Wednesday, May 27, 2015

Сакаме силен Металург

Се изнаплакав годинава за Металург како за ништо друго претходно. Како почна сезонава, така и заврши, пораз, по пораз, болка, до болка. Го исплакав Станиќ, па Миркуловски, па Вуги... ама денес е последната капка и мора да биде последна. Преку глава ми е веќе, мора да ни тргне работава напред!

Е сега како што сум секогаш огромен оптимист, пак си верувам дека има шанси сами да си ја завршиме работата и со бод во Недела да не се молиме никаде... Ама и да не е така, сепак благодарение на прекрасните изминати сезони ситуацијата ни е сеуште наклонета. ЕХФ не е заинтересирана да го гледа Зомимак во ЛШ, го сака Металург, го сака "Борис Трајковски", не сака нас како публика, ја сака атмосферата во Скопје. Првата вајлд карта е освоена, а со тоа и првиот предуслов за успешна сезона. Втората би требало уште полесно да се добие, бидејќи не гледам причина зошто Металург како клуб основач на СЕХА не би добил вајлд карта и за ова натпреварување. 

Со СЕХА или без СЕХА, на сите ни е потребен силен Металург, на сите ни е потребно јако дерби, на сите ни е потребно да продолжиме да веруваме дека малиот може да го победи големиот.


Вака беше минатата година на 27 - ми мај, а така сакам да биде и догодина. Погледнете ги среќните луѓе на сликава, деца, возрасни... Ова му успеа само на Металург и на никој друг во Македонија, затоа управа вие сте на потег!!! Вратете ни го Металург!

Се простувам од Металург до септември кога со сето срце се надевам дека ќе ве поздравам на првиот натпревар од ЛШ во "Борис Трајковски". Поздрав до септември. Само еден Металург, 
Спортски поздрав.

Saturday, May 16, 2015

Браво момци и девојки!!! Браво Металург!

Од ден на ден се подобри, од ден на ден се поборбени... Браво момци!!! Ова денес беше дефинитивно најдобар меч на Металург сезонава, големиот фаворит и публиката во салата се плашеа за конечниот исход до последните 5 минути и не можеа да поверуваат како одлично им се спротиставувате. Браво за сите до еден, браво за борбеноста и желбата, браво за секој сегмент од играта. Е вака се игра за МЕТАЛУРГ, ова е играта која отсекогаш го красела нашиот тим!
 
 
Уживав во вашата игра како никогаш сезонава, уживав во нервозата на Вардарци, уживав во молчењето на Комити, уживав што гласно навивав за Металург и ги нервирав навивачите на Вардар кои седеа околу мене, уживав во песната на Пирати... Уживав во целата атмосфера во текот на сите 60 минути. Браво Пирати! Погласни од противникот во текот на целиот меч, а воедно демонстриравте и навивање со класа и не паднавте воопшто на ниското ниво кое го практикуваа Комити.
 
Единствена црна точка во целиот овој ден беше прогласувањето на најдобрите поединци од страна на РФМ, победата на Вардар беше чиста и очекувана, но и најдобриот голман и најдобриот играч не си ги заслужија признанијата. Кога веќе мораше Македонец од Вардар да биде МВП, требаше тоа да е Лазаров кој го растури Зомимак, зошто Столе имаше само епизодна улога на дватта меча на Вардар во изминативе 3 дена.
 
Браво и за девојките, солидно издание против третата екипа во Европа, одлично прво полувреме и малку послабо второ, но сепак супер натпревар девојки. Огромна борба на линијата од 6 метри, прекрасни удари во нападот, гол на Ливриниќ за најавни шпици во спортски емисии... Оваа екипа на Металург има огромен напредок и навистина се разликува од онаа екипа која лани заврши како четврта во нашето првенство и без поголеми проблеми си го освои второто место годинава. Само напред девојки, вашето време допрва доаѓа.
 
 
Браво за целиот колектив на Металург денеска. Ако денов не беше доволен за управата да сфати дека овој клуб заслужува повеќе, дека овие момци и девојки заслужуваат повеќе, тогаш не знам што друго ви треба.
 
Заедно кон нови победи... Само еден Металург,
Спортски Поздрав.