што создаде деца, што донесе други деца од цела Македонија, што ги вклопи сите во една екипа, што покажа дека ракометот не ни завршува со Кире и Борко. Ама што понатаму? Тие деца повеќе не се деца, тоа се веќе ракометари кои тропаат подолг период на вратата на првиот тим на Металург, ама вратата никако да биде отворена. Вратата е подотворена само за Талески, Нелоски и Пешевски, ама дали е подобро што седат на трибини на натпреварите на Металург сезонава или ќе беше сепак подобро да останеа и оваа година во втората екипа на Металург. Одиграа по неколку минути на натпреварот во Нови Сад, верувам ќе одиграат и во Сабота, но ракометари не можат да станат со по 10 минути на терен во 1 месец.

Металург навистина направи подмладување на тимот годинава, но подмладувањето не е со наши деца, не е со деца кои треба да ја претставуваат иднината на Македонија. Секоја чест на Циндриќ, дечкото е навистина одличен и е во фантастична форма константно, но не можам да лажам и да не кажам дека немаше да се радувам повеќе ако ова го напишев сега за Мартин Манасков наместо за Лука. Покрај Циндриќ ниту еден од останатите не покажува дека може да биде екстра ракометар во иднина, не негирам дека Лино одбра талентирани млади ракометари од регионов и се труди да формира поинаква екипа, ама не смеат нашите ракометри да трпат на штета на останатите. Основата е направена, првиот чекор е направен, сега треба конечно да се исполни ветувањето и играчите кои Металург ги создаде да почнат да играат во Металург.

Вардар годинава формираше втор тим со малку чудно име Вардар Јуниор, иако најголем дел од ракометарите се далеку од јуниори. Тимот го формираа од оние ракометари кои беа прекубројни во првиот тим и дел од јуниорските и кадетските репрезентативци на Македонија. Се обидов да побарам статистика дали и колку тие млади играчи добиваат шанса во Првата Македонска Лига, ама не успеав, така да нависитина се надевам дека Пепи мисли на иднината на Македонскиот ракомет и во моментов под негова палка тренираат идни големи ракометни ѕвезди. Сепак ако барем еден од младите ракометари не биде прекомандуван во првиот тим на Вардар наредната година, тогаш постоењето на оваа екипа и фалењето дека и Вардар се грижи за ракометот во земјава е за жал за џабе.

За разлика од РК Вардар, ЖРК Вардар и лани имаше втора екипа, девојчињата го освоија одличното трето место во Македонија, и неколку од нив оваа година добија шанса да бидат дел од ЖРК Вардар. Ама таму се случува истата поразителна приказна како и во сите наши спортски колективи, се донесе надежна руска репрезентативка која добива шанса во ЛШ, се донесе и надежна црногорска репрезентативка која исто така за жал верувам дека ќе добие шанса пред нашите девојки... а они ќе останат само надежни наши репрезентативки.

Крајно време е да почнеме малку да се цениме самите, не може сите останати нации да бидат поспособни од нас, не може и Србите и Русите и Хрватите да имаат поквалитетни школи од нас. Сите се чукаме во гради за нашите школи, а не им даваме шанса на децата кои излегуваат од нив. Нешто мора да се промени, не смееме да чекаме Наумче и Кире да дојдат на местото на Врба за ракометот да се доведе на правиот пат.

Мислам дека дојде моментот конечно да почнеме да се грижиме за нашата иднина,
Спортски поздрав.

Tuesday, October 21, 2014

За македонцките работи

Периодов треба сите да се сплотиме и да се фокусираме на она што ни следи, два натпревари од квалификациите за Евро 2016. Ја имаме можеби најтешката група во последните неколку години, од третиот шешир за жал имавме таква среќа да го извлечеме нашиот стар познаник, Чешка.

Чесите ни се некако предодредени, за нив сме ноќна мора и со сите сили се припремаат за натпреварот со нас, дефинитивно сме нивен државен непријател број 1. За Швајцарија искрено се што знам е дека 2 пати ги победивме лесно пред една година, затоа со нив сме огромен фаворит, но со Чешка заради предноста на домашен терен, таа функција ќе им ја препуштиме нив.



И сега наместо сите позитивни да го дочекаме 29-ти, да го наполниме "Борис Трајковски" и да уживаме во играта на нашата репрезентација, главна тема во сите медиуми е Металург. Како сите да сакаат да изгубиме, па да може да се напише, гледате Металург и Червар го уништија нашиот ракомет. Олабавете малку, оставете си ги сите да си ја вршат својата работа, се жалите на минутажата на Македонците во Металург, но интересно не и на таа на оние во Вардар. Не сакам многу да навлегувам тука, ама бидете искрени и признајте дека освен Вугринец, Никола Маркоски, Талески и Нелоски, останатите 9 души се оние кои играат постојано.

