Friday, April 24, 2015

Си беше еднаш едно дерби...

Најголемото балканско дерби од последните неколку години, годинава за прв пат ќе го нема својот сјај. После долго време победникот е однапред познат, па денес не го чекам утрешниот дуел со нетрпение и страв, не се молам за титула и за добар натпревар, туку се молам за добра партија и достоен отпор.


Ама затоа длабоко во меморијата ми е врежан голот на Вуги во последниот напад минатата година во "Борис Трајковски" и делириумот неколку денови подоцна. Не паметам таква игра на ниту една друга екипа во било кој спорт во државава. Секој на теренот ја знаеше својата функција, знаеше каде се наоѓа секој од соиграчите во секој момент и сите летаа по теренот, ги решетаа Диви и Милиќ на едната страна и ги фрустрираа Душебаев и Дибиров на другата страна. Едните не можеа да промашат, а другите не можеа да погодат. Феноменална партија на Митревски, на Станиќ, на Вуги, на Жути, на Дејан, на Гоце, на Ванчо, на Ацо... феноменално одиграа сите кои ги носеа светите бои и го искомплексираа Вардар за век и векова. Каква тензија, борба, каков натпревар... Денес само се надевам дека нема да чекаме уште премногу долго и дека веќе од Септември повторно ќе гледаме изденачени екипи во нашето Ел Класико.

А чудата се возможни, нели? Никој не може да ми каже да не верувам и да не се надевам и затоа сметам дека од можните 6 , минумум бод ќе остане во Автокоманда, зошто кога ќе излезете на терен се е возможно. Флензбург и Хамбург од апсолутни аутсајдери станаа шампиони на Европа, зашто да не може и овој нов и млад Металург да направи подвиг и да му откине барем бод на големиот фаворит?

Затоа момци црпете инспирација од претходните дуели, обидете се да ја почуствувате нервозата која ја чуствувале момците кои до пред неколку месеци ги бранеа боите на нашиот клуб. Борете се до крај, покажете дека иднината е во вашите раце, дека со секој момент, со секој меч сте се подобри. Дерби си е дерби, без разлика на финансиите, без разлика на ростерот и без разлика на искуството. Некогаш помотивираниот го добива мечот, а во овој натпревар вие немате што да изгубите, а можете многу да добиеете. На вакви мечeви се раѓаат херои, на вакви мечеви се станува играч. Уживајте во мечот и покажете им заби.

Само еден Металург,
Спортски Поздрав.

Sunday, April 19, 2015

Браво девојчиња!!!

Екипата која Симевски почна да ја создава пред неколку години во Автокоманда викендов ни даде надеж дека не е се така црно во женскиот ракомет. Девојчињата беа негови од самиот старт, сите заедно се развиваа како екипа, од првиот момент тие растеа со него, и викендов сите заедно ни покажаа дека со вистински тренер може да се постигне успех. Симевски започна со создавање на екипата во Автокоманда, а годинава заедно со четирите можеби најдобри ракометарки се пресели во редовите на Вардар, но и покрај тоа никој подобро од него не ги познава квалитетите на овие девојчиња. Годинава низ Првата лига, но и низ меѓународните натпревари и регионалната лига овие девојчиња со екипите на Металург и Вардар стекнаа скапоцено искуство и денес не израдуваа сите.


Можеби бевме пресреќни после победите над Исланд и Холандија, ама да ја победите Црна Гора во женски ракомет е исто како да ги победите Барса или Реал во фудбал. Браво за капитенот Ристовска, браво за стрелецот на победничкиот гол Керамичиева, браво за сите, браво за тоа што покажавте како се бранат боите на Македонија, како се игра во репрезентативниот дрес, како се игра како тим. Браво девојки, ви посакувам многу успех во Шпанија! Браво и за целиот стручен штаб. Браво за прикажаната игра во изминатиов викенд! БРАВО!!!

Tuesday, April 14, 2015

Помина првото полувреме, второто тек следи

Се нервирам на натпревар со Радовиш, рефреширам 5 пати во минута плашејќи се за резултатот во Прилеп, следам меч со Струмица како да играме со Барселона... Пред 3 месеци ќе му се изнасмеев на тој што ќе ми кажеше дека е возможно вакво нешто, ама за жал денес тоа е нашата тажна реалност. Висока победа денес ни носеше помирен втор натпревар и на некој начин осигурано второ место, но без разлика на составот, Металург секогаш се решава за потешкиот пат. Сепак честита победа момци!


