Wednesday, January 18, 2017

Македонија денес беше тим

Цел ден денес го планирав текстов и си ја вртев содржината во глава, си викам ќе напишам нешто за мотивација, нешто што може да не крене- глава горе, не е лошо, има шанси, утре е празник... ама веќе во 9 часот, целиот текст во главата ми изгуби смисла и добив желба да напишам нешто сосема друго.


Маестрално момци... фантастичен меч, 45 минути во кои игравме однапред поставен шаховски меч, меч во кој секоја фигура си ја знаеше конкретната задача. Македонија денес не беше само Кире, Македонија денес беше тим воден од Лино на клупа и од Кире и Жути на терен, Македонија беше Дејан и Гоце, Македонија беше Никола и Столе. Македонија денес одигра нешто неверојатно. Да можеме да ги исклучиме последните 10 минути, тогаш ова беше дефинитивно најдобриот меч на Македонија во последните години, налик на оној против Данска во Србија, само што тука поразот полесно го прифаќаме, затоа што не дојде со звукот на сирената. После тој кобен меч всушност започна првенството за нас таму, а зашто да не биде така и сега?

Го диктиравме темпото, го држевме резултатот во свои раце, непогрешлив беше Никола, бестрашен беше Гоце, Велко после подолг период беше оној стариот, цепелините и тоа три на број од кои 2 во истата минута направија Шпанците да не знаат каде се наоѓаат и да се чудат што се случува на теренот. Можеби храбрата игра денес не беше наградена со победа, но како што кажа Кире, Господ гледа и тој ќе ни врати.

Денес момци игравте за себе, игравте за нас, вие уживавте на терен, а ние се радувавме, викавме и скокавме пред телевизорите. Утре прикажете барем дел од оваа желба, посветеност, концентрација и борбеност и победата не може да изостане.

До утре... До прославата на победата...
Спортски поздрав!!!