Saturday, November 29, 2014

Металург мора да е подготвен за сензација

Во овој турбулентен период исполет со милион шпекулации, се што сакав е екипите кои ни се конкуренти за место во Топ 16 да ја искористат предноста која ја носи домашниот терен, да остварат победи дома и да ни ги остават навистина работите во наши раце како што изјави Лино пред некој ден.


Минатиот викенд конечно Металург се издигна од мртвите, Загреб го доби Брест на домашен терен и се полека почнуваше да добива добар тек. И денес истиот тој Брест и подари бод на Ла Риоха кој најверојатно ја носи Ла Риоха понатаму, а нас заедно со Брест не остава на последните 2 позиции во групата. Дека не е се изгубено, дека шансите постојат сеуште, тоа е нешто што никој не може да го негира, ама ако нашата мисија до пред 2 часа беше претешка, сега е ѓаволски тешка.

Јас секогаш верувам до последниот момент, се до последниот натпревар со Загреб во Фебруари ќе продолжам да верувам дека можеме да направиме сензација. Ако сите веруваме во тоа, ако управата и играчите сите заедно дадат се од себе и ако клубот се врати на вистинскиот пат, ако повторно заличи на оној Металург кои сите со нетрпение чекаме повторно да го видиме, тогаш нашите шанси се реални, сензацијата може да стане реалност.

ПСЖ не е непобедлив сезонава, губи од многу послаби екипи од себе во Франција, факт е дека губиме и ние, ама мислам дека нашиот инает е посилен од нивниот квалитет и кога веќе тргнавме сезонава по потешкиот пат, по тој пат и ќе стигнеме до целта. Одиме на победа, само победа и ништо друго во Париз, ПСЖ мора да падне утре. Јас верувам во вас момци, верувајте и вие во себе и покажете им на Хансен, Абало, Вори и компанија дека нивниот пораз лани во Скопје не беше случјност.

Што се случува внатре во клубот, кои се вистинските проблеми, дали навистина спонзорот го напушта клубот, дали друг спонзор влегува, дали играчите преговараат со други клубови... навистина не знам, се што знам е дека цела јавност со нетрпение чека целата оваа приказна да заврши и да почнеме да коментираме и да размислуваме само за вашите натпревари и победи, а не за вашите проблеми. 2014 набрзо ќе заврши и се надевам дека со новата година, нови ветришта ќе дувнат во Автокоманда и уште долги години ќе можам да се радувам на успесите на клубот од Автокоманда, на клубот кој е костур на сите наши репрезентации,
Спортски поздрав.

1 comment: