Sunday, November 23, 2014

ПОБЕДА!!!!!!!!!!

Од Септември чекам да напишам текст со наслов ПОБЕДА!!!!!!!!!! Колку е добро чуството сега, колку е добро тоа што не треба да пишувам дека ни фалела малку среќа, дека ни фалела само една одбрана, дека ни фалел само еден гол... Наместо тоа ќе напишам БРАВО!!!



Браво Мојсо, на најдобар можен начин им ги затвори устите на сите кои не престануваа да зборуваат глупости за тебе изминативе недели. Браво Митревски, целото второ полувреме беше дефинитивно најдобриот играч на теренот, ама последните 2 одбрани, уф немам зборови за да ги опишам. Браво Ванчо, целата ситуација делуваше безидејно и изгубено, ама искуството и желбата беа преголеми и топката заврши на вистинското место. Браво Вуги, овој е оној Вугринец кои сме навикати да го гледаме. Браво Жути,  браво Никола, Марко, Велко, Ацо, Филип, Џомба, Дејан, Гоце, Мисовски, Куковски и Дарко... Браво момци, кога 6000 глави имаат само една мисла, кога 6000 срца имаат една иста желба крајниот резултат мораше да биде позитивен!!!

Да не претерувам многу со фалењата, имавме премногу технички грешки, лесно изгубени топки и пропуштени зицери, ама крајно време беше и ние да се израдуваме. Ова е најголемата победа до сега зошто е изборена во ваков тежок период. Имаше многу шанси да се дотолчи противникот, ама тој некој страв од успех, игра некако во грч за жал не следи цела сезона. Ако на претходните натпревари Металург пред време се откажуваше, вчера доби изгубен натпревар.

Ме израдува тоа што и Марко и Филип конечно добија шанса, Нелоски мислам дека одлично ја заврши работата во одбраната, а Талески еден удар, еден гол. Двајцата имаат многу да покажат и можеби заслужуваат и повеќе од 2 минути во напад. Браво деца, иднината е пред вас.

За жал вчера не бев во можност да отидам во "Борис Трајковски" и многу жалам што не бев дел од таа атмосфера. Можам само да замислам како еруптирала целата сала после голот на Мојсо, енергијата која се ширела, знам дека било прекрасно да се гледа среќата на ракометарите. Јас после победата вчера се чуствував како да сме станале Светски Шампиони, а не како одвај да сме победиле. После толку чекање, вчера секаква победа прифаќав со отворени раци. Ја гледав денес снимката и иако го знев исходот на последните 2 минути, некако чувстував нервоза и олеснување кога се заврши. Фантастични 2 минути, 2 минути кои ретко дека би се повториле.

Оваа победа ви беше повеќе од потребна, се надевам дека сега си ја повративте самодовербата и се уверивте дека сеуште можете и знаете. Многу ми се допадна паролата на Пиратите од вчера "Останавте херои, играјте до крај за светите бои".

Читав денес изјави од вчера после натпреварот и навистина не успеав да ја разберам изјавата на Червар. Ова ќе било последен натпревар во "Борис Трајковски", Македонија сакала да ја победи Хрватска. Може ли некој да ми објасни што сакал Червар всушност да каже?

Вчера играчите дадоа се од себе и како подарок заслужуваат полна сала за натпреварот со Брест. А со ваква пожртвуваност, резултатот може пак да биде поволен. Сега после првата победа е полесно да се игра, така да уживајте во натпреварот во Париз, па можеби непоразени ќе го напуштите градот на светлината,
Спортски поздрав.

No comments:

Post a Comment