Sunday, November 16, 2014

После дождот секогаш доаѓа сонце

Секоја чест момци... На сите им покажавте како се бори Македончето, како се бранат боите на клубот за кој живее цела Македонија. Не успеавте да извојувате победа, ама вие сте морални победници оваа сезона. Се изборивте со сите проблеми кои не мачеа во изминатиов период и со кренати глави се враќате од Шпанија. Сите ја посакувавме победата, сигурно вие повеќе од нас, ама никој не е семоќен и не може да одигра 60 минути на високо ниво.



Верувавме во спортско чудо, се надевавме после првото полувреме, ама тоа е, за жал тука бил крајот на оваа сезона. Ако некој ме разочара денес, тоа е дефинитивно Червар, секогаш најнервозен и не може да се докаже, а денеска ладнокрвен и делуваше како слика без глас, како да го посакуваше поразот, па да може да покаже дека бил во право. Ама нема ова да е крајот на Металург господине Червар, овие момци наредната сезона ќе ви покажат дека можат и знаат многу повеќе.

Ме боли, ве боли и вас, ама издржете момци, после дождот секогаш доаѓа сонце. Изиграјте ги наредните натпревари за себе, за публиката, за лична сатисфакциија. Се во животот е лекција, па така и оваа болна сезона. Клубот опстана, а тоа е најбитно, од Јануари со нови сили до нови победи, битката за одбрана на титулата не чека.

Во секој случај браво за Ванчо, за Мојсо, за Жути, за Вуги и за Митревски, сите останати беа добри, ама овие 5 души денес беа одлични. Жути дефинитивно е во животна форма во последните 2 години, а  Ванчо живее втора младост. Супер сте сите момци, немојте да дозволите сето ова да ви влијае на психата, сето ова е нормално во спортот, нормални се падовите, нормални се проблемите, но нормални се и новите почетоци, а Металург се наоѓа пред еден нов почеток.

A aко веќе играте само за себе можеби конечно ќе ја видиме бековска тројка на иднината Нелоски, Талески, Манасков наредниот викенд, не гледам зошто тие тројца не би ја поделиле минутажата со Мојсо, Жути и Вуги. И денес во составот според мене имаше место за сите тројца, но според некој друг не било така.

Наредниот викенд подршката не смее да изостане, потсетете се на сите убави моменти и иако преминот во наредната фаза веќе е рамен на научна фантастика, наполнете ја салата и бодрете ги момците 60 минути, бидејќи најдоброто од Македонија се уште доаѓа од Металург,
Спортски поздрав.

No comments:

Post a Comment