Wednesday, June 15, 2016

За Жути, за Мојсо, за иднината, за МАКЕДОНИЈА

Сите потајно се надевавме, а се плашевме гласно да кажеме, ама ракометарите знаеа. Излегоа на терен со мисија која мора да се оствари, мора да се стигне на Светско, ракометот мора да остане на правиот пат и мора да ги испратиме достојно Жути и Мојсо. Од друга страна и јавноста беше свесна дека само заедно може да се стигне до целта, дека без поддршка и притисок од трибините, без пеколна атмосфера, не оди. И покрај огромниот пораз од Чешка и покрај разочарувањето по тој меч, картите беа распродадени уште пред неколку дена и после долго време салата беше преполна, а атмосферата внатре на вистинското ниво.


Скокаше Червар покрај клупата 60 минути, погодуваа нашите, се бореа во одбраната, беа тепани и изнесувани од терен, ја изградија постепено потребната разлика, па ја чуваа, не нервираа и ни го качуваа адреналинот, погодуваа од чудни ситуации, а промашуваа зицери, правеа атракции, нормално не можеа и денес без цепелин и на крајот послатко и потешко мислам дека и не можеше да биде. Одиграа тимски, сите за еден, еден за сите, кога не му оди на Кире како поединец, тогаш стапува на сила тимот и сите заеднички стигнаа до магичната "седумка на лото".

Се тресевме до последните 10 секунди, кога Мојсо го реши мечот со гол, како што има решено безброј натпревари претходно. Како да е денес се сеќавам на првенството во Хрватска кога Мојсо го имаше првиот блесок на големата сцена, кога сите увдовме дека дека имаме втор голем играч покрај Кире што може да го решета противикот. Се сеќавам и на неговата повреда на истото тоа првенство и разочарувањето кај сите нас. Ги паметам сите негови голови и во Металург и за Македонија, последниот гол против Ла Роха, го паметам и моментот кога Столе го извади на раце од терен, и моментот кога заедно ја слававме победата од 8 разлика во Автокоманда, се сеќавам и на бунтот и на револуцијата, но се радувам и што гледам мир помеѓу поранешните "противници".

Мојсо го реши мечот, ама Жути го отвори. Како и милиони пати претходно, Жути беше најдобар на теренот кога е најпотребно. Погодуваше, проигруваше, изнудуваше пенали и пробивања, го одигра за последен пат во дресот на Македонија она што сме навикнати да го одигра за нас. Кога си отиде Жути од Металург ми отиде и срцето со него во Германија, а денес и отиде и срцето на цела Македонија. Не постои друг ракометар како него, ракометар што е невообичаено скромен и повлечен, но фанатично борбен и прецизен на терен. Кај него нема болка, нема пад, нема изгубена топка, секое паѓање е однапред смислно и значи или пенал или пробивање. Свежо ми е некако првенството во Србија кога Жути се истакна како незаменлива алка во синџирот на Македонија и очајот кој завладеа низ цела Македонија кога се повреди на еден од натпреварите. Сите беа во исчекување на резултатите и по соопштението од Металург во кое се велеше дека е се во ред со Жути, можевме сите да си продолжиме со нашите животи. Жути е жива легенда што не се купува со рубљи како што напиша самиот, Жути е синоним за верност и инспирација за сите што денес се дел од Металург или се занимаваат со ракомет.

А Македонија памети, знае и вечно ќе ви биде благодарна на двајцата за сите моменти на радост што ни ги приредивте. Наклон до доле момци за се во изминативе години, а наклон до доле и на сите за вечерашнава престава. Мечов вечерва беше меч кој се игра еднаш во многу години и како резултат на ова се гледаме на Светско, а можеби со дел од ракометарите и побрзо, ќе се видиме на некој од наредните натпревари на Металург,
Спортски поздрав.