Sunday, November 16, 2014

За Кире, Мирјета, Вардар и Металург

Во очекување на мечот денес кој ќе покаже дали и колку Металург ќе излезе од оваа ситуација, вчера некако желен за убав ракомет изледав 3 натпревари. Конечно имав доволно слободно време за да ги погледнам најдобрите македонски ракометар и ракометарка во акција за своите клубови.



Ефектот на клубовите беше половичен, победа и пораз со идентична разлика од 4 погодоци, но нашите играчи беа дефинитивно најдобрите поединци на теренот. Ако за Кире Лазаров е излишен секој коментар, човекот е ракометно божество и тоа не само кај нас, туку и насекаде во Европа и вчера го решеташе Фленсбург од каде стигне, Бајрамоска тек сега се бори за своето место под ракометното сонце.

Изминатите години ја гледавме во Македонија, беше неприкосновен прв стрелец на нашето првенство, најдобра во сите квалификации и мечеви што ги одигра Металург, успеваше рамноправно да се носи и со новиот Вардар, но никогаш ја немавме видено на големата сцена. Гледајќи ја нејзината статистика годинава и нејзиниот настап вчера искрено жалам што кризата не се случи побрзо во Металург и Мирјета побрзо не излезе надвор од државава, зошто мислам дека на тој начин денес можеше да биде еден од најдобрите леви бекови на планетата.

Жалам и што не е родена во некои подобри времиња за женскиот ракомет во државава, зошто нејзиниот квалитет за жал остана неискористен и во репрезентацијата. Ако на Крим му се поклопат коцките во последното коло, Бајрамовска во следниот круг ќе гостува во "Јане Сандански", па ќе имаме шанса во живо да ја гледаме како заедно со поранешната Вардарка, Пино му се спротиставуваат на тимот на Индира Кастратовиќ.

Третиот натпревар кој го изгледав вчера логично е Вардар - Веспрем. Дефинитивно не очекував таква добра игра од Вардар и очекував далеку подобра игра од Веспрем, ама среќата ги следи храбрите, и ако Вардар ја заслужи таа спортска среќа во мечевите со Целје и со Монпејле, вчера сепак ја заслужи Веспрем. Ова е само потсетник за Вардар и општо за сите колективи во Македонија дека мечевите траат додека судијата не го означи крајот, а не кога ние мислиме дека завршил. Ваква опомена не добиваме прв пат, туку ги добиваме пречесто и се уште не учиме од нашите грешки. Ама во секој случај браво Вардар, второто место во групата е безмалку обезбедено, и во наредниот круг би требало да добиете противник кој лесно ќе можете да го поминете.

А сега сите позитивни мисли ги испраќаме кон Логроњо и со сета душа се надевам дека среќата ќе не посака таму. Не се согласувам со составот на Лино, место за Марко Нелоски и Мартин Манасков е срамота што нема, ама сепак мора да веруваме дека неговата проценка е најпаметна и на терен ќе го изнесе составот кој ќе победи денес.

Со среќа момци,
Спортски поздрав.

No comments:

Post a Comment