Wednesday, November 5, 2014

Поддршка за ракометарите, проблемот мора да се реши брзо

Читам и ми се плаче, текстови вчера, соопштенија денес, ама ова не може да е крај, мора да следуваат подобри денови за Металург...



Без сомнение Лино Червар е оној кој го смени целиот концепт за ракомет во Македонија, оној кој ни го донесе победничкиот менталитет и оној кој ни покажа дека можеме, ама без секој се може и без секој се мора. Червар е сигурно еден од најдобрите тренери на светот, ама за жал од секогаш сме знаеле дека не е еден од најдобрите луѓе на светот. Интересно е како може некој од херој, за неколку месеци да прерасне во државен непријател број еден, ама такви сме ние луѓето, знаеме некој да вивнеме до облаци и после наеднаш да го израмниме со нула.

Сезоната што ветуваше дека ќе биде сезона од соништата после фантастичниот турнир во Струга, се претвори во вистински хорор. Од рајот не симнаа во пеколот и со секој нареден ден, влегуваме се подлабоко во него.

Вистината конечно излезе на виделина, сега дојде времето да се пристапи кон решавање на проблемот. Времето не гази, кризава не снајде во најлошиот можен момент, ама решение мора да се најде. До вчера проблемот го баравме на друго место, секој од нас во глава вртеше можни сценарија, а сега барем знаеме дека може да има 2 можни исходи ситуацијава, нов тренер или нови ракометари. Првово е далеку пореално решение, бидејќи после состанокот вчера и соопштениево денес, не верувам дека играчите пак би влегле во сала со Червар или тој со нив, а во секој случај полесно е да замениш еден, отколку 20.

Ти благодариме Лино за сите убави моменти, за сите победи и за сите трофеи, ама на нашава приказна според мене и се гледа крајот. После толку поминато заедно, жално е што нема победнички да се ни се разделат патиштата, ама клубот е сепак пред се наш, македонски, вие од Металург не научивте да го сакаме клубот заради тоа... и сега секој од нас завзема страна и мислам дека секој прво ќе застане зад играчите, зад оние кои во најголем број се носители на играта и во репрезентацијата, а после зад тренерот.

Нарушената атмосфера не може да се поправи лесно, довербата е веќе изгубена и ќе треба многу да се работи за работите да можат да се вратат во нормала, ама сега дојде време господинот Јорданов да реши по кој пат ќе го тера клубот. Одлуката која следува не е воопшто лесна, разделбата со Червар ќе значи крај на една ера, ама факт е дека мора брзо да се делува. Ла Риоха не чека за десетина дена, а токму Шпанците се последната сламка за спас на сезонава.

Е сега момци ја отворивте пандорината кутија и мора и понатаму да останете сложни, па сите заедно да дочекаме подобри денови. Само храбро, ја имате нашата подршка, цела Македонија е со вас.
Спортски поздрав.

No comments:

Post a Comment