Friday, November 7, 2014

Одбивам да поверувам дека ова е крајот на МЕТАЛУРГ

Довербата се гради цел живот, а се губи за еден момент. Металург оваа сезона максимално ја искушуваше нашата, на крајот ја изгуби, а што е најстрашно со ниту еден потег не се обидува да ја врати, туку се подлабоко и подлабоко навлегува во бездна.



Каде исчезна оној Металург што им покажа на сите во регионот како треба да функционира еден спортски колектив, каде исчезна клубот кој беше срцето и душата на Македонија? Велат се што е убаво кратко трае, ама јас одбивам да поверувам дека тука е крајот на Металург.

Како од човек кој беше најзаслужен за успесите на нашата репрезентација, за подемот на ракометот во државава, господинот Јорданов реши наеднаш да стане гробар на истите.  Не може неговата љубов да исчезне преку ноќ? Не може да рече дека него не го интересира што ќе се случи со националната селекција, не може и не смее да си дозволи таква изјава бидејќи сите нас не купи токму на таа карта, сите не купи заради грижата за нашите домашни ракометари.

А која пак беше целта на денешната суспензија? Ракометарите веќе апсолутно ништо не ги врзува за Металург, потребно е најверојатно неколку саати во РФМ за да добијат поништување на своите договори, ама Минчо сакаше да изигрува газда, па со брза пошта им врачи суспензија. Да не беше толку трагично сето ова, ќе речев дека е смешно. Место да ги замоли да имаат средба, да се доближат ставовите, тој сака да покаже сила, ама кај што има сила, нема правдина. Изгледа решен е да ни го отера ракометот во пропаст, ако не може сите да играат како тој што свири, тогаш никој нема ни да игра.

Потпишува Левче нов голман, па уште и фотосесија му прават на човекот, кутриот кој знае какви мисли му се вртат сега низ главата. Сигурно му должи нешто на Левче од минатото, инаку навистина не можам да сфатам кои се неговите мотиви за овој договор. Сепак реално за голман кој најверојатно мислел дека последниве година, две од неговата кариера ќе брани во екипи како Пролет, Прилеп шанса да одиграш 6 натпревари во ЛШ не се одбива.

Ракчевиќ кога си отиде рече дека Левче и Лино му го уништиле животот и дека еден ден животот ќе им врати за тоа што му го направиле. Денес се јави со потполна поддршка за ракометарите, ги пофали за нивната сила и изрази жалење што не застанале на овој начин зад него пред 2 години. Воедно вели и нешто што на сите ни е јасно, не може еден да е во право, а 19 да ја лажат целата јавност... Само не знам дали господинот Јорданов не го гледа ова или пак повеќе му одговара да не го гледа.

Червар пак се жали 18 месеци не зел плата. Браво за човекот, јас викам да собереме сите пари и да му ги исплатиме заостанатите плати. Ме интересира како живее овие 18 месеци, мене два месеци кога ми касни плата, не можам да сврзам крај со крај, а па за 18.. Значи сигурно е магионичар, друго објаснение нема.

Изминативе неколку месеци кружеа муабети дека Алкалоид ќе го превземе Металург, во моментов се молам ова да е вистина и покрај изјавата на господинот Мукаетов дека е фокусиран само на работата на репрезентацијата, ама како што можете да видите господине ако не се решат наскоро работите, репрезентација нема да имате, па нема да има потреба да се фокусирате некаде. А и како му дозволивте на Обрван сега 2 месеци пред Светското Првенство во Катар да замине во Франција? Ми се чини дека и вие почнавте да ги испуштате конците од раце, за жал никаде ништо не ни фукнционира како што треба.

Момци издржете, друго немаме што да ви кажеме... Поддршка имате, сите сме со вас, за жал времето ни е кратко, а најважното првенство за вашата генерација следи и затоа цела нација се надева дека решение ќе постигнете што побрзо. Ако сезонава за Металург е пропадната, таа не смее да пропадне за Македонија, зошто нема да ни се пружи нова шанса во иднина. Јас се надевам дека на 18-ти во Шпанија ќе истрчате во најсилниот состав и целава оваа ситуација ќе ја заборавиме како лош сон,
Спортски поздрав.

2 comments:

  1. decki mora da se drzite celo vreme inaku ne biduva poinaku! A za Mukaetov i Alkoloid si ja drzat samo rakometnata reprezentacija i imaat objaveno deka ne se interesiraat poveke vo rakomet i sl.

    ReplyDelete
  2. KARETE FEDERACIJA * MOJA GRESHKA SE IZVINIUVAM.

    ReplyDelete