Monday, January 25, 2016

Срцето секогаш исто лупа штом Македонија излезе на терен

Ракометот е повеќе од религија во Македонија. Не е чудно некое дете да не знае како ни се вика претседателот, ама да знае кои се Кире Лазаров и Филип Миркуловски.... И баш затоа ние сме држава не со еден, туку со 2 милиони селектори и секој еден од нас "знае" што и кога треба да се промени во играта.


Уште не тргнати ракометарите ние не се согласувавме со составот, па после со првата постава, за на крај да си сфатиме дека тие се, наши се и без разлика на се, секогаш срце ќе ни лупа кога ќе излезат на терен, кога ќе ја слушнеме химната, кога ќе дадат гол, кога ќе одбранат, а посебно кога некој ќе се најде легнат на теренот. Во моментите кога не знаеме каква е ситуацијата на некој од ракометарите, никој по дома не дише, сите се молат и го колнат противничкиот ракометар, зошто оваа репрезентација со своите настапи во изминативе години не научи да ги сакаме како индивидуалци, да ги сакаме како екипа, да ги сакаме како да ни се семејство, па затоа секој нивен пораз и нивна солза ја доживуваме како наша и прилично тешко ја поднесуваме.

Пред 2 недели ги испративме во Полска без некои големи амбиции како и секогаш, зошто нели за нас доволно е што учествуваме, со желба барем да се помине групата, ама некако играта со Франција не изненади и наеднаш желбите ни пораснаа, играта со Полска не вивна до облаци, голот на Манасков направи да се чувствуваме како да сме станале шампиони, плачките на Србија само ни го хранеа егото, ама дојде Хрватска и не тресна од земја, па си навивавме за Франција и се радувавме како ние да ги газиме Хрватите, по што дојде мечот што можеше да значи крај за нашиот Олимписки сон, ама момците пријатно не изненадија, па негативно, за на крај сепак сами да си го заверат билетот за квалификациите и без никакви калкулации и сметки да го догледаме првенството. Кога сам ќе си ја завршиш работата, некако најслатко е, нели?

Годинава имавме игра, можеби како никогаш претходно, резултатот беше на нашата страна на сите средби со исклучок на таа со Хрватска, зрели бевме за неколку победи, а сепак како на ниту едно првенство до сега, немаме ниту една победа. Играме со сите, на моменти подобри и од најдобрите, а сепак ни фали нешто. Борбеноста, желбата, силата, тоа е нешто кое ја краси оваа репрезентација, го имаме најдобриот ракометар на светот, имаме фантастични крила, имаме одлични пивотмени, имаме млади и високи бекови кои верувам се повеќе ќе ја добиваат својата шанса, го имаме Жути, а имаме и 3 месеци до Април до кога ќе мора многу да поработиме на тактиката и пред се на психичката подготвеност. Мора да учиме од Скандинавците, зошто ракомет се игра и на минус 5 и на плус 5 и на 15 минути до крај и на 15 секунди до крај.

Како спортска нација предодредени сме за нервозни завршници и за неискористени шанси. Изминативе години си се навикнавме да ја обвинуваме само среќата, да си велиме дека да не посакаше топката се ќе беше поинаку, ама како е возможно после толку години уште да немаме акции кои ќе можат да ја направат таа мала разлика во резултатот кој бега од нас како од чума. Последна акција, Кире на шут или додавање до Столе, баш и не е акција која се покажала како успешна во изминативе години и сеуште упорно и упорно не се менува. Кога ќе ни успее таа, изгледа тек тогаш ќе размислиме за друга.

Годинава барем имаме напредок на клупата, поширока е во однос на претходните, а тоа што радува е што после многу години, прв пат годинава селекторот имаше поголем круг на ракометари за избор, а дома оставивме ракометари кои можеа да отидат во Полска и кои можеби и заслужија да отидат, но сепак Обрван не беше доволно храбар во изборот и се реши за посигурна варијанта, но сепак радува тоа што личи дека имаме на што да се надеваме.

А во Среда ни следи последниот меч кој не е од големо значење за пласманот на првенството, зошто дали си 10ти, 11ти или 12ти и не е некоја голема разлика, но значи за нас, значи за самодовербата, за атмосферата и факт е дека сакаме победнички да си отидете од Полска и победнички заедно да ја затвориме приказната Полска 2016. Затоа момци уживајте во мечот и со срце и ладни глави одиме заедно на победа против Белорусија,
Спортски поздрав.