Вие имате проблем со Металург, ама јас имам со составот на селекторот. Мора да се признае дека ова е составот што го очекувавме, ама сепак не можам да преминам преку тоа што Никола Костески не е во составот дури ни како резерва на Златко Мојсоски. Погледнете ја само статистиката од Супер Лигата, детето е дефинитивно најдобро десно крило во моментов. Имаше лани шанса да блесне и да играше тогаш како годинава, не верувам дека Металург ќе имаше потреба од Џукиќ, ама тоа е, нема веќе враќање назад.

На списокот се и Талески и Нелоски, кои пополека треба да почнат да ги влечат конците во ракометот во државава, па ако е паметен селекторот ќе им даде шанса да ја почуствуваат атмосферата на по еден натпревар, на едниот на местото на Филип Лазаров, а на другиот на Вугринец, двајцата со најмала минутажа во досегашниот дел од сезоната.

Изминативе години сите се правевме селектори и кажувавме кој дополнително треба да биде повикан во репрезентацијата, ама кога дојде Обрван им даде шанса на сите кои беа на големо пишувани низ медиумите и никој од нив не се снајде баш најдобро. Раде Стојановиќ после секој список на селекторот излегува со коментар, ама место на фб да бистри политика, нека излезе машки и нека каже зошто беше избришан од списокот за првенството во Хрватска, ама и зошто самиот одби да игра кога Обрван го повика минатата година.

Е сега, многу се, малку се, слаби се, јаки се, ама тие се и наши се, други немаме, тие не радуваа, нив ги чекавме на плоштад, се надевавме дека ќе се пласираат во Лондон, еве сега пак имаат шанса за Рио. Затоа ве молам сите да прекинете да ја поткопувате атмосферата и да ги оставите да ни покажат дека сеуште се најдобри и дека ја заслужуваат нашата подршка.

Јас не верувам, јас знам дека ќе имаме 4 поени после овие два натрпевари,
Спортски поздрав.

Sunday, October 19, 2014

За навивачите на Вардар

Читајќи вечерва коментари по порталиве, не можам да не се чудам и да не се гадам гледајќи ја омразата која постои кај навивачите на Вардар кон Металург. Тие се оние кои постојано зборуваат за комплекси, ама по се изгледа комплексите биле на другата страна. Комплексите се појавиле после сите порази кои упорно ги доживуваа од Металург изминативе неколку години, а дојдоа до краен стадиум по изгубената титула лани. Колку сакате напаѓајте ме и вреѓајте ме сега, ама омразата која ја чуствувате кон Металург е болест. Верувам дека вечерва ве израдува поразов, никој не може да ви го забрани тоа, уживајте во тоа што вашиот најголем противник е слаб во моментов, тоа е човечки, не можеш да се радуваш кога на твојот непријател му оди супер, ама сите коментари во кои се ситите на ситуацијата во што се наоѓа Металург не можам да ги разберам.

Можете да го мразите Червар, ама не смеете да го мразите Наумче, можете да го мразите Марсениќ, ама не смеете да го мразите Ванчо... Јас на пример ќе бидам пресреќен ако утре Филип и Столе дадат по 5 гола, а Караџиќ нула, зошто дечкото просто ми е максимално антипатичен. Сите коментари обично одат во насока дека сите играчи Металург ги земал од Вардар, точно, ама 90 посто од нив не потекнуваат од Вардар, туку дошле во Вардар од друг клуб. Минчо ги украл и ги намамил со пари, факт, ама нели на истиот тој начин, Самсоненко лани го зема Диви, годинава Ивановски, а лани се трудеше да ги земе и Наумче и Станиќ. Значи тоа е тоа во спортот, не е убаво, ама низ целиот свет така се функционира, парите за жал го вртат светот.

Ај да зборуваме на една друга тема, ако згасне утре Металург, и овие 10 Македонци што играа денес не успеат да најдат клуб до Јануари, а реалноста е дека освен во екипи од типот на Прилеп или на Зомимак не би можеле да заминат зошто сезоната веќе е одамна почната, кои 16 играчи ќе ја сочинуваат нашата репрезентација во Катар? Размислувајте малку со главите пред нареден пат да се молите и да се надевате дека еден ден ќе се разбудите и ќе прочитате дека Металург прогласил банкрот. За доброто на македонскиот ракомет е да има силен Вардар и силен Металург. И не ми доаѓајте со коментнари од типот дека не ви е гајле што се случува со Металург, зошто верувам дека повеќе ве радува пораз на Металург отколку победа на Вардар.

