Sunday, November 30, 2014

И Македонија има квалитет

Кога ќе се помириш дека мечот е изгубен уште во првото полувреме, после е многу полесно да го следиш натпреварот до крај. На моменти си мислев да го исклучам телевизорот, ама сепак ова можеби беше еден од последните натпревари на Металург во ЛШ (се надевам само за оваа сезона) и сакав да ги испочитувам до крај, да уживам до крај во нивниот настап.

Металург одигра ужасно, немаше никаква желба за победа, за надигрување, никаков жар, борба... со таков пристап не може да се добие ни некоја аматерска екипа, а не пак ПСЖ. Ја немаше играта и борбеноста која ги красеше на претходните 2 натпревари и затоа резултатот е овој.


Не планирам да навлегувам во натпреварот, бидејќи реално немаше ништо вредно за коментирање во играта, туку сакам само да кажам едно големо браво за нашите деца кои можат и мораат да ја покорат Европа за неколку години. Талески уште лани ги постигна своите дебитантски голови во ЛШ, а денес тоа го сторија и Нелоски и Манасков. Навистина жалам за црвениот картон на Талески бидејќи не ми се исполни желбата која ја имам цела сезона, да ги видам сите тројца заедно како играат во ЛШ. На натпреварот со Брест, верувам дека оваа моја желба конечно ќе стане реалност.

Денес и двајцата добија шанса да покажат дека можат, дека неправедно беа игнорирани цела сезона. Целата оваа страшна ситуација околу Металург по милионити пат ни покажува дека мора повеќе да го цениме нашето, дека имаме и ние квалитет. Со поголема доверба од стручниот штаб и поголема минутажа, Манасков може да стане еден од најдобрите плејмејкери во Европа, а Талески и Нелоски покрај одличната висина, имаат и страшен шут кој треба внимателно да се развива.

Еден од најпотценетите играчи во составот на Металург веќе втора сезона е Никола Марковски. Доби шанса минатата сезона и за жал не ја искористи како што се очекуваше, а сезонава со доаѓањето на Марсениќ ретко беше во составот на Металург, но во целата оваа ситуација се надевам дека тој ќе излезе како победник и оваа добра партија ќе ја насочи неговата кариера, па од денес ќе гледаме се поблескави натпревари од него.

На овој пораз не треба да се гледа воопшто трагично, бидејќи целата сезона ни беше реално трагикомична. Но сепак да се обидеме да извлечеме и нешто позитивно од неа, да се обидеме да добиме играчи  кои навистина ќе бидат иднината на нашиот ракомет. Нашите млади играчи можат да ја покорат Европа и на клупско и на репрезентативно ниво, но само доколку Металург продолжи да постои, само доколку тие го добијат потребното искуство низ силните натпревари во ЛШ, само доколку нашава приказна не заврши тука,
Спортски поздрав.


1 comment:

  1. Се супер, ама дека Никола Марковски е потценет играч...

    ReplyDelete