Sunday, April 2, 2017

За Металург, за Вардар и за селекторот

Пред некоја година напишав тест - "Си беше еднаш едно дерби" и после наредните 2 години само си го препрочитував текстот и немав што друго да напишам. Ама денес дечки мислам дека изгледавме едно екстра интересно дерби. Често се вели оставете срце на терен и денес видовме дека баш срцето е тоа што знае да изненади и денес по кој знае кој пат се покажа дека не секогаш победуваат само парите... Не победува секогаш подобриот, туку победува похрабриот. Победува тој што повеќе ја посакува победата и тој што знае да ја искористи поддршката во воздухот.



Заврши мечот пред кратко и сега знам дека ќе се изначитам коментари од типот - Вардар играше со пола сила... Вардар се чува за во Брест... Вардар се чува за четвртфинале. Епа извинете дечки, ама Дибиров и Чупуќ играа 60 минути, Штербик 50, Душебаев, Македа, Циндриќ, Караџиќ и Борозан сите играа денес и не е дека беа нежни, се штедеа и слично, туку просто заборавија со кого играат. Заборавија дека против себе го имаат противникот кој ги знае подобро од што се знаат самите, заборавија дека половина од тимот потекнува баш од таа сала, а финтите на другата половина веќе се исто така добро простудирани... Од падот на Металург, Вардар секогаш на мускули и тесно ги добива натпреварите, па приморани сме да слушаме приказни после секој меч како Вардар не сакал да се заморува, ама денес оставете не да уживаме во победата, во моментот и признајте го чесно поразот... А ние еве уште од денес ветуваме дека ќе се потрудиме и наредниот меч повторно да ја исполниме салата и со иста ваква борба и поддршка ќе го поведеме првенството кон крај.

И нормално БРАВО МОМЦИ, се надминавте себеси, ги надминавте очекувањата на сите до еден и делириумот во кој игравте беше налик на оној легендарниот кога Вардарци си заминаа со наведнати глави од Автокоманда. Пешевски, Арсиќ, Обрадовиќ, Костески, Кузмановски, Велковски, Нелоски, Вејин... браво момци, немам зборови со кои можам да ви се заблагодарам за мечов денес, за борбата, за играта. Уште 60 минути ве делат од титулата, покажете дека ова денес не беше случајност и дека Металург повторно ќе игра главна улога во Македонија. Уживајте и славете - зошто заслуживте!!!

Уште еднаш браво... Се гледаме за кратко во "Јане Сандански". Само еден Металург!!!
Спортски поздрав.

П.С.
Раул е фантастичен тренер, но и денес како и многу пати претходно се покажа дека не знае да ја подготви екипата за голем натпревар. Не научи дека не треба да се потценува противникот. Ниту еднаш во изминативе години не го подготви Вардар за клучните натпревари од сезоната, кога беше најјак титулата лесно ја изгуби од Металург, а после и секој нареден натпревар за Ф4 максимално правеше погрешна тактика. Раул е квалитетен тренер за долги патеки, тренер кој знае да биде психолог, но не и тренер кој знае да ја запали екипата. Можеби е добар избор за селектор, но во овој циклус во кој треба да се пласираме во Хрватска ни треба мотиватор. Ни треба некој кој ќе ја натера екипата да се истошти на терен и да го победи Исланд во Исланд, а потоа и да ја растури Чешка во Скопје. Дај Боже да се роди тоа жарче кое му недостасува, да се разбуди енергијата која му фали и да стане најуспешниот селектор во историјата на Македонија. Го има знаењето, му фали само X факторот.

П.П.С. Дајте му пасош на Обрадовиќ и ако има некаква шанса нека остане во Металург до крајот на договорот!!!