После текстов знам дека многу од вас ќе ме стават на црна листа, ама како што сите вие можете стално да плукате по Металург, можам и јас да кажам што ми лежи на душа.

А сега добра ноќ и по втор пат вечерва,
Спортски поздрав.

Saturday, October 18, 2014

Металург се љуби и кога победува и кога губи

Го почнавме натпреварот полни со елан, надеж, верба, ама Кил по петти пат не спушти на земја и ни покажа дека сме далеку од нивното ниво. Никогаш не сум чуствувал таква немоќ и очај како денес во првото полувреме. Во второто веќе некако целосно се помирив со исходот од натпреварот, се надевав дека ќе излезете како нова екипа од соблекувалната, ама сепак надежта кратко ми траеше.

Не можеме да кажеме дека Металург не се бореше, ама просто против себе имаше многу поквалитетен противник, а плус реално ние бевме константо со играч помалку на теренот. Јасно ви е дека мислам на голманот, така?
Навистина го обожавам Никола Митревски и се нервирав што не добиваше поголема шанса изминативе сезони, стварно имаше неколку добри партии, ама вечерва на теренот не ни постоеше. Коциќ не сакам ни да го коментирам, човекот очигледно не беше свесен каде доаѓа и не е воопшто спремен ни за притисокот, ни за тоа што се очекува од него. И двајцата да застанеа на голот денес, мислам дека сеуште немаше да успеат да одбранат ништо. На сите денес што го гледаа натпреварот им беше јасно што фалеше на теренот, фалеше ДАРКО СТАНИЌ. Можеме да се лажеме колку сакаме, ама човекот не беше 50 туку беше 80 посто од екипата. И со него на теренот немаше да победиме, зошто немавме никаква одбрана, никој не блокираше каде што требаше, Кил си влезе во свој ритам и не решеташе од кај стигне.



На нападот немаме што да замериме, имаа грешки, лоши додавања и неколку промашувања, но постигнавме 27 гола, а тоа ретко ни успева. Единствени двајца што вредат да бидат издвоени од екипата се Ване и Мојсо. Мојсо се враќа во потребната форма, па и покрај вирусот одигра одличен натпревар и потсети на почетокот на ланската сезона, а Ване... тој го одигра најдобриот натпревар во ЛШ во последните неколку години. Немаше топка упатена кон него што не заврши во голот, или што не беше досудена како пенал, а одлично се снајде и како фластер на Дувнјак кога не успеа на време да се измени. Ако го одберат во тимот на колото, нема да погрешат, дефинитивно го заслужи тоа. Ако лани мислев дека ланската ќе му биде последна сезона, сега веќе не мислам дека и оваа треба да му биде последна, играј Ване, и на Металург и на Македонија си им уште многу потребен.

Не сакам сега да правам математики и да сметам што не носи во наредната фаза, но претпоставувам дека со 4 победи од наредните 6 натпревари би имале големи шанси за 4-тото место од групата. Да се надеваме дека ние ќе си ја завршиме нашата работа, а и некои други резултати ќе ни се поклопат, па нема нашата европска приказна да заврши толку рано.

Минатата недела кажав момци главата горе, сега пак го кажувам истото. Главата горе, не е срамота да се изгуби од Кил, не е срамота кога ќе дадете се од себе и ќе изгубите поштено. Сега сите со мирни глави да се насочиме кон наредното што не очекува, прво СЕХА лига, а после кон она што е многу поважно, за 10 дена ни гостува Швајцарија, а веднаш потоа ние гостуваме во Чешка. Два натпревари што е прилично добро да се добијат, за да можеме без нервози да го дочекаме вториот дел од квалификациите, а не да се плашиме до последната секунда како минатиот пат.

За крај, Металург се љуби и кога победува и кога губи,
Спортски поздрав.

Thursday, October 16, 2014

Добредојде Врба

Како ми тргна сезонава, пораз, пораз, криза, пораз, пораз, пораз, нема пари, пораз... Не се гледа излез од безднава, веќе не се ни сеќавам на последната победа. Во изминативе неколку години забележав дека штом МЗТ победеше, секогаш победуваше и Металург и со два од два убаво ми одеше неделата. Годинава немој да помислите дека правилото не важи, истото правило е, само што сега сврзувам пораз со пораз.

