Friday, November 21, 2014

Со сета сила кон прва радост

Кога игра некоја наша репрезентација секогаш се плашам од празна сала, се плашам дека играчите нема да ја добијат подршката што ја заслужуваат, се нервирам како може салата да се полни само за клубовите... Металург и Вардар секогаш играле пред преполна сала и никогаш не сум ни помислил дека ќе играат без подршка, ама денес се плашам, се плашам дека утре во "Борис Трајковски" ќе има повеќе празни отколку полни столчиња.


Коментари од типот платив да ги гледам Станиќ и Атман, а не Мисовски и Пешевски држат вода, ама вие пред се плативте да го гледате Металург, плативте да го гледате нашиот шампион кој со крајни маки се обидува да ја извлече оваа сезона. Клубот се сака и во победа и во пораз, лесно е да се фалиш на победата, битно е да бидеш голем и во поразот. Нашата подршка им е неопходна, Ла Риоха во полн состав би ја изеле за доручек, ама сега овој е тимот, ова се ракометарите кои го составуваат Металург, тие се, други нема и какви се, такви се, за мене се сеуште најдобри и со наша подршка во сите 60 минути, Ла Риоха нема каде да бега.

Натпреварите на Металург секогаш претставувале празник на ракометот, прекрасно е да гледаш како целиот град се упатува кон "Борис Трајковски", како паркингот е преполн со автомобили од сите градови во Македонија, како салата полека се полни, како се поздравуваат играчите, како се прославува секој гол, како се прославува победата... Не гледам причина зошто утре повторно не би била иста ситуацијата, доста ни е веќе од порази, САКАМЕ ПОБЕДА! Поклонивме 4 домашни бодови до сега, останатите 6 дефинитивно не ги даваме.

Научна фантастика го нареков нашиот пласман во наредната фаза минатиот викенд, ама шансите постојат, мали се, ама постојат. Сега здружено ќе навиваме за сите домаќини до крај и ќе се бориме за повисоки победи дома. Ла Риоха, Брест и Загреб се противници по мерка, противници кои бевме пресреќни кога ни паднаа во ждрепката, и затоа сега секој присутен, од Лино до дечкото кој ги масира играчите, од најмладиот до најстариот во публиката треба да дадат 120% од себе и со зеднички сили да го пребродиме периодов и да ја спакуваме Ла Риоха за накај Шпанија.

Претходните години немавме потреба од математики и чуда, ама денес мозокот ми работи 100 на саат и ако сме направиле нешто добро во изминативе години, можеби сега ќе ни се врати и вториот дел од сезоната ќе го започнеме со 4 или 6 поени на нашето салдо.

Момци дајте се од себе, надминете се себеси, публиката ќе го награди вашиот труд и утре околу 9 заедно мора да ја славиме првата победа,
Спортски поздрав.

No comments:

Post a Comment