Единствен кој заслужи да се издвои денес е Џукиќ, иако нервите го издадоа на крајот на мечот и направи неколку грешки. Но во секој случај БРАВО ДАРКО!!! Немаше меч сезонава во кој не прикажа максимална желба и борбеност. Браво дете и за тоа што беше единствен кој се обиде да ја смири глупавата публика. Сите останати треба да се огледаат на твојата пожртвуваност сезонава. Браво уште и за Гоце, Митревски, Бувиниќ и Пешевски, останатите не добивте преодна оценка денес и затоа од сите очекувам далеку подобра игра наредниот пат. Ако ја повторите оваа игра во Струмица, мислам дека црно ви се пишува.

Гледајќи ги резултатите цела сезона мислев дека Зомимак е многу јака екипа, ама денес видов дека првенството ни било слабо, а Зомимак е прилично просечен тим, далеку под нивото на екипите од Сеха. Штета што управата на Металург не сметаше дека Вуги или Жути и е потребен на оваа екипа, бидејќи со еден од нив во тимот, Зомимак ќе доживееше убедлив пораз. Квалитетот е според мене на страната на Металург, не малку, многу е поквалитетен Металург од Зомимак, и баш затоа овој резултат не треба многу да не плаши, бидејќи второто полувреме тек следува и овој Металург може да биде само подобар.

А кога ракометар кој си го сакал и чија борбеност си ја бодрел, демонстрира сила и бруталност врз ракометарите на екипата за која навиваш, не е воопшто пријатно. Тек сега можам да разбирам еден коментар од минатата година на еден навивач на Вардар кој се чудеше на играта и омразата на браќата Маркоски во натпреварите со Вардар. Таа игра ми годеше минатата година, ама  денес секој гол и секој контакт во одбраната длабоко ме погодува. Ама таков е спортот за жал, до вчера најдобри пријатели, а денес први непријатели. Не ми се верува дека за помалку од еден час целата љубов кон Велко премина во невидена одбивност и нетрпеливост. Не сакам ни да помислам како ќе гледам натпревар Металург - Вардар наредната година, кога најмалку 4 од противничките ракометари на теренот ќе бидат ракометари кои до пред некој месец го носеа сино - белиот дрес. За нив ракометот е само работа и изгледа не ги врзуваат никакви чувства за Металург, иако некои од нив се тоа што се денес благодарение на клубот од Автокоманда (пред се мислам на Манасков, па и на Циндриќ), ама сето тоа за нас навивачите е вистински хорор. За разлика од Велко, Пецак не беше долго во Металург, лани се мачеше гол да даде дури и против слаби екипи како Партизан, ама затоа денес реши да се изнаигра против Митревски. Ланскиот Металург ни ги зададе главните удари денес и тие се оние кои треба подобро да се затворат на наредниот натпревар.

А тоа што се мислиме фини, се филмаме дека сме покултурни од навивачите на Вардар, дека нашите натпревари секогаш биле празник на ракометот е далеку од вистината и за жал ниту една навивачка група нема основна култура. Поради вашиот испад, клубот ќе биде казнет, а ракометарите не добија ништо од тоа. Оваа глупост нека ви служи на чест, бидејќи со вакви постапки само му одмагате на клубот!

Момци прославете ја победата денес и од утре засукајте ги ракавите бидејќи имате уште многу работа. Ви посакувам среќа во останатиот дел од сезоната, бидејќи возбудата денес барем малку ме потсети на онаа нервоза од натпреварите со Барселона, ПСЖ и Вардар лани и затоа од се срце вам, но и на себе си го посакувам второто место и уште многу натпревари со екипи од тој калибар. Со среќа, 
Спортски поздрав.

Wednesday, April 1, 2015

Оставете им ја кошаркарката на тие што ја сакаат

Кошарката сезонава ни е трагикомедија... Не се сеќавам дека некогаш имало повеќе соопштенија и обраќања до јавноста како годинава, кошаркарското првенство стана поле за добивање политички поени и поле на кое секој претседател на клуб се обидува да ја докаже својата моќност.

 
Започнавме со смешен прекин на првото сезонско дерби, носење на милион различни одлуки, заобиколување на еден куп правила се со цел да се задржи најтрофејниот клуб во првата лига. Сето ова беше проследено и со договорот на двајцата градоначалници за преигрување на натпреварот, мислиш договараат баскет во маало. Дел од порталите од Центар веднаш пронајдоа и политичка позадина на прекинот и се пишуваше за најразлични теории за заговор. Сите клубови заедно со федерацијата му излегоа во пресрет на Работнички и се договорија да не се почитуваат правилата, па остана Работнички во Првата лига, доби минимални казни, ама циркусот не заврши тука.