Кога се намали буџетот и си отиде скоро комплетинот тим од минатата сезона на сите ни беше јасно дека приказната оваа година ќе изгледа многу поинаку. Не викаат за џабе колку пари, толку музика. На сите ни беше јасно, ама изгледа не и на управата на МЗТ. Вчерашниот пораз признавам дека е смешен, но тој од Будучност беше повеќе од очекуван, па и во нашите најдобри денови немавме победа во Подгорица. Истата приказна секоја сезона, еден тренер, неколку порази, нов тренер, па тренерите не се магионичари па да можат за 2 дена да направат екипа. Лично ништо не му замерувам на Змаго, човекот се трудеше да го извлече најдоброто од играчите со кои располагаше, кои се малку на број и со далеку помал квалитет од оние од претходните сезони.

Лани имавме комплетно различен тим, а оваа година ги немаме срцето со кое секогаш играше Дејвис, стабилноста на Станко и Тоше, пробивите на Дамјан, константноста на Синовец, пожртвуваноста на Оташевиќ... За никој од нив не беше донесена соодветна замена, па не ме зафркавајте, цел тим си отиде, зар мислевте дека пак се ќе биде исто како порано?



Било, па поминало, од денес вртиме нов лист во нашава приказна. На клупата на МЗТ седнува кошаркарска легенда која не заслужува ист третман како неговите претходници. Не очекувајте чуда и победи на секој натпревар, знајте дека е многу возможно поразите да се побројни од победите, но не смеете да го уништите човекот, не смеете да го изгорете за неколку месеци и да му кажете, фала Врба, може да си одиш. Дајте му одврзани раци, нека почне од нула, нека ја создава постепено екипата и резултатите мора да се појават еден ден. Ако не се појават оваа сезона, не е крај на светот, животот продолжува и знам дека подршката на цел Аеродром и Фемили ќе ја имате засекогаш. Признавам дека сега е потешко од порано, не навикнавте на победи, ама знам дека тимот никогаш нема да биде оставен сам да ги војува своите битки, секогаш ќе ја има безрезервната подршка на навивачите. Аеродром никогаш нема да го остави МЗТ.

Одврзете го кесето, земете уште некој играч и да ја продолжиме сезоната како што доликува,
Спортски поздрав.

Tuesday, October 14, 2014

Да бидеме најбројни и најгласни во сабота и да го поведеме тимот кон првата победа

Се сеќавате на победата над Барселона? Се сеќавате на енергијата која се ширеше низ салата на натпреварот со Колдинг? Се сеќавате на радоста која ја чуствувавте кога Металург го прегази Вардар во Автокоманда? А се сеќавате ли кој е причината за сите убави спомени?

Премногу убави моменти, енергија која не можам да ја опишам... сето тоа е предизвикано од едни момци во сино - бело кои изминативе неколку години постојано не радуваа.


Признавам дека периодов е стресен за секој вистински навивач на Металург и секој ден се плашам да отворам некој спортски сајт за да не прочитам наслов од типот на "Вугринец во Вардар", "Наумче и Металург спогодбено го раскинаа договорот", а во главата имам уште милион вакви наслови кои ми се искрено најголем кошмар. 

Сепак ние сме само навивачи и колку и да сакаме да се мешаме во политиката на клубот, нашето место е на трибините, ние треба повторно да ја завршиме нашата работа најдобро што можеме, а да ги оставиме играчите и управата да си ја завршат нивната.

Картите за натпреварот со Кил се пуштаат утре, и секој еден од нас треба да се погрижи навреме да се снабди со карта, бидејќи нашата подршка во овој момент им е најпотребна на играчите. Да им покажеме дека и покрај сите проблеми ние и понатаму стоиме гордо зад нив и ќе останеме заедно до самиот крај, заедно ќе ги прославиме сите нови победи и ќе ги проплакаме сите порази. Сите ние сме се нашле во кризен период некогаш во животот, и свесни сме дека подршката од оние кои не сакаат е најпотребна, затоа оставете ја управата на страна и да му покажеме на тимот дека не сме го напуштиле. Да им покажеме и на сите од другата страна на градот кои се радуваат на нашите проблеми и одвај чекаат да се случи најлошото, да им покажеме дека не сме само гледачи и фб навивачи како што не нарекуваат, да бидеме најбројни и најгласни во сабота и да го поведеме тимот кон првата победа во новата сезона.

Кој тим и да излезе на теренот, кои играчи и да бидат дел од составот, сите тие ќе се борат за нас, за себе, за тимот. Еден играч не го прави тимот, туку 16, и кој и да ги брани боите на Металург во сабота сигутно ќе даде се од себе. Секој пораз што нас не боли и не потиштува, нив ги боли 10 пати повеќе.

Затоа лошите мисли на страна и уште еднаш на светот да му покажеме дека сме најдобри.
Само еден Металург.

Спортски поздрав.