Monday, November 3, 2014

НЕ за Брумен во репрезентација!!!

Се смееме на Катар, а станавме бетер од нив. Зар планираме на секоја позиција да донесеме по еден странец, па после целосно да ги отпишеме нашите ракометари? Ако сме толку богати и купуваме репрезентативци зошто воопшто имаме школи за ракомет и трубиме за нашата иднина?



Секоја чест на Брумен, дечкото е одличен, немам лош збор за него, единствениот со константна форма во овие 2 години во Вардар, страшно стабилен и добар ракометар, ама Македонија нема потреба од него.

Немав ништо против натурализацијата на Вугринец, очекував да добива десетина минути по натпревар за да може да се одмори Кире на кратко, па да може порелаксиран да ги завршува натпреварите. Прибак сметав дека не ни треба и не очекував премногу од него, зошто е сепак просечен ракометар, ама човекот ме купи лани кога и после сите проблеми и негативни коментари продолжи со огромна желба и срце да игра и во Вардар и во репрезентацијата.

Сега и двајцата се наши и ги бодриме, ама мислам дека повеќе ги прифативме зошто сметавме дека ќе имаат краток рок на траење, две години, 3 максимум, Рио требаше да биде крај на оваа генерација, а со тоа и крај на овие двајца ракометари. Постепено нови деца требаше да влегуваат во составот, нови деца кои ќе треба да ги заменат Кире и Борко, нови деца кои ќе треба да решаваат натпревари како оној вчера. Ама не, ние не сакаме да чекаме и да му дадеме шанса на некое дете, туку одиме на полошата и полесна варијанта, подели им пасоши на сите, па ќе се крстиме кога за некоја година Италија ќе не растура.

Моделов со пасоши веќе еднаш го преживеавме, го прославивме и тивко не уби. Зар ќе дозволиме историјата да ни се повтори таму каде што сме најдобри, таму каде што сме најгорди? Со секој нов пасош ја убивате желбата на некое дете да игра ракомет, со секој нов пасош на некое дете му кажувате дека не вреди и дека за џабе се труди, дека за него нема место во репрезентацијата.

Ако делиме пасоши на кој стигнеме, следни се Атман место Талески, Лацковиќ место Нелоски, Дибиров место Манасков, Милиќ место Ивановски... До кога ќе одиме по погрешниот пат и ќе гледаме само на моменталните резултати, а ќе ја игнорираме иднината? Вуги треба да го наследат Велковски или Давитковски, двајцата се помлади од 18 години, наместо Прибак веќе некое време печен е Мартин Манасков, и стварно очекував дека сите тројца ќе добијат шанса наскоро, ама не само што тие не ја добиваат, туку таа шанса ќе почне да им се крати и на останатите деца.

На позицијата на Брумен знам двајца ракометари кои можат солидно да го заменуваат Гоце на секој натпревар, а сигурно покрај овие двајца има уште еден куп деца кои со нетрпение чекаат да бидат забележани. Јас сум ги гледал Костески од Металург 2 и Поповски од Вардар Јуниор и знам дека двајцата одлично ќе си ја завршат задачата и баш затоа ме интересира дали Обрван се потрудил да погледне подалеку од првите тимови на Вардар и Металург за да ја скрои репрезентацијата?

Навистина не ја гледам потребата од ракометар на триесет и кусир години кога имаме наши деца кои се би дале да го облечат тој дрес.Престанете со глупостите, хармонијата конечно се врати во репрезентацијата, немојте да ја уништувате повторно,
Спортски поздрав.

No comments:

Post a Comment