Дојде Купот на Македонија кој МЗТ поштено си го загуби на домашен терен и по втор пат бевме сведоци на милион соопштенија помеѓу клубовите, федерацијата и судиите за судењето на натпреварите кое факт е дека не беше на очекуваното ниво, но за жал навикнати сме на такви судии во Македонија. Тешко е кога живееш во мала земја како нашата да не судиш со мали или големи симпатии кон некој од тимовите, да не паднеш под влијание на тренерите и играчите, да бидеш професионалец во текот на целиот меч, а уште потешко е да казниш легенда како Гечевски кога ќе му мавне лакт во нос на противнички кошаркар. 

По многу кратко време следуваше и третата епизода од годинешната сапуница наречена "Македонска Кошарка". Клубовите формираа иницијативен одбор и бараат промена на претседателот на МКФ. Наместо да седнат на маса, да видат дали можат да се договорат, да се провери каде е главниот проблем и едните и другите продолжија по добро познатиот метод и продолжија да се препукаваат со соопштенија до јавноста, бранејќи го својот став, и најстрашно од се ја вмешаа дури и ФИБА мислејќи само на својата фотелја и воопшто не помислувајќи на глобалните последици.

Со сегашниот претседател го постигнавме врвот и мора да му се честита за тоа. Но ако повеќе од 2/3 од клубовите кои треба да ги водиш немаат доверба во тебе, не знам како планираш  и понатаму да им бидеш претседател. Сепак за жал претседателот веќе подолго време нема никаква власт и право на збор во кошарката кај нас. Клубовите сами си го предложија и си го изгласаа правилото за 6 странски кошаркари, а тој беше како безгласна буква во целиот процес, наместо да застане на страната на нашите кошаркари и да застане против новото правило, тој дозволи негово лесно донесување. Вториот негов огромен грев е губењето на Кристијан Николов и отворената војна со неговите родители. Да изгубиш играч на кој треба да се темели играта на нашата репрезентација во наредните 15 години е смешно и страшно во исто време. Какви преговарачки и политички способности има господинот Даниел, навистина не можам да разберам.

За да се смири топката на релација клубови - клубови и федерација - клубови мора претседател да биде некој кој знае и може да се спротистави на ненормалните желби кои ги имаат клубовите, но и некој кој има доволно авторитет за да го смири целово лудило.

И кога мислевме дека можеби ќе гледаме помирна Супер Лига, дека некако досадно ќе ни биде, Карпош Соколи, Куманово и МКФ се погрижија да ја одржат возбудата. Карпош Соколи не успеале навреме да станат А.Д. ама сепак другите клубови со исклучок на Куманово решија повторно да дозволат обиколување на правилата и да му дозволат на Карпош Соколи настап во Супер лигата. Арно ама, првиот противик на Соколи, Куманово одби да го одигра натпреварот и сака да ги добие поените на зелена маса. Сепак овој дел не е најстрашниот во целава ситуација, бидејќи дури и да не се одигра натпреварот и на ваков начин да се добијат поените, клубот не треба да има проблеми со останатите натпревари. Ама сега наеднаш на МКФ и текна дека Карпош Соколи е главниот иницијатор за смена на претседателот и реши дека правилата можат да се прекршат само доколку претседателот на федерацијата излегол од клубот за кој треба да се прекршат тие правила и не дозволува настап на Карпош Соколи во Супер Лигата. И по кој пат, да не е смешна целава ситуација, ќе биде трагична.

Се изначитавме глупости, ама веќе е доста. Оставете им ја кошарката на тие што сакаат да играат, оставете ни ја нас, на гледачите бидејќи сакаме да гледаме квалитетна кошарка. Прекинете веќе со соопштенија и објаснувања, бидејќи на сите ни е веќе преку глава од политика. Политиката за жал навлезе предлабоко во сите делови од нашето општество, но немојте да ја уништувате кошарката, оставете го на страна личниот интерес и мислете малку на доброто на државата. Мене воопшто не ми е битно кој е претседател на клубот за кој навивам или кој е претседател на МКФ се додека можам нормално да гледам кошарка, се додека федерацијата не се однесувате кон едни клубови како мајка, а кон други како маќеа,
Спортски поздрав.