Wednesday, November 12, 2014

Дали е Металург навистина спасен?

Металург е спасен, Македонците ќе патуваат во Шпанија... Вака изгледаа воглавно сите наслови вчера, ама дали е Металург навистина спасен? Металург ќе патува во Шпанија, договор е постигнат, Червар ќе си заминел за еден месец, и сега денес место да чуствувам олеснување и среќа, нешто не ми штима. Како Червар сеуште е тренер и платите не се исплатени, а договор е постигнат, како?



Маратонски состаноци вчера, прв, па втор, па трет. На никој не му е јасно кој останува, кој си оди. Приказнава во изминатава недела цело време се вртеше околу нашата репрезентација, и јас бев загрижен воглавно за нив, ама што е со Циндриќ, Атман, Борозан, Марсениќ, Џукиќ? Првиве двајца имаат огромна важност и огромно влијание во досегашниот успех на Металург, зар ќе се чуствуваме убаво ако од утре го носат дресот на Вардар на пример?

Факт е дека никој не сака да игра без плата и дека странците си го бараат чарето и не сакаат да им пропадне сезонава во бунтови и состаноци, ама јас сакам целосен Металург, сакам силен Металург, а да не се лажеме, чисто македонски Металург не е доволно силен за во Лига на Шампиони. Видовме што не снајде по заминувањето на Станиќ и дај Боже да грешам и да ме демантираат уште викендов, ама навистина се плашам дека сивилово ќе продолжи... Е сега се надевам дека барем некои од странците ќе решат да му дадат втора шанса на Металург и полека, но сигурно ситуацијава ќе почне да се средува.

Имаше многу полемики после статустот на Жути дека тие не играат за руски Рубљи, туку дека играат од срце и сега некако врти - сучи излегува навистина така. Странците бегаат, не веруваат веќе на ветувањата, а каква е гаранцијата дека нема и македонските играчи да се изморат и наредната недела или во Јануари да побараат поништување на нивните договори? Реално сеуште имаат неисплатени плати и имаат право на тоа. Што ќе се случи тогаш со Металург? Ова е прашањето кое ми стои во глава и не ми дава мир.

Да ги тргнеме црните мисли и да се насочиме кон она што се случува денес... Огромна желба имам да знам што се случувало на денешниот тренинг на Металург, не можам да замислам како се одвивал, играчите и тренерот не комуницираат помеѓу себе, па можеби преку Брестовац договарале тактика за Ла Риоха. Кога е загубена довербата, и се искажани такви зборови, нема веќе враќање назад, и никако не можам да сфатам како овие играчи ќе се однесуваат кон Червар во наредниот месец и како тој ќе се однесува кон нив, како сите заедно ќе дадат се од себе и ќе се обидат да го извлечат Металург од оваа провалија.

Ако денес можеме да кажеме дека репрезентацијата привидно е спасена, сега на ред е Металург. Победа во недела ќе биде како мелем за сите рани, а за пораз не сакам ни да размислувам. Морате да бидете силни момци, оставете ги на страна сите несогласувања и проблеми, најдете сила, нека ви проработат македонското срце и инает и конечно победете за нас,
Спортски поздрав.

No comments:

Post a Comment